Во охридското село Рамне, кое се наоѓа на просторот на националниот парк Галичица, се сплотија децата и локалното население. Дружбата започна во Инфоцентарот на националниот парк во Охрид, каде што се зборуваше за важноста на заштитените подрачја.
Еколошката едукација продолжи и по патот кон селото Рамне, каде што, пак, дечињата заедно со сопствениците на домаќинската куќа „Пирустија Неданоски“ приготвуваа традиционална храна. Таму ги пречека домаќинката Наташа Неданоска, инаку професорка по македонски јазик, еколог и чуварка на традицијата, која ги запозна децата со традиционалната храна од овој крај, а потоа сите можеа да уживаат во вкусот и мирисот на храната приготвена на старински начин.
За успешно завршената работилница, децата заслужено добија сертификати и уште еднаш се потврди дека поврзаноста меѓу природата и традицијата е голема и потребна и дека овие работилници и средби треба да бидат почести.
Инаку, еколошката едукација е составен дел од управувањето на јавната установа национален парк Галичица. Во 2020 година беше креирана и нова петгодишна Стратегија за еколошка едукација на НПГ за периодот (2021 – 2025 година), во која подетално се разработени визијата, мисијата и стратегиските цели на Стратегијата за еколошка едукација, нејзините приоритети, како и акциски план за нејзино спроведување – рече Ангела Тасеска, соработничка за еколошка едукација во националниот парк Галичица.

Ф.Д.


Чувари на природата

Познавам еден Мете
тој е екодете,
ви кажувам на глас,
екодете посакав,
да станам и јас.

Да го прашам,
отидов кај Мете,
што треба да правиш
за да станеш екодете.
– Кога вода не пиеш
и забите не ги миеш,
чешмата не допуштај
без потреба да тече
– така Мете рече.

– Многу вреди, многу вреди,
вода, вода, да се штеди!

Светилките в соба
ако не е темно,
не треба да светат,
струја да се штеди,
ако не е мрак,
ако не е вечер –
така Мете рече.

Тетратката и блокчето
немој да ги кинеш,
немој да ги чкрташ,
ако не пишуваш,
ако не боиш, ако не црташ.
Со тоа, како прво и прво,
живот ти му спасуваш
на некое дрво.

Како второ и второ,
во градинка и в училиште
не со автомобил, тато да вози,
подобро е со велосипед,
за чист воздух, за почист свет.

Кога си во парк или на летување,
зад себе оставај сѐ да биде чисто,
сето ѓубре во канта да го фрлаш,
да биде како пред да дојдеш исто.
Важно е, другарче, и тоа
отпадот да се селектира,
хартија и пластика,
секој отпад да се рециклира.

Во дворови, во паркови
пред куќа и меѓу згради,
потребно е и најубаво,
дрвца и цвеќиња да садиш.

Ми објасни тој
сѐ по ред,
говорливо и вешто,
сфатив дека
да си екодете
не било многу
тешко.

Не кријам
и ветувам, ете,
отсега ќе бидам
– екодете!

Ајде и ти биди
како нас,
ќе ги чуваме планините и дрвјата,
парковите и животните,
цветовите и водата,
да бидеме сите
верни чувари на природата.

Филип Димкоски
(Од книгата „Заедно да растеме“)