Денот на македонската револуционерна борба официјално го славиме на 23 октомври, затоа што на тој датум во Солун, во 1893 година, е основана Македонската револуционерна организација. И во тоа нема ништо спорно, тоа е ден што е достоен за почит од сите Македонци.
Така беше и годинава, на 23 октомври, во Македонскиот народен театар, во организација на македонската влада, беше одржана свечена академија под мотото „Свои на своето“. Разбирливо, премиерот се обрати со пригоден говор, а по истиот повод беа објавени и неколку колумни во кои се величаше значењето на Организацијата.
Целта на овој текст не е да го коментира говорот на премиерот ниту, пак, да се занимава со колумните. Сепак, ќе укажеме на некои точки од колумните. Во една од колумните во која се митологизираше Организацијата беа споменати трите „чуда“ што Организацијата ги извршила во октомври: основањето во Солун, одбраната на градот Петрич во Пиринска Македонија од грчката војска и атентатот врз српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во Марсеј. Во друга колумна, која експлицитно ја вртеше водата кон бугарската воденица, се опишуваше крајот на сите шестмина основачи на Организацијата, за да се заклучи дека само гробот на Дамјан Груев се наоѓа во денешна Македонија. Потоа следуваше и трета колумна, обид за политички коректен македонистички одговор на втората, со назнака за „расчистување на маглата“, па контраколумна како противодговор со нов обид да се „дорасчисти маглата“ итн. Беше цитиран и Димитар Влахов, според кого, Организацијата најпрво почнала да работи сред населението што ѝ припаѓало на Бугарската егзархија и се однесувала со недоверба кон патријаршистите, католиците и протестантите.
И во овој сѐ уште не толку маглив ноември треба да се каже дека тоа несомнено е точно, затоа што Македонците ја чувствувале Бугарската егзархија како своја црква, која им помогнала да се извлечат од канџите на Грчката патријаршија, но тоа, сепак, е само дел од целата вистина.
Неопходно е да се додаде и дека набргу по основањето на Егзархијата, таа, под диктат на официјална Софија и особено на тогашниот авторитарен премиер Стефан Стамболов, почнала да спроведува централистичка политика во Македонија, која наишла на отпор меѓу тогашната македонска интелигенција. Така, сите шестмина основачи на Организацијата, всушност, се противници на Егзархијата.
Имено, во 1880 година во Солун е основана Солунската бугарска машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, големиот расадник на македонските револуционери, затоа што до нејзиното затворање на почетокот на Балканските војни, 99 отсто од учениците се Македонци, многу мал број се Бугари од Одринско и нема ниту еден ученик од кнежеството (т.е. денешна) Бугарија. Основачот на гимназијата, охриѓанецот Кузман Шапкарев, неколку години подоцна го кани кукушанецот Иван Хаџи Николов да предава аритметика и сметководство, сѐ додека не е избркан од гимназијата во 1893 година, по што отвора книжарница во Солун. И Христо Батанџиев од Гуменџе и Андон Димитров од солунско Ајватово во еден период се учители во гимназијата, а ресенчанецот д-р Христо Татарчев, школуван во Цирих и Берлин, штотуку, во 1892 година, е вработен како лекар во гимназијата. Дамјан Груев од Смилево и Петар Поп Арсов од Богомила уште како ученици во гимназијата го предводат бунтот, кој завршува со заминување на група ученици во Белград, а разочарани оттаму, за Софија, каде што ја основаат Младата македонска книжовна дружина и го објавуваат многу значајното списанието „Лоза“. Откако „Лоза“ е официјално забранета во Софија, се враќаат во Солун.
За основањето на Организацијата бил поканет и кукушанецот Гоце Делчев, добро познат на Хаџи Николов и Поп Арсов, кој тогаш учи за офицер во Софија, но тој не успева да стигне во Солун. Во мемоарите на повеќемина од основачите, запишани од прочуениот бугарски филолог од српско потекло, родениот штипјанец, подоцна академик и прв претседател на Македонскиот научен институт во Софија, Љубомир Милетич, за што треба да сме му неизмерно благодарни, тие тврдат дека услов за членство во организацијата било „новопокрстените“ да бидат противници на Егзархијата и нејзината политика во Македонија. Кога Дамјан Груев конспиративно ги заколнувал новите следбеници врз револверот, камата и Евангелието, прашањето што им го поставувал било: „Дали си подготвен да умреш за Македонија?“. Се разбира, член на Организацијата се станувало само по потврден одговор.
Особено мачно им паѓало тоа што дел од учителите во гимназијата, од кои повеќето биле родум од кнежеството (т.е. денешна) Бугарија, се однесувале арогантно и од висина ги гледале Македонците. Така, учителот по хемија, а подоцна и директор на гимназијата, прочуениот бугарски етнограф Васил К’нчов, човек од доверба на премиерот Стамболов и на егзархот, отворено изјавувал дека дошол во Солун „да ја побугари Македонија“ и дека Македонците за пари се правеле Бугари. Десетина години подоцна, во 1902 година, застрелан е во Софија, во неговата министерска канцеларија, додека е министер за народна просвета, од незадоволниот учител, прилепчанецот Тома Каранџулов.
Нема поголема потврда за спротивставувањето на Организацијата кон политиката на Егзархијата и на официјална Бугарија од книгата „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“. Според мемоарите на основачите, напишана е од Петар Поп Арсов, по нарачка од Централниот комитет на Организацијата и објавена во Софија во 1894 година, што значи непосредно по основањето на Организацијата. Авторот, заради сопствена сигурност, е потпишан под псевдонимот Вардарски, а на корицата стои дека книгата е објавена во Виена иако е објавена во Софија. Во оваа книга, која е нејзина политичка програма, Организацијата се пресметува со „стамболовштината“ и ја обвинува Егзархијата дека преку централизација на училишното дело се обидува да го умртви автохтониот македонски дух и да го претвори македонското население во „мртов труп“ со кој ќе диригира Софија. Исто така, во книгата се упатува силен апел до сите чесни Македонци да ги спасат своите изумирачки црковно-училишни општини, нагласувајќи дека дури и вековните отомански господари не задирале во македонското општинско самоуправување на начин на кој тоа го прави Егзархијата. Книгата, разбирливо, веднаш е забранета во Софија, но по тајни канали се пренесува низ Македонија.
Следната 1895 година, само што паѓа од власт, поранешниот премиер Стефан Стамболов е убиен во Софија од страна на ресенчанецот Михаил Ставрев-Хаљо, во атентат организиран од неговиот сограѓанин Наум Туфекчиев, еден од членовите на Младата македонска книжовна дружина, а подоцна и на Врховниот македонски комитет, подоцна и самиот убиен по наредба на Тодор Александров.
По неколку години, во 1902 година, т.е. само една година пред востанието и пред објавата на епохалното и пророчко дело на Крсте Петков Мисирков, „За македонцките работи“, во Софија е објавена и книгата „Бугарската пропаганда во Македонија и Одринско“, потпишана од „Един Македонец“. Зад псевдонимот, кој неколку децении порано го користи и Шапкарев кога ги објавува своите учебници на македонско наречје, се крие војводата на Организацијата, велешанецот Петар Бошнаков, уште еден поранешен ученик во Солунската машка гимназија и соученик на дел од солунските атентатори – гемиџиите. Во оваа книга остро се критикуваат бугарската државна политика и нејзиното мешање во делото на македонските револуционери, се критикуваат и сите бугарски влади дотогаш, кои, под изговор дека сакаат да му помогнат на поробеното население во Македонија, всушност сакаат да стигнат до беломорскиот брег. Книгата содржи и една радикална историска мисла: „Секој треба да знае дека досега Македонија и Одринско ќе беа слободни ако не постоеше слободна Бугарија“ и многу години пред тоа да стане официјална политика на Организацијата, ја најавува нејзината амбиција за прогласување на Македонија како независна „државица“ на Балканот. Бошнаков е затворен од турските власти во тогаш озлогласениот скопски затвор „Куршумли-ан“ и е еден од ретките што успева да избега од затворот, но, заради тоа што таму заболува од туберкулоза, соочен со последиците од тогаш фаталната болест, се самоубива во Скопје во 1904 година.
И ако книгата на Петар Поп Арсов конечно беше преведена од бугарски на македонски јазик и објавена во 2006 година, тоа не може да се каже за книгата на Бошнаков, кој, колку што ми е познато, само бегло се споменува во македонскиот научен дискурс. Македонската историографија несомнено треба што побргу да ја коригира таа неправда, како што треба да се коригира и прославата на денот на загинувањето на Дамјан Груев на врвот Петлец, Беровско, на 23 декември 1906 по стар стил, т.е. 5 јануари 1907 по нов стил, на денот кога се слави преподобниот Наум Охридски Чудотворец. Имено, за одбележување на годишнината од смртта на идеологот на македонската револуционерна борба не е доволно владина делегација да положи венец цвеќе на неговиот гроб во селото Русиново, туку, заради значењето на Груев како де факто водач на Илинденското востание, тоа чествување треба да се издигне на многу повисоко државно ниво, несомнено исто со она што го има неговиот соборец Гоце Делчев.
Исто така, не е лошо официјална владина делегација да скокне и до Софија за да ги посети гробовите и на д-р Христо Татарчев, чии посмртни останки во 2010 година беа свечено пренесени од Торино, Иван Хаџи Николов, Петар Поп Арсов и на Андон Димитров. Христо Батанџиев е фрлен во Егејско Море од грчката војска во Балканските војни и гробот не му се знае.
Што се однесува до прашањето за датумот на основањето на Организацијата, за нашите предци, според јулијанскиот календар Божиќ секогаш бил на 25 декември, а Нова година (православна, стара, Василица) на 1 јануари. Откако е променет световниот календар, Божиќ го славиме на 7 јануари, а Василица на 14, за да се испочитува точноста на совпаѓањето на празниците.
Истото е и со Илинден. Според стариот календар, Илинден паѓа на 20 јули и македонските востаници, кога го кревале востанието, објавиле дека тоа ќе почне со биење на камбаните на 20 јули, на Илинден. Генерацијата на АСНОМ правилно го превела тој датум во 2 август и го закажала заседанието во манастирот „Св. Прохор Пчински“ токму на Илинден. И ние денес го славиме востанието на 2 август, не на 20 јули, како што би требало ако се земе датумот од стариот календар.
Но токму во прославата на основањето на Македонската револуционерна организација во Солун се зема датумот 23 октомври, според стариот, јулијански календар, кога се слави светиот апостол Јаков, братот Господов. Проблемот настанува што тој датум по стариот календар одговара на 5 ноември по новиот грегоријански календар, кога се слави истиот светител, денот во кој во Солун се собрале шестмина млади македонски интелектуалци што не се повинувале на ниту една власт и ја основале Организацијата. Овој празник – Денот на македонската револуционерна борба, е државен празник од 2007 година, од времето на владеењето на Груевски, така што, може да се рече дека сите ние денес, кои припаѓаме на генерацијата на Груевски (но и на Црвенковски, Георгиевски, Заев, Мицковски итн.) сериозно сме го згрешиле датумот, што само зборува за нашата површност и за нас – современите Македонци.
Оттаму, за да не ни се смеат соседите, нека ни е честит 5 ноември (23 октомври по стар стил), Денот на македонската револуционерна борба, вистинскиот ден на кој во Солун е основана Македонската револуционерна организација.
Патем, иако кружат секакви претпоставени верзии, првото име на Организацијата, според сведоштвото на двајца од основачите, Поп Арсов и Татарчев, е Комитет за придобивање политички права на Македонија дадени со Берлинскиот конгрес, а подоцна Организацијата е преименувана во ТМОРО.
Авторот е писател и режисер
Проф. д-р Атанас Чупоски
































