Деведесет години од раѓањето на Јован Петров
Јубилејната изложба под наслов „90 години од раѓањето на Јован Петров“, посветена на творештвото на македонскиот уметник и конзерватор, е поставена во објектот „Чифте-амам“. Свеченото отворање и промоцијата на печатеното јубилејно монографско издание ќе бидат на 20 август, во 20 часот, во истиот простор. Изложбата е дел од програмските активности на Националната галерија за 2026 година, а е поддржана од Министерството за култура и туризам на Македонија.
Јован Петров (с. Бегниште, Тиквешко, 1936 – Скопје, 2011) е македонски сликар, конзерватор и реставратор, автор што со своето разновидно творештво и исклучителна конзерваторска дејност оставил траен белег во историјата на македонската уметност. Средното образование го завршил на Школата за применета уметност во Скопје. Дипломирал во учебната 1961/1962 година на Академијата за ликовна уметност во Љубљана. Во 1964 година се запишал на постдипломски студии на Конзерваторскиот оддел при Академијата за ликовна уметност во Љубљана, каде што специјализирал конзервација и реставрација на уметнички дела изведени во различни сликарски техники, како и научно испитување на материјалите и технологијата на нивната изработка. Истата година престојувал во Париз како конзерватор на изложбата „Уметност на тлу Југославије“. Во 1965 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Словенија, по што изложувал во Љубљана, Грац и во Милано. Истата година се вработил во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата во Скопје, каде што ја изградил својата богата професионална кариера како конзерватор и реставратор.
Во текот на својата кариера работел на конзервацијата и реставрацијата на голем број икони, штафелајни слики и фрескоживописи, меѓу кои и оние во црквата „Св. Пантелејмон“ во Нерези, црквата „Св. Богородица Перивлепта“ во Охрид, како и на многубројни други споменици на културата од исклучително значење. Од 1969 година бил член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Автор е на голем број стручни трудови посветени на македонскиот фрескоживопис и конзерваторската практика, меѓу кои „Непознат фрескоживопис“ (1971), „Истражувачки работи на живописот во црквата ’Св. Петка‘ во село Брајчино“ (1975), „Истражувачки и конзерваторски работи во црквата ’Вознесение – Св. Спас‘ во Штип“ (1975), „Портрет на Драгица – автор Димитар Андонов (конзервација на делото)“ (1977), како и текстот.
„Стара црква и фрескоживопис во манастирот ’Св. Јоаким Осоговски‘“, објавен во весникот „Нова Македонија“. Во 1980 година, „Филмски новости“ од Белград снимиле документарен прилог за неговата конзерваторска работа во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, кој бил прикажуван во југословенските кина. Истата година бил одликуван со Орден на трудот со сребрен венец, кој му го доделил претседателот на СФР Југославија за особени заслуги во областа на конзервацијата. Особено важно место во неговото творештво зазема живописувањето на Архиепископскиот соборен храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Паралелно со својата конзерваторска работа, Петров интензивно се занимавал и со сликарство. Со своето разновидно творештво и исклучителна конзерваторска дејност оставил траен белег во историјата на македонската уметност. Неговото дело претставува значајна синтеза на сликарската креативност, научноистражувачката работа и заштитата на културното наследство, поради што денес се вбројува меѓу најзначајните македонски уметници и конзерватори од втората половина на 20 и почетокот на 21 век.
– Визијата за уметноста на Јован Петров ги поврзува минатото и сегашниот момент на создавање, наедно и раслојувањето на слоевите патина од иконите и фреските. Дисциплиниран по природа и исполнет со професионално чувство за одговорност кон својата професија, конзерваторот Јован Петров оживеал многу светители во нашите цркви и манастири, а како на врвен специјалист во заводите за заштита му била доверувана и непосредната заштита на платната и цртежите на основоположниците на македонската модерна уметност. Тој успешно реставрирал оштетени и подложни на пропаѓање и многу важни слики (голем дел портрети и пејзажи, денес дел од значителната колекција на Националната галерија) на македонските уметници: Ѓорѓи Зографски, Димитар Андонов Папрадишки, Никола Мартиноски и други значајни сликари во збирката – вели Маја Чанкуловска-Михајловска, виша кустоска.
Творештвото на сликарот Јован Петров претставува обемен и интересен творечки израз во целокупната македонска современа ликовна уметност, тој им припаѓа на оној вид ликовни уметници за кои уметноста претставува хумана мисија преку која се облагородува човечкиот дух.
– Петров истовремено е сликар и научник истражувач, кој со помош на платното и бојата се обидува да навлезе во „суштината на нештата“, благодарение на што неговата творечка енергија во сите овие сегменти предизвикува восхит и емоции. Врз уникатниот сликарски стил на Јован Петров влијаат неколку клучни фактори, кои прават спој меѓу строгата словенечка академска школа и неговата длабока посветеност на конзервацијата на средновековното македонско византиско творештво. Местото што го зазема Јован Петров во македонската историја на уметноста произлегува токму од неговиот повеќеслоен интерес за уметноста и конзервацијата, односно уметноста што на автентичен начин извира од основите на културното наследство, станувајќи и самата дел од него.
Карактеристична за творештвото на Јован Петров е длабоката емотивна конотација, рефлектирајќи ги внатрешната уметничка филозофија и културната меморија на просторот од кој потекнува, користејќи ја конзерваторската пракса за да изгради сопствена филозофија на сликање со длабоки етички и естетски корени во сопствената почва. Упатуваме голема благодарност до семејството на Јован Петров што ни овозможи да ги изложиме неговите дела – дополнува Маја Чанкуловска-Михајловска, виша кустоска.
Колекцијата е во сопственост на семејството Петрови, истакнаа од Национална галерија. Авторка на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виша кустоска, а стручни соработници се Маја Неделкоска Брзанова, кустос-советник е м-р Владимир Таневски, а Емил Петров и Антонио Пирковски се конзерватори.
Изложбата ќе биде отворена до крајот на август. С.Ј.


































