Геоглифот во Општина Свети Николе / Фото: Дуле Јанев, продукција „Аристон“

ЗА ОВЧЕПОЛСКИТЕ РАБОТИ (8)

  • Овче Поле – поле за соларни паркови, ветерници и депонија или поле за културен натпревар, археолошки резерват и туристичка дестинација?

Овчеполието претставува еден од најспецифичните, но истовремено и најнеискористени региони во Македонија од аспект на културно-историскиот и алтернативниот туризам. Со својата богата археолошка ризница, античкиот локалитет Билазора, мистичните и светски препознаени феномени како Говедаровиот Камен, овчеполскиот геоглиф и редените камења, како и длабокото христијанско и духовно наследство, Општина Свети Николе поседува исклучителни предуслови да прерасне во атрактивна дестинација на туристичката мапа на регионот. Сепак, јазот помеѓу објективниот потенцијал и реалната состојба на терен е резултат на долгогодишна институционална пасивност, недостиг од визија и отсуство на стратешки приод за валоризација на овие ресурси. За да се надмине ваквиот децениски застој, неопходни се дефинирање јасна развојна патека и преземање конкретни координирани чекори.
Општина Свети Николе воопшто не е мала по територија и зафаќа значаен дел од Овчеполието. Иако природно припаѓа на Брегалничкиот Регион, односно источниот регион, бидејќи во самиот југ на општината поминува реката Брегалница, оваа општина е дел од вардарскиот плански регион. И покрај големата заинтересираност, како на македонската така и на меѓународната јавност за неколку локации од Овчеполието, кои активно беа промовирани во изминатата деценија и пол, сè уште отсуствува реална работа од локалната самоуправа, планскиот регион и Министерството за култура и туризам со туристичкиот потенцијал на Овче Поле и Општина Свети Николе како центар на истиот тој.
Вестите за истражувањата на геоглифот во Општина Свети Николе, кои се одвиваа во 2014 година, ги обиколија не само балканските туку и светските медиуми. Резултатите од овие истражувања, кои беа први неинвазивни археоакустични истражувања во Република Македонија, и научните трудови во кои беа соопштени, низ годините беа интерпретирани и на „Хистори ченл“ (History Channel), но и во книга на Греам Хенкок, еден од најпопуларните „алтернативни“ толкувачи на човечката историја. И покрај тоа што во трудовите јасно е потенцирана можноста за постоење подземни простории, досега не само што не се извршени археолошки истражувања туку и целосно се занемарени туристичкиот потенцијал и огромниот интерес за посети, кој се зголемува постојано.
Античкиот локалитет Билазора, каде што можеби постоел древниот пајонски град Бела Зора, и покрај сензационалните изјави на многу официјални претставници во изминатата деценија и пол, е далеку од валоризирање на туристичкиот потенцијал со кој располага. Конзервацијата и реставрацијата се неспоредливи со оние на археолошките локалитети од истиот период на антиката, кои во изминатите неколку децении се промовирани во некои од соседните држави.
За интерпретација на името на градот и општината – Свети Николе, соодветно промовирање како „град со име на светец“ поради историските факти, според кои, до 1945 официјалното име на градот било Свети Никола, нема никаква конкретна работа од одговорните за туризам и локален економски развој во општината, и покрај добронамерните укажувања од изминатата деценија. Истовремено, отсуствуваат вниманието и грижата и кон старите манастири и цркви, како и нивно соодветно чување. Пример за апсолутната незаинтересираност е најстарата зачувана црква во Овчеполието, која се наоѓа во селото Буриловци и која како и многу други во регионот е посветена на Свети Николај Чудотворец.
Потенцијалот за транзитен туризам, поради непосредната близина на автопатот Миладиновци–Штип до градот Свети Николе, досега воопшто не е употребен.

Што треба да се направи?

Инвестирање во човечки капацитети: Доделување општински стипендии за млади луѓе од регионот за едукација и усовршување профили за менаџирање мали селски туристички капацитети и лиценцирани туристички водичи.
Субвенционирање на руралниот туризам: Воведување директни општински и регионални субвенции и олеснувања за адаптација и изградба на капацитети за рурален и алтернативен туризам, земајќи го предвид фактот дека целата општина, вклучително и самиот град, претставува рурална средина со под 30.000 жители.
Ангажирање локални експерти: Вклучување и професионално ангажирање локални истражувачи, историчари, водичи и граѓански активисти, кои суштински го познаваат историскиот, природниот и археолошкиот потенцијал на Овчеполието.
Сеопфатна дигитализација на понудата: Изработка на модерен, повеќејазичен официјален туристички веб-портал за Овче Поле. Креирање дигитален географски близнак (дигитална интерактивна мапа) на општината и регионот со виртуелни туристички 3Д-тури. Развој на посветена мобилна апликација со аудиоводичи и навигација низ клучните локалитети.
Издавачка и промотивна дејност: Печатење висококвалитетни повеќејазични туристички брошури, мапи и монографска серија книги за геоглифот, Билазора, сакралното наследство и митологијата на Овчеполието.
Привлекување стратешки инвестиции: Подготовка на специјализирани инвестициски каталози и организирано презентирање на регионот пред домашни и странски инвеститори од областа на угостителството, етнотуризмот и транзитното сместување.
Искористување на транзитниот коридор: Поставување соодветна туристичка сигнализација и информативни билборди по должината на автопатот Миладиновци-Штип и регионалните патишта што минуваат низ општината со цел насочување на транзитните патници кон градот и локалитетите.

Заштита и инфраструктурно поврзување: Систематска конзервација на средновековните цркви и манастири (со акцент на црквата во с. Буриловци) и уредување на пристапните патишта и патеки до постојните туристички атракции.
Отворање канцеларија за управување, маркетинг и Туристички информативен центар: Формирање професионално тело/канцеларија на локално и регионално ниво за стратешко управување со дестинацијата, маркетинг-кампањи и брендирање на Овчеполието, како и отворање современо опремен инфоцентар во градот за директна поддршка, информирање и за насочување на домашните и странските посетители.
Трансформацијата на Општина Свети Николе и Овче Поле во препознатлив туристички бренд бара итен премин од празни ветувања кон стратешка и одржлива акција. Преку синергија помеѓу локалната самоуправа, централната власт, приватниот сектор и локалните ентузијасти, регионот може да создаде автентичен туристички производ што комбинира археологија, духовност, рурален амбиент и современа дигитална промоција. Инвестирањето во младите кадри, зачувувањето на културното наследство и паметното искористување на транзитната положба по должината на модерната патна инфраструктура не само што ќе го заштитат уникатниот идентитет на Овчеполието туку директно ќе го поттикнат локалниот економски развој и ќе отворат нови перспективи за целата заедница.

М-р Никола Ристевски