По повод Меѓународниот ден на младите, на 11 август во Скопје, во градскиот парк – Школка, беше организираа интересен настан, со учество на голем број креативци, активисти и поддржувачи на млади таленти.
Со звуците на хармоника на младиот Алдин Мурати свечено започна настанот за прославување на Денот на младите. Тоа беше проследено со поздравни говори на Моника Сандри, привремена вршителка на должноста постојана координаторка на Обединетите нации, и Наумче Мојсовски, директор на Агенцијата за млади и спорт.
По поздравните говори следуваше кратка презентација на процесот на изработка на Националната стратегија за млади 2023-2027 од страна на Гордана Цекова од Агенцијата за млади и спорт, која истакна дека се работи на акциски план, кој моментално е во владина процедура, а се очекува дека ќе биде усвоен во септември.
На настанот се додели и наградата за младинско учество во три категории, а добитници на наградата се Гоше Николов во индивидуалната категорија за млади, училишниот спортски клуб ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“, во категоријата на неформални групи на млади, и здружението на граѓани „Младите можат“, во категоријата на младински организации, организации за млади и чадор-организации.
По доделувањето на наградите, младите и присутните имаа можност да ги посетат промотивните штандови на младинските организации и институции што спроведуваат активности за млади и одблиску да се запознаат со нивната работа.
Вечерта продолжи со неофицијалниот дел на настанот со прогресивните рок-звуци на „Рома рок скул“ и Димиш од колективот „Гола Планина“, како и вкусна закуска приготвена од млади луѓе што поминаа обука за кулинари.
Настанот го организираа Канцеларијата на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во Скопје и Младинскиот образовен форум (МОФ), во партнерство со Агенцијата за млади и спорт (АМС), Програмата за развој на Обединети нации (УНДП), Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Активноста на УСАИД за млади што активно создаваат можности.