Животни

Зоолошката градина „Шенбрун“ во Виена шести пат по ред е прогласена за најдобра во Европа. Од почетокот на рангирањето во 2008 година, таа е на врвот на листата, а наедно е и најстарата зоолошка градина во светот.
При оценувањето беа земени предвид 40 критериуми, вклучувајќи размножување, грижа, број и разновидност на животните, заштита на видовите, зоопедагогија, број на посетители, маркетинг и гастрономска понуда. Оваа знаменитост долго време не само што е омилено место за одмор туку е и место за одгледување животни, едукација и разни истражувања за животните.
– Сакаме да го разбудиме интересот на нашите посетители за дивиот свет и неговата заштита. Во последниве години, имавме неколку успеси, како што се одгледување коала, раѓање младенчиња од гепард и од поларна мечка, како и отворање нов парк за берберско макаки (вид мајмун) – изјави директорот Стефан Херинг-Хагенбек.
Тој додаде дека нивната главна цел е да го ублажат исчезнувањето на видовите.
Комбинацијата на културата и модерните техники за градење на ова наследство на УНЕСКО е единствена и импресивна. Информативните табли, како и многуте понуди за зоопедагогија ја нагласуваат посветеноста на оваа институција кон образованието и науката.