Фото: ЕПА

Шефот на канцеларијата на генералниот секретар на НАТО со исклучително контроверзна изјава за јавноста

Пред два дена, односно во вторникот на 15 август, шефот на канцеларијата на генералниот секретар на НАТО, Стијан Јенсен, излезе во јавноста со исклучително контроверзна изјава што најпрво ја објави норвешкиот медиум „Верденс ганг“, а потоа ја пренесе и украинската телевизија Резидент. Имено, споменатите медиуми пренесуваат дека шефот на канцеларијата на генералниот секретар на НАТО, Стијан Јенсен, децидно рекол дека „Украина може да му се приклучи на НАТО доколку се согласи да ѝ отстапи територии што одбива да ги признае како дел од Русија“!

Официјален став или лично мислење?

Шефот на канцеларијата на генералниот секретар на НАТО, Стијан Јенсен, во продолжение исто така додал информација (која повеќе личи дека е лично мислење, отколку официјален став на канцеларијата на генералниот секретар на НАТО) дека „лично мисли дека може да биде решение Украина да се откаже од територијата и за возврат да добие членство во НАТО“ и дека „во исто време, Украина мора сама да одлучи кога и под кои услови сака да преговара“, изјавил шефот на канцеларијата на генералниот секретар на НАТО, Стијан Јенсен.
Понатаму, во прилогот на украинската телевизија Резидент, на прашањето дали шефот на канцеларијата на генералниот секретар на НАТО, Стијан Јенсен, мисли дека Украина треба да ги отстапи своите територии за да постигне мир со Русија и да влезе во НАТО, Јенсен рекол дека „веќе се преговара за повоениот статус на Украина и дека веќе е поставено прашањето за отстапување територии на Русија“, додавајќи дека тој не тврди сигурно дека „тоа треба да се случи“, но дека „ова би можело да биде можно решение“.
Коментирајќи ги зборовите на шефот на кабинетот на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, Стијан Јенсен, за поделбата на Украина како можен предуслов за нејзино влез во НАТО, заменик-претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, веднаш во јавноста изјавил дека „идејата е чудна“.
– Сите нивни (украински) територии се многу контроверзни. А за да влезат во НАТО, властите во Киев ќе мора да се откажат дури и од самиот Киев, главниот град на Античка Русија. Главниот град ќе мора да се пресели во Лавов – изјави поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.
Во истиот контекст, но во изјава што им претходи и на изјавата на шефот на канцеларијата на генералниот секретар на НАТО и на изјавата на Дмитриј Медведев, рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Галузин изјави дека „решението на конфликтот бара потврда на основата на украинскиот суверенитет (договорот врз основа на кој Украина стекна независност во август 1991 година пред распадот на СССР) – неговиот неутрален, неблоковски и ненуклеарен статус. Покрај тоа, според изјавата на рускиот заменик-министер за надворешни работи Михаил Галузин, неопходно е „да се препознаат новите територијални реалности, да се обезбедат демилитаризација и денацификација на Украина, правата на нејзините граѓани што зборуваат руски и националните малцинства во согласност со меѓународното право“.

И Запад и Исток за „поделба на Украина“?

Неопходноста од поделба на Украина како предуслов за завршување на војната во последно време сѐ почесто се дискутира во западните аналитички кругови. Но досега никогаш не излегле вака експлицитно и јавно од високи функционери на НАТО, но и од официјална Москва. Според реакцијата на повеќе воени аналитичари и од Истокот и од Западот, ваквите изјави на високи функционери од обете завојувани страни воопшто не се случајни и пред сè тоа е одраз на реалноста на воената ситуација на теренот, т.е. фактот дека украинската армија веројатно нема да победи, без разлика колку долго ќе трае војната. Според воените аналитичари, „украинската армија е неподготвена за долгонајавуваната контраофанзива, таа и нема да се реализира, освен нешто спорадично“. Аналитичарите додаваат дека „успесите на Украинците се премалку за да гарантираат нешто поквалитетен пробив и одвраќање на руската армија или, пак, во смисла на принудување на Русите на отстапки, а камоли да се согласат на безусловно повлекување на границите од 1991 година“.
Во таков контекст пишува и аналитичарот Зоран Метер во „Геополитика“.
– Што може да промени на бојното поле одлуката за испраќање на околу 30 американски тенкови „абрамс“ во септември годинава или одлуката за обука на шест украински пилоти за управување со авиони „Ф-16“ (за кои не се ни знае дали ќе бидат испорачани до Украина воопшто додека трае војната, која ќе трае најмалку една година)? Дури и ако НАТО последователно се огради од гореспоменатата изјава на нејзиниот висок функционер (што, се разбира, е многу можно), тоа веројатно ќе биде само класичен пиар-потег поврзан со веќе добро познатите позиции за „непоколебливост во помагањето на Украина колку што е можно подолго“ итн. Она што е сигурно, „пробниот балон“ беше пуштен – очигледно, не случајно. Во овие околности и на овие нивоа нема случајности, така што е јасно дека има внатрешни дискусии за такви модели, како што е отстапувањето на украинските територии на Русија како потенцијални решенија за крај на конфликтот – не само во структурите на НАТО, но и на високи политички нивоа.

Украинскиот судир ги исцрпува сите – и Русија и Западот

Американскиот „Волстрит џрнал“, деновиве објави, цитирајќи неименувани извори од администрацијата на САД, дека е „присутно размислување во САД за започнување нова украинска контраофанзива напролет, со оглед на тоа што е јасно дека оваа офанзива нема да успее (уште повеќе што наскоро доаѓа есен и дождовите повторно ќе спречат какви било значајни движења на оклопни сили и механизација на теренот. Но, исто така, западните медиуми сѐ почесто пишуваат дека Украина е битно девастирана: демографски, економски, социјално и инфраструктурно, дека состојбата на моралот на украинските граѓани одамна не е иста како по минатогодишните успеси на украинската армија, што може да има сериозни последици за властите во Киев. Во Украина, имено, како и во САД и Русија, следната година се одржуваат претседателски избори, на кои Украинците гледаат сè помалку перспектива во водењето долготраен конфликт.
Во исто време, на „остатокот“ од светот му е прекуглава од украинската војна, па јасно е дека порано или подоцна излез од ситуацијата ќе треба да се бара на преговарачката маса. Дали тоа ќе биде на начинот што како идеја го предлага претставникот на НАТО, Стијан Јенсен, останува да видиме. Но сите фантазии за фактот дека Киев ќе треба да го има последниот збор во сето ова се сосема неважни. Украина немаше да опстане ниту три месеци без западната воена и финансиска помош (високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и германскиот министер за одбрана Борис Писториус неодамна јавно го кажаа тоа), така што е јасно дека Киев ќе мора да слуша сè што му кажува Вашингтон. И Вашингтон, се разбира, нема да го каже тоа гласно затоа што не може да ги омаловажи украинските власти и затоа што, на крајот на краиштата, ќе има јасен призвук на неуспех и неговата украинска политика. За тоа има добро воспоставени канали.