Фото: Игор Бансколиев

Има ли воопшто ЕУ длабок долгорочен план или програма за борбата против илегалната миграција?

Според низа аналитичари и хроничари на мигрантската криза од глобални размери, „сето она што долго време се случува на европскиот континент на овој план не личи на стратегија“. Аналитичарите сметаат дека мерките што ги презема Брисел се ад хок решенија и „личат на активности за гаснење пожари што се активираат само кога проблемот ќе се појави некаде на критично ниво“ и не дава никакви резултати или „дава екстремно слаби резултати од привремен карактер“.

Мигрантската криза е хроничен, а не акутен проблем и така треба да се пристапи кон решавањето

Европската комисија и другите надлежни институции и тела на ЕУ се обидуваат да го решат проблемот како да е акутен, а не хроничен, каков што всушност е. Преведено од медицински на ригиден јазик на геополитиката, тоа е стратегиски проблем! Со овие зборови аналитичарот Зоран Метер во една од своите анализи во „Геополитика“ се осврнува на прашањето за долготрајната мигрантска криза и неефикасните мерки што ги презема Европа. Притоа, тој тврди дека не може да се препознае дека Унијата има прецизна стратегија за спротивставување или барем кризно менаџирање со оваа појава, која се заканува да го уништи и самото ткиво на ЕУ.
– Европската Унија или не е во состојба или не сака правилно да го согледа проблемот со мигрантската криза, која го уништува самото ткиво на Унијата и ги продлабочува споровите меѓу централата во Брисел и земјите-членки, или вторите меѓу себе. Ако е првото (што не верувам), тогаш би било фер да им каже на членовите дека нема решение и самите да се погрижат да го решат. Некои од нив и онака одамна го прават тоа, а другите, кои до вчера жестоко ги критикуваа поради тоа, сега сѐ повеќе ги гледаат со завист – се наведува во анализата во „Геополитика“.

Лампедуза е само еден вид симбол на она што ѝ се заканува на Европа

Неодамна и Полска и Унгарија отворено кажаа дека ниту еден нов илегален мигрант (кога Брисел и Рим разговараа за решавање на проблемот со новиот голем бран мигранти што ги преплавија италијанските брегови од Северна Африка) нема да влезе во нивните земји.
Полската владејачка партија Право и правда неодамна изјави дека Европската Унија треба да ги затвори границите за бранот мигранти и да заборави на идејата да ги смести и лоцира некаде на територијата на Унијата.
– Лампедуза е само еден вид симбол на ситуацијата што ѝ се заканува на цела Европа, вклучувајќи ја и Полска – изјави нејзиниот лидер Јарослав Качински.
Од друга страна, Франција јасно ѝ порача на Италија дека нема намера да прима бегалци од Лампедуза. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, за време на нејзината неодамнешна посета на Лампедуза изјави дека ЕУ ќе усвои акциски план од 10 точки за да ѝ помогне на Италија во мигрантската криза. Таа рече и дека ќе иницира нова соработка со Тунис и ќе одвои нови финансиски средства за спречување на илегалната миграција во Европа.
Значи – акциски планови и ад хок мерки наместо солидна и јасна стратегија и потпирање на сопствените сили, кои ги има многу – само треба да им се даде дозвола на надлежните органи да си ја вршат работата во согласност со законот, тоа е политиката на Европската комисија. Таа претпочита да се потпре на некои наводно „стратегиски“ и суштински целосно несигурни „партнерства“ со одредени африкански држави (тука конкретно со Тунис) за решавање на хроничната мигрантска криза во Европската Унија, што е јасен знак за неуспехот на мигрантската политика на Брисел и сите оние што стојат зад неа. Но, веднаш потоа, токму од Тунис дојде студен туш за Брисел. Имено, претседателот на Тунис, Каис Саид, на почетокот на неделава ја отфрлил финансиската поддршка што ЕУ најави дека ќе ѝ ја достави на таа земја како дел од нејзината борба против илегалната миграција! Што понатаму?!

„Ројтерс“: Претседателот на Тунис, Каис Саид, би можел да го поткопа воспоставеното „стратегиско партнерство“ од јули годинава меѓу ЕУ и Тунис во врска со илегалната миграција

Според пишувањето на британски „Ројтерс“, претседателот на Тунис, Каис Саид, во понеделникот ја отфрлил финансиската поддршка што ЕУ најави дека ќе ѝ ја достави на таа земја како дел од нејзината борба против илегалната миграција. Оваа помош ЕУ ја најави во септември, а таа требаше да изнесува 127 милиони евра.
Тунискиот претседател ја оцени како спротивна на договорот, односно меморандумот за разбирање потпишан во јули годинава.
Според британската агенција, потегот на Саид би можел да го поткопа „стратегиското партнерство“ од јули, кое вклучува мерки за борба против шверцерите на луѓе и заострување на граничните контроли, по наглото зголемување на бројот на бродови што од северноафриканската земја одат кон Европа.
– Споменатиот договор од јули вклучуваше помош за Тунис во износ од една милијарда евра, која освен за справување со миграциската криза, ќе послужи и како „инјекција“ за економијата и државните финансии – наведува „Ројтерс“.
„Геополитика“ пишува дека помалата сума објавена од Европската комисија (ЕК) пред десет дена предизвика фрустрација кај туниските власти, кои се борат да ја подобрат состојбата на јавните финансии, и ги зголеми стравувањата кај агенциите за кредитен рејтинг дека тамошната влада би можела да не ги плати странските долгови во наредниот период.
За издвојување е дека Тунис одговори со соодветни потези спрема Брисел. Имено, Тунис ја одложи посетата на делегацијата на Европската комисија минатата недела за да разговара за деталите од договорот за миграција. Во тој контекст, Тунис „им забрани влез на пет члена на комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент на состаноци за политичката ситуација во Тунис, велејќи дека нема да дозволи мешање во внатрешните работи на земјата“!
Во такви околности, аналитичарот Зоран Метер храбро констатира дека „Тунис ѝ удри на ЕУ шлаканица на понижување и отрезнување“!

Брисел мисли дека сѐ се решава со пари, а ако не може да се реши со пари, ќе се реши со повеќе пари

Брисел, по инерција од некои подобри времиња, очигледно се обидува сите свои проблеми со другите да ги реши со пари и дарежливи финансиски понуди што другата страна тешко може да ги одбие. Сепак, во анализата на „Геополитика“ се констатира и горливиот проблем што во последно време многу ја тишти Унијата, а тоа е – недостигот од пари, покрај повеќеслојната криза, која станува и повеќегодишна.
– Брисел се чука во градите, а парите сè повеќе недостигаат. И геоекономската и геополитичката криза на европско тло го земаат својот данок. Украинската војна стана „црна дупка“ за цицање европски пари, започнатото масовно производство на муниција од 155 милиметри за Украина заглави поради финансиите и немањето конкретни договори со производителите, кои ќе им гарантираат барем поврат на вложените средства во следните десет години (од планираните милион парчиња муниција до крајот на оваа година, тоа количество достигна само 300.000). На неодамнешната гласно најавувана средба на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ, одржана првпат надвор од Унијата – во Киев, на крајот министрите не можеа да се договорат за доделување пет милијарди долари помош за таа земја и слично.
Значи, освен немањето политичка волја и одлучност, проблемот со илегалните мигранти треба да се нарече со вистинското име – криза, која не е од локален, туку од универзален карактер, и соодветно да се донесе заедничка стратегија, без примеси на политикантство и идеологии измешани со празни приказни за човекови права и слично (што нема врска со оваа криза, затоа што причините и последиците се многу посложени и посериозни), Европската Унија останува и без пари за фрлање. Ќе печатиме евра колку што ни требаат, а проблемите ќе ни ги решава друг – беше мотото на европските елити, се наведува во анализата, при што на крајот се констатира дека „рецептот со пари очигледно повеќе не функционира!“
Другите имаат поитни грижи, да размислуваат за решавање на европските. ЕУ ќе мора да ги засука ракавите порано или подоцна. Колку побрзо, толку помалку ќе биде болно. Р.Н.М.