Фото: Нова Македонија

Според официјалните податоци, во Македонија најмал процент опфаќаат новите возила (со датум на производство под две години). Нешто под десет проценти се возила стари од две до пет години. Околу 15 проценти од вкупниот возен парк во земјава се возила стари од пет до десет години. Најголем процент возила што го сочинуваат возниот парк во земјава се стари од десет до 20 години

„ЕВРОСТАТ“ ОБЈАВИ СТАТИСТИЧКИ ПОДАТОЦИ ЗА СТАРОСТА НА ВОЗИЛАТА ОД ВОЗНИОТ ПАРК НА ПОЕДИНЕЧНИ ДРЖАВИ

Просечната старост на возниот парк на граѓаните во земјава е еден од индикаторите за животниот стандард на населението. Имено, според многу истражувања, потврден е фактот дека со растот на приходите и стандардот на населението, во пораст се и инвестициите на граѓаните во недвижности, а и во движен имот, како што се патничките моторни возила, односно старите автомобили се заменуваат со нови.
Во тој контекст, уделот на многу стари автомобили (со датум на производство повеќе од 20 години) во вкупниот возен парк на една држава, односно уделот на вкупниот број нови возила (со датум на производство под две години), е реален показател за стандардот на населението и, уште повеќе, за тенденцијата за збогатување или осиромашување на населението.

ВО МАКЕДОНИЈА СЕ НАЈЗАСТАПЕНИ ВОЗИЛА СО СТАРОСТ ДО 20 ГОДИНИ

Во земјите со низок и среден приход (како што е дефинирано од Светската банка), многу домаќинства поседуваат стари автомобили или воопшто немаат личен автомобил, најчесто користат јавен превоз или пешачат, трошат релативно малку на транспорт, бидејќи не можат да си дозволат да одвојуваат пари за гориво.
Како што стануваат побогати земјите, домаќинствата одвојуваат сè поголем дел од својот приход на транспорт, а процентот на оние што поседуваат приватен автомобил или повеќе од еден се зголемува.
Факт е дека Македонија не е богата земја. Граѓаните немаат висок стандард, а во објавената статистика, според „Евростат“, возниот парк во земјава има најмногу возила чиј датум на производство е од 10 до 20 години. Во практика состојбата е уште полоша. Можеби „Евростат“ нема евиденција дека во земјава можат да се видат и возила постари и од 30 години?!
Имено, според податоците, Македонија најмал процент има нови возила, до две години и помалку. Нешто под десет проценти се возила стари од две до пет години, а некаде околу 15 проценти се возила стари од пет до десет години. Најголем процент возила што го сочинуваат возниот парк во земјава се стари од десет до 20 години. За чудо, статистиката вели дека во возниот парк на Македонците нема возила постари од 20 години.
Комбинација на фактори влијаеше на фактот денес во Македонија да има повеќе автомобили од кога било, но тие се релативно постари, како растот на стандардите што овозможија одржување повеќе од еден автомобил по домаќинство, поевтиниот увоз на половни автомобили, високите трошоци за регистрација на нови автомобили итн.
Денес поседувањето автомобил, честопати повеќе од еден по домаќинство, е норма во земјава.

Хрватите, просечно, возат едни од најстарите автомобили во ЕУ

Според информациите на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA), просечната возраст на патничките автомобили во Хрватска во 2020 година била 14,8 години. Тоа го прави возниот парк во Хрватска еден од најстарите во ЕУ, бидејќи само Грција, Романија, Чешка, Литванија, Естонија и Бугарија имаат постари автомобили.
Во најбогатите земји во Европа просечната старост на патничките автомобили е помала од 12 години. Во Австрија, Германија, Данска, Швајцарија, Белгија и Ирска е под десет години. Просекот на ЕУ е 11,8 години, три години помалку од хрватскиот.
Освен возраста, важен е и бројот на автомобили на илјада жители. И двата показатела се под влијание на културните елементи, така што некои земји ги менуваат старите возила поретко отколку што сугерира нивото на приход. Примери се Финска, со просечна старост на автомобилите од 12,5 години, и Естонија, со 16,7 години. Во некои земји личните возила може да бидат поголем статусен симбол, па населението се обидува побрзо да го подмлади возниот парк.
Споредбата меѓу Полска и Германија покажува колкаво влијание може да има културата. Иако населението во Полска има многу постари автомобили, бидејќи едноставно не може да ги менува толку брзо како населението во Германија, бројот на автомобили на илјада жители е поголем во Полска. Во 2020 година, Германија имаше 580 автомобили на илјада жители, а Полска имаше 662.

Расте бројот на автомобили во ЕУ

Од 2016 до 2020 година бројот на автомобили на илјада жители пораснал на ниво на ЕУ, од 524 на 560. И покрај големиот број други фактори што можат да влијаат на возраста на личните автомобили во една земја и нивниот број на илјада жители, како што се културата и државните политики (регистрациска цена, даночно ниво итн.), ова е многу добар показател за стандардите.
Добар пример за тоа е разликата во бројот на автомобили меѓу ЕУ, Русија и Турција. ЕУ има 560 автомобили на илјада жители (најмалку во Романија, 376), Русија има 312 автомобили на илјада жители, а Турција 158.
Иако сите членки на ЕУ се земји со високи приходи според класификацијата на Светската банка, меѓу нив постојат големи разлики. Покрај стандардите, тие претставуваат културни и даночни разлики.
Земји-членки со најголем удел на автомобили постари од 20 години во 2021 година се Полска (41,3 отсто), Естонија (33,2 отсто), Финска (29,2 отсто), Романија (28,3 отсто) и Литванија (26,5 отсто). Се гледа дека Финска се издвојува по стандардот, кој е многу поразвиен отколку во другите земји.
Причината за тоа се многу високите даноци, трети највисоки во ЕУ. Покрај ДДВ, Финска наметнува дополнителен данок за патничките автомобили, заедно со општа такса за сите возила, патна такса, а во некои случаи и дополнителна наплата на моќноста на моторот.
Спротивно на тоа, уделот на патнички автомобили на возраст од две години и помалку во 2021 година беше највисок во Луксембург (19,2 отсто), Германија (17,8 отсто), Шведска (15,8 отсто), Франција (15,4 отсто) и Австрија (15,1 отсто).
Бројот и староста на автомобилите се под влијание на културните и даночните фактори.
Според податоците на статистичката агенција на ЕУ, „Евростат“, Полска има најмногу автомобили на илјада жители од сите земји-членки. Ова е интересно ако се има предвид дека уделот на автомобили постари од 20 години е најголем во ЕУ. Дополнителна специфичност на таа земја е што има голем удел и на алтернативните горива, но не поради електричните и хибридните автомобили, туку поради големиот број автомобили на гас.

Постарите возила се поврзуваат со сообраќајни несреќи со повеќе смртни случаи на патиштата, односно со помалку вградени сигурносни мерки во возилата

Многу старите автомобили се поголема опасност во сообраќајот. Членките на ЕУ со повисока просечна старост на возила имаат и поголем број жртви во сообраќајот на милион жители. Според податоците за 2021 година, просекот на ЕУ е 44 смртни случаи на милион жители. Полска имала 59 смртни случаи на милион жители, Романија 93, Литванија 52, Бугарија 81, Романија 93.
Се разбира, бројот на загинати на патиштата е поврзан со многу повеќе фактори од просечната старост на возилото, но јасно е дека постарите возила може да предизвикаат повеќе несреќи. Поголемиот број на жртви од просечно во земјите чиј возен парк е меѓу најстарите во ЕУ го докажува тоа.