Балкански писатели за деца во „Колибри“: Љубивое Ршумовиќ

Денеска во рубриката „Балкански писатели за деца“ во „Колибри“ ќе ви претставиме дел од творештвото на познатиот српски писател Љубивое Ршумовиќ, во препев на Васил Мукаетов, исто така автор за млади.
Станува збор за песни од неговата збирка „Фори и фазони“, која Мукаетов ја превел како „Итрини и ѕврчки“, која веќе има четири продолженија, а првиот дел, со кој се позабавил тој, излезе во издание на издавачката куќа „Лагуна“ од Белград.
Уживајте во песните и смешните згоди што популарниот Ршум ги напишал за децата, но и за целото семејство и научете многу неважни работи, што ќе ви бидат неопходни кога ќе бидете големи.
Фазоните и форите, односно итрините и ѕврчките, како што ги нарекува Мукаетов, ги учат децата на основните животни вистини, бидејќи преку шегите најдобро се штити растењето. Книгата е преполна со дух и фантазија и сигурно со здрав хумор ќе ве доведе и до здрава памет.

Писателот Васил Мукаетов долго време посакувал да препее некоја од песните на Ршумовиќ, кого го почитува како автор, а во неговото творештво пронаоѓа некои допирни точки со своето, бидејќи и тој на современото дете го гледа како на рамноправен соговорник и низ ведрите стихови ги пренесува неговите пораки до младите читатели. Основната карактеристика на неговата поезија е непосредноста што низ метафорите ја воспоставува со своите читатели – децата, благиот хумор и шармантната лексика, во духот на денешните деца.
Љубивое Ршумовиќ (83) почнал да пишува уште како основец, во родниот Љубиш. Се школувал во Чаетина, Ужице и во Белград, каде што дипломирал на групата за компаративна книжевност. Првите песни ги објавил како гимназијалец, а во 1965 година се вработува во Радио Белград, во Редакцијата за деца. Својот литературен талент го вградил во емисиите „Вторник навечер – ма, што ми рече“, „Во сабота во два“, „Весел вторник“. Во 1969 г. се сели на ТВ-екраните и ги снима култните детски серии: „Двоглед“, „Илјади зошто“ и „Ајде да растеме“. Пишувал сценарија, режирал и снимил над 600 емисии, а негова е и една од најпопуларните серии за деца во некогашна Југославија, „Фори и фазони“, која имаше 142 епизоди. Освен за деца, снимил и неколку документарни серии за возрасни.Од 1986 до 2002 година беше директор на театарот „Бошко Буха“.
Објавил над 80 книги, главно за најмладите читатели. Негови најпознати дела се: „Ма, што ми рече“, „Уште само али ни фалат“, „Татковината се брани со убавина“, „Ујдурми и зврчки од стара Грција“, „Сончање на месечина“, „Три јазли на трепката“…
Васил Мукаетов (80), со своите читатели другарува од шеесеттите години на минатиот век преку тогашните списанија „Титов пионер“, „Другарче“, „Нова Македонија“ – „Колибри“, сè до денешните „Развигор“ и „Другарче“. Застапуван е во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основно образование. Член е на друштвото на писателите и добитник на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца во 2017 година за „Скокни – прескокни“. М.Т.

Да сум Пипи Долгиот Чорап

Кога би била славната Пипи,
Би посетила пират на кораб.
Ќе прашам – што тоа
им чкрипи
Да не го имаат
Долгиот Чорап?

Би отишла кај Индијанците,
За пченката и компирот заслужни,
Ќе им заблагодарам во име
на странците
Лулето на мирот
ќе го испиеме
Здружени.

Би било сјајно
Нашите деца
Така просечно
Да посетат некого
барем месечно,
Луѓето да видат
Во секојдневието сиво
И нешто убаво
Во својот живот.

Луѓето често
чувствуваат тага
И бес и очај околу кружат,
Поинаку помош не се гледа
Туку меѓу себе да се дружат.
Добриот збор е лек на место
Па и за овие нервозни болки.
Децата први отвораат светло
како азурни, седефести
школки.
Нам на децата фантазијата ни е на штрек.
Даруваме радост по сиот свет.

Би било сјајно
Нашите деца
Така просечно
Да посетат некого
Барем месечно,
Луѓето да видат
Во секојдневието сиво
И нешто убаво
Во својот живот.

Вљубени глувци

Еден ден, глувчицата
Стојанка
Се шетала сред Крива
Паланка.
Па покрај реката Крива
Случајно, како што бива –
На овој наш убав свет,
Сретнала глушец
развиен атлет.
Тој е Мишо црквениот
кираџија,
Мускулест фалбаџија.
Едно видување, бендисување,
Вљубување.
Токму за Мишо Љубов што не
свенува
Идол што не се менува
Затворен круг.
За Стојанка – Мишо,
и никој друг.
Среќа освоена.
Се родија глувчиња, сурија
неброена.
Живот среќен и таков
ќе биде
На видело бело, мачор не е виден.
Секој живот има своја точка
Не е ова играчка и плачка.
Само овој глувчевиот,
И точка и мачка.

Одјавна песна

Некои ги имаат морињата,
Други пак планините,
А што имаат децата?
Ѕврчките и итрините!

Жабите имаат батаци,
Соседот – нозе издолжени,
А што имаат децата?
Местенки продолжени.

Некои се кукавици
Витезите се борат,
Децата смислуваат
Итрини да сторат!

Некој сака мудреци,
Друг пак волшебниците,
Што децата најмногу?
Трките по ходниците!

Во ушите нека ѕвонат,
Расправии на сто теми.
Ако сакаш да те фалат,
Смисли ѕврчки и проблеми!

Автор: Љубивое Ршумовиќ
Препеал: Васил Мукаетов