Законите во природата се многу едноставни, следи ги и решението на секој проблем е на дланка. Но има луѓе што ги мистифицираат нив, тие да бидат Господ наместо Господ, за од манипулациите и заблудите што ги шират, а од потта и парите на другите, да живеат. Затоа, да расчистиме со дилемите околу националното и граѓанското, долго се злоупотребува оваа тема и од писмени и од неписмени, па кои биле национални, а кои граѓански држави…
Сите држави во светот се национални, истовремено и граѓански, затоа што сите се еднакви пред Уставот и законите! Не постои анационална држава во светот! Меѓународното право важи за сите. Сепаратизмот и амбициите на злосторнички здруженија, за големи етнички држави, кои никако поинаку не може да се постигнат освен со војна, етничко чистење и етнички и верски демаркации, се неприфатливи за мнозинството и се санкционираат законски или воено ако провоцираат, нема трета опција.
Откога Софија побара впишување Бугари во Уставот на државата Македонија, а заради елиминација на барањето за реципроцитет – доколку се впишат Бугарите во Уставот на државата Македонија, Скопје да бара и Македонците во Бугарија да бидат впишани во Уставот на државата Бугарија, дежурните платеници проширија демагогија во јавноста дека тоа не е можно, бидејќи Македонија била национална, а Бугарија граѓанска држава, што не е ништо друго туку манипулација за да се заблуди јавноста, а обврската да остане само за Македонија.
Не постои националното наспроти граѓанското, ниту граѓанското наспроти националното! Де факто и де јуре, националното е граѓанско, односно граѓанското е национално! Националното и граѓанското се комплементарни, разбирливо е тоа за тие што знаат дека нацијата е синоним за држава, а не за етничко потекло. Односно нацијата е синоним за сите, а сите во државата се еднакви пред Уставот и законите, независно од етничкото потекло, верското уверување, социјалниот статус, општествената положба и партиската припадност. Се разбира, тоа не го суспендира мнозинскиот етнос како носител на државноста! Тие правила важат во целиот свет и за сите, важат и во државата Македонија, во која носител на државноста е македонскиот народ. Поради тоа, на целата територија во државата Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Македонскиот јазик не е службен јазик на целата територија на државата Македонија и во нејзините меѓународни односи заради дискриминација на тие на кои македонскиот јазик не им е мајчин јазик, туку поради интеграција на нацијата во комуникациите меѓу сите и сите во комуникациите со институциите на системот и тие со нив!
Дежурните платеници шират лаги, за да ја оправдаат Софија во нејзините барања за „Бугари во Уставот на Македонија“, се трудат да го пласираат тоа перфидно, според правилото стопати повторена лага станува вистина. За жал, некои им веруваат, повеќето НЕ! Велат, македонскиот устав е национален, а бугарскиот е граѓански, па затоа во македонскиот устав за очекување било покрај македонскиот народ да бидат именувани сите национални етнички малцинства како заедници, додека бугарскиот устав бил граѓански и затоа во Уставот на Бугарија не се именувал никој. Ха-ха-ха-ха. Дали е баш така? Се разбира НЕ!
И Македонија и Бугарија, како и сите држави, се национални држави истовремено и граѓански, затоа што сите се еднакви пред Уставот и законите, не постојат привилегирани, со права и слободи повеќе во однос на другите.
Имено, во преамбулата на Уставот на државата Македонија се именуваат македонскиот народ и некои етнички заедници, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми и Бошњаци. Поради тоа, македонскиот устав бил национален. Да сме појасни, правата и слободите на националните малцинства не зависат од правата и слободите уредени со Уставот на државата, тие се утврдени со меѓународното право, секоја држава е должна да го почитува и да го спроведува!
Ама, ајде, да ја прочитаме и преамбулата на Уставот на Република Бугарија, за да видиме, колку Бугарија е само граѓанска, а не и национална држава. Во преамбулата на Уставот на Република Бугарија пишува: „Ние, претставниците на седмото големо национално собрание, во нашиот стремеж да ја изразиме волјата на БУГАРСКИОТ НАРОД…“ Понатаму, во членот 1 од Уставот на Република Бугарија се вели: „(1) Бугарија е република со парламентарна влада. (2) Целата државна власт произлегува од народот. Ја врши тој директно и преку органите предвидени со овој Устав. (3) Ниту еден дел од народот, политичка партија или друга организација, државна институција или поединец не може да го присвои вршењето на НАРОДНИОТ СУВЕРЕНИТЕТ“.
Во преамбулата на Уставот на Република Бугарија не пишува никој друг туку само бугарскиот народ. И кога за ова ќе им спомнете, еве и во вашиот устав пишува за бугарскиот народ, одговорот е дека бугарскиот народ бил спомнат како демос – сите заедно независно од етничкото потекло, а не како етнос.
Бугарија нема закон за национални малцинства. Легална дефиниција на „национално малцинство“ во бугарското право нема! Бугарија формално не признава постоење на национални малцинства на своја територија, дефинирајќи се како еднонационална држава според декларацијата дадена при ратификација на Рамковната конвенција. Нема систем за признавање на националните малцинства. Уставот на Бугарија само во членот 54 вели дека секој има право да ја развива својата култура во согласност со етничката самоидентификација.
Во Бугарија има Закон за заштита од дискриминација (2004) – општ антидискриминациски закон, а не закон за малцинства. Рамковната конвенција на Советот на Европа за заштита на националните малцинства – Бугарија ја потпиша во 1997, ја ратификуваше во 1999, но никогаш не донесе внатрешен закон за нејзино спроведување. Бугарија формално има Национален совет за соработка по етнички и интеграциски прашања при Министерски совет – координативно и консултативно тело што ѝ помага на владата по прашања на интеграција, составено од министерства и невладини организации што ги претставуваат малцинските интереси. Во пракса, преку тој Совет државата де факто работи со турското, ромското, ерменското и еврејското малцинство, но македонското не е вклучено. Македонците се исклучени од бугарскиот Национален совет за прашања на етничката интеграција на малцинствата. Меѓународните организации како малцинства во Бугарија ги вклучуваат Турците, Ромите, Русите, Ерменците, Власите, Македонците, Грците, Украинците, Евреите, Романците и други, кои Бугарија официјално не сака да ги признае како „национални малцинства“ со колективни права, за да не мора да признае и македонско.
Со Македонци и македонски народ паѓа во вода лажната историја на Бугарија и бугарскиот народ. Затоа што кога ќе ја разложите Бугарија на Македонија, Мизија и Тракија – НЕМА БУГАРИЈА!
Затоа аманте, крај на демагогијата, престанете да лажете, вие, кои ја убедувате јавноста дека во македонскиот устав може да се впишат Бугарите, бидејќи Македонија била национална држава, ама во бугарскиот устав не можеле да се впишат Македонците, како и другите национални малцинства, бидејќи Бугарија била граѓанска држава!
Бугарија метафорички е „фашистичка“ држава, бидејќи во својот устав ги исклучува сите, освен БУГАРСКИОТ НАРОД. Писмените читаат и знаат да прочитаат – го читаат тоа што го пишува во преамбулата на бугарскиот устав – БУГАРСКИОТ НАРОД. И бидејќи во Бугарија сите се Бугари, а за други место нема, токму затоа во бугарскиот устав не можеле да се впишат посебно Македонците, како што Софија го бара тоа за Бугарите во Уставот на државата Македонија. Па, софиските платеници и врховисти велат, Македонците не може да се впишат во бугарскиот устав, бидејќи Бугарија е граѓанска држава, ама Бугарите може да се впишат во македонскиот устав, затоа што Македонија била национална држава.
Точно, по државјанство во државата Македонија сите се Македонци, како што по државјанство во државата Бугарија сите се Бугари. Ниту во државата Македонија, ниту во државата Бугарија државјанството не означува етничко потекло, ниту, пак, во личните исправи има графа во која го пишува етничкото потекло на македонските, односно бугарските државјани!
И, да привршиме, за да поентираме. Основен принцип на меѓународното право е принципот на „суверена еднаквост“, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи.
Македонија во Балканските војни 1912-1913 година не ја поделиле за да го решат, туку конечно да го затворат македонското прашање. Учесничките во Балканските војни – Србија, Бугарија и Грција – со Букурешкиот договор од 10 август 1913 година извршија окупација врз Македонија и геноцид врз деловите на македонскиот народ во окупираните делови од Македонија.
Бугарско прашање во Македонија, Косово и во Албанија НЕ ПОСТОИ! Да, има софиски врховисти што за привилегии од Бугарија (пасоши, ситна финансиска помош поради невработеност…) се пишуваат „со бугарско самоспознание во Македонија“, еднакво на статистичка грешка. Но како експоненти на интересите на Софија во Македонија и за Македонците, тие не може да бидат нејзина петта колона, преку нив Софија како администратор да ги дестабилизира државноста на Македонија и идентитетот на народот македонски.
Понатаму, окупаторите на Македонија и македонскиот народ, културата и историјата од окупираните делови на Македонија ја инкорпорирале како државна култура и историја на Србија, Бугарија, Грција и Албанија.
Само за потсетување, за да ги одроди Македонците во вардарскиот дел од Македонија во Срби, како што Атина работеше да ги одроди Македонците во егејскиот дел од Македонија во Грци, Белград со договор од Атина доби право на користење на солунското пристаниште 50 години без надомест од 1924 до 1974 година и во времето на поранешна СФР Југославија.
Феноменот на Балканот, односно македонскиот полуостров е многу едноставен и уникатен: (1) Секој тврди дека граничи со самиот себеси од сите страни; (2) Секој ги обвинува другите дека му ја крадат културата и историјата; (3) Сите слават исти датуми, настани и личности, само зависи кој од која страна на границата е, за да каже мои се; (4) И, за Белград, Македонците се Срби, за Софија, Македонците се Бугари, за Атина, Македонците се Грци, за Албанија, Македонците се Албанци. Кога Белград тврди дека Македонците се Срби – Софија, Атина и Тирана молчат. Кога Софија тврди дека Македонците се Бугари – Атина, Тирана и Белград не коментираат. Кога Атина тврди дека Македонците се Грци – Тирана, Белград и Софија не се спротивставуваат. Кога Тирана тврди дека Македонците се Албанци – Белград, Софија и Атина не демантираат. Ако Македонците, според балканските метрополи, се и Срби и Бугари и Грци и Албанци истовремено, заклучокот е многу едноставен: И Србите и Бугарите и Грците и Албанците како политички нации во основа се етнички Македонци. Тогаш, никој од никого ништо не краде, секој од сите страни се граничи со самиот себеси, сите слават исти датуми, настани и личности, затоа што сите во основа се етнички Македонци!
Но иронијата да биде поголема, само кога Македонците за самите себеси тврдат дека се Македонци, и Белград и Софија и Атина и Тирана се единствени во агресијата по сите основи: Им негираат име, народ, држава, јазик, култура, историја, црква, граници, територија.
Со дисолуцијата на поранешна СФР Југославија во 1990 година, повторно реинкарнира темата за Македонија и македонското прашање на Балканот. Кај сите балкански метрополи се зголеми и загриженоста, што ќе остане од нашата (нивната, м.з.) култура и историја, ако ова парче земја (се мисли на државата Македонија) воспостави ексклузивно право врз културата и историјата на Македонија?! И затоа, специјалната војна за демонтажа на државноста – Македонија од држава на македонскиот народ да се демонтира во држава на национални малцинства, меѓу нив и Македонците, како едно од многуте. А, како поинаку, ако не со политиките на „раздели, па владеј“ и со домашните предавници. Затоа, епилогот – шарената револуција за рекомпонирање на владата на ВМРО-ДПМНЕ и марионетската влада на Зоран Заев, со епилог: договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година и спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2018 година.
Не е точно дека правата и слободите на некое национално малцинство во Македонија зависат од тоа дали е впишано во Уставот или не. За правата и слободите на националните малцинства важи меѓународното право, чиј потписник се и Македонија и Бугарија. Дали некое национално малцинство е впишано во Уставот или не е впишано е ирелевантно, затоа што државата е должна да ги почитува нивните права и слободи уредени во меѓународното право!
Македонија во Уставот нема да впише „бугарско малцинство“, туку „делот од бугарскиот народ“. И тука е замката, бидејќи за Софија не постои македонски народ, а Бугарија е матична држава на бугарскиот народ, формулацијата „делот од бугарскиот народ“ (иако се неколку стотини) ќе значи сите Македонци во Македонија се дел од бугарскиот народ – или Македонија е втора бугарска држава. А со време со отворање универзитети, медиуми, едукација на бугарската приказна за Македонија, во што нескриено ќе им помагаат албански сепаратистички сили во Македонија (и тие би добиле дел од Македонија), ќе се галопира кон дезинтеграцијата на државноста на Македонија.
Бугарија, иако е потписник на многубројни акти на меѓународното право, ги суспендира правата и слободите на националните малцинства. Во тоа е проблемот! А не дали државата била национална и граѓанска! Во ниту една лична исправа во Бугарија нема графа во која е запишано етничкото потекло, бугарско државјанство во пасошите и личните карти на Бугарите не означува етничко потекло, туку државјанство, независно колку Агенцијата за Бугарите во светот ги брои тие на кои со македонско, албанско и косовско државјанство им дала и бугарско државјанство – дале изјави дека корените им се бугарски! Тие лични изјави се само за интерна употреба и за лечење фрустрации на Софија! Во бугарските лични исправи нема графа за етничко потекло, како што нема ниту во македонските лични исправи!
Заклучокот: Македонија е национална и граѓанска држава, како што и Бугарија е национална и граѓанска држава, какви што се сите држави во светот!
Бидејќи за Софија, бугарскиот народ во преамбулата на нејзиниот устав не означувал етнос, туку демос, еве и Македонците ја прифаќаат бугарската нација како политичка нација со своја културна идентификација, не се мешаат во внатрешните работи на Бугарија и во нивната историја и корени во Татарстан, Кина и Монголија. Меѓутоа, отфрлаат територијални претензии и грубо мешање на Софија во внатрешните работи на државата Македонија. Македонците се за историско македонско-бугарско помирување и за договор за траен мир и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија, но не врз асиметрични договори, кои дури и погрешно се толкуваат, туку врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи! Разликите во читањето на историјата како суверено право на суверените држави не смеат да ги блокираат интегративните, билатералните и мултилатералните односи! Соработката, координацијата, размената на искуства и информации мора да продолжи, бидејќи Земјата се врти, времето не се враќа, а животот продолжува. Ако вие не ми отворите врата, нема да умрам на прагот пред вашата куќа, светот е преголем за да се случи тоа. Европскиот центризам и американскиот унилатерализам се трајно минато свршено време, историјата не почнува во Брисел, не завршува во Брисел и Вашингтон. Светот се гради на мултиполарни основи и Македонија мора да ја приспособи својата надворешна политика на новата геополитичка карта. Македонија мора да гради политики на активен мултилатерализам – од пријатели никогаш доста, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост како неутрална држава. И тоа мора да се почитува – одлуките од двата референдума од 8 септември 1991 година и 30 септември 2018 година! Тие се непроменливи и задолжителни за сите, особено за власта и за опозицијата!
Тодор Петров
































