Повод: Јавно поставени прашања што отворија силни дилеми за „историската“ улога на лидерот на ДУИ
1. Првостепената пресуда на специјализираните совети во Хаг против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи повторно го отвори прашањето за односот меѓу правдата, политиката и историската одговорност во регионот. На 16 септември 2026 година, Судскиот совет ги прогласи четворицата обвинети за виновни за воените злосторства на незаконско или произволно апсење и притворање, сурово постапување, тортура и убиства, со различни затворски казни. Истовремено, судот не ги прогласи за виновни за злосторства против човештвото по сите точки од обвинението.
2. Во јавноста во Македонија повторно се појавија обиди косовскиот случај да го инволвира македонскиот етнополитички супстрат, а дел од граѓаните да се мобилизираат околу настани и судски постапки, кои, по својата правна природа, се однесуваат на индивидуална кривична одговорност. Токму затоа е важно да не се мешаат правната одговорност на конкретни лица со одговорноста на една држава, ниту пак политичката припадност на граѓаните со постапките пред меѓународен суд.
3. Во оваа рамка стануваат особено важни јавно поставените прашања до Али Ахмети и до поранешното воено и политичко раководство на ОВК. Наместо тие прашања да бидат потиснати под партиски, етнички или мобилизаторски пораки, јавниот интерес бара на нив да се одговори аргументирано, со документи, сведоштва и проверливи факти. Доколку постојат наводи за индивидуална или командна одговорност на кој било поранешен командант, политички претставник или функционер, тие треба да бидат предмет на соодветна институционална и судска проверка, а не на политичко толкување однапред. Тоа важи и за Али Ахмети. Евентуалната негова одговорност не може ниту да се претпостави, ниту да се исклучи со политичка декларација. Таа може да се утврдува единствено врз основа на докази и во соодветна постапка.
4. Од друга страна, Македонија како држава не треба автоматски да се поистоветува со дејствувањето на поединци или групи од нејзината територија, кои евентуално учествувале во оружениот конфликт на Косово. Токму тука лежи една од клучните разлики што јавната дебата често ја замаглува. Индивидуалното учество во конфликтот или на илегални паравоени групи од Македонија во Косово не создава автоматски државна одговорност. Оттука, наместо Македонија да биде вовлекувана како страна во туѓи судски постапки, многу е поважно да се отвори прашањето за сопственото недовршено минато. И македонските случаи пред Хашкиот трибунал повторно заслужуваат сериозно институционално и историско преиспитување, не како политичка контрареакција на пресудите за ОВК, туку како дел од истата потреба за утврдување факти и одговорност.
5. Јавниот интерес, според тоа, не е во ново етничко или партиско делење на општеството, туку во одговорите. Кој знаел? Кој командувал? Кој одлучувал? Кој издавал наредби? Кој премолчувал? И, можеби најважно, кој денес има обврска пред јавноста да ги објасни сопствените улоги во настаните од минатото? Тие прашања не смеат да бидат заменети со митови, политички пароли или со колективна одговорност. Правдата мора да остане индивидуализирана, а државата да биде заштитена од политички импликации што не произлегуваат од утврдени факти.
Затоа, вистинската тема не е дали Македонија треба да биде дел од туѓата пресуда, туку дали македонската јавност конечно ќе добие одговори за она што со години останува под превезот на политичката „прагма“, непринципиелното коалицирање и последиците од тоа, како и недореченоста и премолчените договори.
Само така историјата може да престане да биде средство за дневна политичка мобилизација и да стане она што треба да биде, а тоа е проверлив запис за настаните, одговорностите и на луѓето што ги носеле одлуките. П.Р.
Се отвора ли ново поглавје во досието „Ахмети“ или сведочењето што остана зад затворени врати заради битката за политичкото наследство на ОВК
Сенката на НДК (Народно движење за Косово) над ОВК и ОНА: Одмаздата на Ахмети кон Хашим Тачи
- Прашањата упатени до Али Ахмети и до раководството на ДУИ што излегоа во јавноста имаат и политичка тежина и јавен интерес. Повеќе е од очигледно дека одговорите на тие прашања веќе ги знае оној што ги поставува. Прашањата, меѓу другото, имаат и јавно проверлив одговор. Токму затоа, вистинската вредност на одговорите на поставените прашања ќе се покаже во моментот кога и пошироката јавност ќе биде запознаена со фактите, а не само со насетувањата и претпоставките. Педантно одговорените прашања ќе содржат одговори за тоа дали постоеле „договор“ и „трговија“ помеѓу Али Ахмети и Хаг. Потоа, дали како мотив на Ахмети за обемното и детално сведочење постоела и еден вид „одмазда“ на Ахмети кон раководството на косовскиот дел на ОВК поради концепциските несогласувања во Генералштабот на ОВК по линија на НДК (илегалната организација Народно движење за Косово), за што пошироката јавност досега не е запознаена, а за што наши соговорници, американски дипломати, своевремено сериозно предупредуваа
- Доколку се тргне од деловите на познатото досие „Ахмети“, кое беше објавено во јавноста, каде што тој беше регистриран како соработник на службата за државна безбедност на Југославија (СДБ), тогаш полесно се доаѓа до заклучокот дека и овој пат Ахмети бил информатор на надлежни служби. Само овој пат, тој соработувал со Хаг и станал соработник рецидивист. Но, според наши соговорници адвокати и според низа објективни принципи во правото, ваквиот заклучок, да не се покаже како избрзан, би требало стрпливо да се докажува или да се отфрли. Повеќе наши соговорници адвокати инсистираат на јасно утврдена процедура во која „не треба никогаш однапред да се заклучува за она што може да се докаже, за она што може да се реконструира“, односно за методолошки и правно
издржано „индициите и хипотезите да бидат подигнати на ниво на факти“. Токму тука, според соговорниците, процедурата станува многу посложена и бара високопрофесионален ангажман од инволвираните страни. Затоа, доколку Али Ахмети не ги одговори прашањата што јавно и отворено му се упатени, тогаш во интерес на вистината и во интерес на расчистување на темните историски петна, кои ја доведоа Македонија до безбедносно нестабилна и кршлива состојба наместо досега да биде дел од европското семејство, постојат институции што, доколку постои волја, може да дадат одговори на прашањата што нема да бидат повеќе историско бреме за Македонија и за нејзините граѓани
На 16 септември 2026 година, специјализираните совети во Хаг ги прогласија Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи за виновни за воени злосторства, за „незаконско или произволно апсење и притворање, сурово постапување, тортура и убиства“. А сите четворица беа ослободени од обвиненијата за „злосторства против човештвото“. Пресудата е првостепена. Но сето ова фрла една нова светлина кон една личност од Македонија, длабоко инволвирана во сите клучни настани, активности, мерки и зафати на косовската ОВК (УЧК) – Али Ахмети. И токму затоа во албанскиот политички простор (не само во Македонија туку и во Западен Балкан) повторно се отвора прашањето што со години беше потиснувано под тепихот на „политичкиот прагматизам“. Но овој пат прашањата се веќе јавно поставени. Кој, кога и зошто и за што зборувал пред Хаг и какви политички последици може да произведе тоа сведочење денес? Односно, во какви околности и во каков контекст е сведочењето на Али Ахмети во однос на сторените кривични дела за кои се прогласени за виновни осудените лица.
Клучниот „заштитен“ сведок на Хаг – Али Ахмети?!
Во јули 2020 година, Али Ахмети самиот објави дека Специјализираното обвинителство го повикало во својство на сведок, нагласувајќи дека е основач на ОВК и член на Генералштабот. Тој тогаш изјави дека ја прифаќа поканата и дека ќе соработува со институциите во Хаг.
Во септември истата година, Ахмети беше распрашуван два дена, вкупно околу 12–15 часа, во просториите на ЕУЛЕКС во Косово. По тие разговори и дадените изјави, Ахмети повторно рече дека бил сослушан како сведок и дека не може да открива детали од процесот.
– Тоа е јавно регистрираниот дел од текот на настаните поврзани со давањето информации и изјави на Ахмети на Хаг. Сè повеќе од тоа мора да биде означено како прашање или како повеќе прашања. Дали Ахмети дал информации што подоцна биле употребени против Тачи, Весели, Селими и Красниќи? Во колкав обем и детали дал за инкриминираните поведенија на косовските команданти на ОВК? Колку делови од неговиот исказ биле користени во доказната постапка? Всушност, официјалните судски записи покажуваат дека записот од разговорот со него од 2 септември 2020 година подоцна бил користен во судницата за испитување други сведоци. Постојат низа индиции дека неговото сведочење било основата за обвинението, но со сигурност ние и пошироката јавност не ја знаеме целата вистина, но секако има лица што ја знаат – истакнува на почетокот на разговорот нашиот соговорник, адвокат од Македонија со големо меѓународно искуство.
Првата голема мистерија: Што точно има во новото испишано поглавје од досието „Ахмети“?
Според нашиот соговорник, ова прашање е можеби најважното што денес може да се постави. А и прашањата поставени до Али Ахмети, кои беа публикувани во јавноста, бараат одговор на ова прашање. Но не формулирано во прашална форма за тоа „дали Ахмети го предал Хашим Тачи“, туку многу попедантно. Имено, формулацијата би била: Кои делови од неговото сведочење (на Али Ахмети) се наоѓаат во јавниот судски материјал? Кои документи се повикуваат на неговиот исказ? Кои факти што ги кажал биле потврдени со други докази? Колку Судскиот совет им дал доказна тежина на неговите сведочења? Да не заборавиме дека од достапните официјални материјали, Хашкиот суд имал огромен доказен корпус, и тоа приближно 270 сведоци, усни и писмени, 5.467 прифатени доказни предмети и транскрипт од речиси 29.300 страници. Тоа е огромен обем на доказни материјали. Во таков доказен мозаик, едно сведочење навистина може да биде клучно, но секако дека може да се претпостави, врз основа на мои искуства, дека токму едно лице може да обезбеди крунски докази врз основа на кои ќе се темели обвинителната конструкција. И токму тука лежи вистинската ексклузива. Не дали Ахмети сведочел, тоа веќе го знаеме, туку што од тоа што сведочел обвинителството го материјализирало, односно кој и колкав дел од обвинението судот прифатил, анализира нашиот соговорник, додавајќи дека Али Ахмети „избегнувајќи да не се заглави себеси и другите за воени злосторства, всушност ги дозакопал за кривичните дела – незаконско или произволно апсење и притворање, сурово постапување, тортура и убиства“…
Втора мистерија за Али Ахмети: Зошто тој различно ја опишува сопствената улога?
Во врска со ова прашање, нашиот соговорник анализира дека ова прашање повеќе има политички потенцијал, затоа што јавниот дискурс околу Ахмети навистина содржи различни формулации.
– Во 2020 година, Ахмети експлицитно зборуваше дека е повикан како сведок. По завршувањето на испрашувањето повторно изјави дека бил во својство на сведок. Но во септември 2026 година, во интервју пренесено од еден косовски медиум, Али Ахмети е цитиран дека „не бил таму во својство на сведок“, туку како еден од основачите на ОВК и раководителите на НДК (Народното движење за Косово-ЛПК), при што инсистирал неговиот исказ еден ден да биде објавен. Ова е несомнено прашање што заслужува појаснување. Дали станува збор за „две улоги“ во правна смисла?! Можно е да станува збор за разлика меѓу формалниот процесен статус и политичката самоперцепција на Ахмети. Токму тоа треба да се провери во оригиналната документација – истакнува нашиот соговорник.
Постои ли договор („трговија“) на Ахмети со Хаг?
Најексплозивното прашање што посредно и индиректно се отвори во јавноста како последица од јавните прашања до Али Ахмети што беа поставени во албанскиот политички кампус беше: Што му било понудено на Ахмети во замена за неговата соработка? Нашиот соговорник адвокат го анализира и ова прашање.
– Според мене, како адвокат, за да се дојде до одговорот на ова мошне интересно прашање, можеби претходно би требало наративот да се развие со одговорите на следните прашања:
- Дали Ахмети некогаш бил предмет на процена како потенцијален осомничен?
- Дали бил испрашуван само како сведок?
- Дали постоел каков било формален или неформален договор за неговиот статус?
- Дали постоела правна гаранција?
- Дали обвинителството некогаш го известило дека неговиот статус може да биде променет?
- Дали постојат службени белешки за разговори меѓу Ахмети и обвинителството пред неговото сведочење?
Ако дојдеме до овие одговори претходно, тогаш лесно ќе одговориме и на првичното прашање за тоа дали постоела „трговија помеѓу Ахмети и Хаг“. И навистина, ако постоела, тогаш станува збор за сосема друга политичка приказна – констатира нашиот соговорник адвокат.
Според соговорникот, постои уште една димензија што е многу важна. Ахмети не бил случаен човек во формирањето и функционирањето на ОВК.
– Во судските материјали неговото име се појавува во контекст на раководните структури на ОВК и НДК (Народно движење за Косово-ЛПК). На пример, во судница во 2024 година беше разгледуван запис од неговото интервју од 2020 година, а во други сведочења се споменува како дел од кругот луѓе поврзани со раководството и организациското формирање на ОВК. Затоа неговата потенцијална вредност за обвинителството не би била само во тоа што лично направил или не направил, туку и во тоа што знаел за структурата, командувањето, комуникациите и за луѓето околу ОВК. И тука започнува вистинската приказна за индивидуалната одговорност, вклучително и за неговата – вели адвокатот.
Одмаздата на Али Ахмети кон Хашим Тачи: Реминисценции на еден стар раскол
Голем предизвик е делот што се однесува на мотивот „зошто кај Ахмети би се создале и би се зацврстиле волја и внатрешен порив за да сведочи обемно и квалитетно пред хашкиот трибунал во врска со обвиненијата против косовските команданти на ОВК?“
Постојат историски факти дека Ахмети и Тачи припаѓале на пошироката политичко-воена средина на илегални организации на Албанците во странство, но и на потесното воено јадро на тазе формираната ОВК, кон крајот на деведесеттите години од минатиот век. Но во еден момент, кога заедничката платформа за „ослободување на сите територии каде што живеат Албанците, со тежиште на Косово и во Македонија“, вклучително и сеалбанско обединување во голема држава, се стеснила како цел во текот на воениот судир на Косово и се свела само на „ослободување на Косово во неговите административни граници“, настанал судир на концепции меѓу косовското крило на ОВК (УЧК) и македонското крило на УЧК во Генералштабот, предводено од Али Ахмети.
Хашим Тачи и неговите најблиски соработници од косовското крило (советувани од странските безбедносни служби) се ограничиле и ги задоволиле своите амбиции само на територијата на Косово, како „реална историска можност за создавање нова албанска држава“. Ова било направено бидејќи добиле насоки и инструкции дека проширувањето на судирот во Македонија во тој даден момент (1999 година) нема да добие меѓународна поддршка. Хашим Тачи и поголем дел од косовските команданти се согласиле со таа концепција, но Ахмети останал незадоволен, разочаран и напуштен во фундаменталната изворна и стара идеја водилка на НДК (Народно движење за Косово, кое генерички му претходи на ОВК), дека и „делови од Македонија ќе бидат приклучени во евентуален интегрален воен зафат и конфликт на Балканот, се разбира, потпомогнат од меѓународниот фактор“.
Ахмети си останал на таа изворна идеја, која од тој момент била водечка за создавање нова форма на ОВК во Македонија, подоцна наречена ОНА. Но неговото разочарување и незадоволство останале, а респектот кон косовското лидерство на ОВК паднало на многу пониско ниво, поради изневерување на интегративната идеја за заедничка голема етничка држава. Соговорници од безбедносната сфера оценуваат дека тоа незадоволство кај Ахмети, разочараност и изневереност тлееле со години, и не само кај него туку и кај неговите соработници. Ахмети си го припишувал конфликтот во Македонија како своја заслуга и на дел од ОВК што активно учествувал во воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Незадоволството долги години било потиснато со влегувањето во Владата на Македонија, но тоа повторно се разбудило и кулминирало со губењето на власта на ДУИ. Соговорниците што брифираат на оваа тема ја споменуваат и одмаздољубивоста како карактерна црта на Ахмети, со голема веројатност тврдејќи дека „Ахмети во некакви планови памти па врати реализирал слатка одмазда за челниците на ОВК“, преку своето сведочење во Хаг.
– Тоа можеби е еден од мотивите што Ахмети сведочел против Тачи поради –суета и лична одмазда. Иако има длабока основа, па дури и цврсто искажани ставови за ова во албанскиот кампус, подобро е засега ова да остане како хипотеза за мотивот, а не утврден факт. Сепак, морам да додадам дека како аналитичка хипотеза е интересна затоа што отвора едно многу пошироко прашање: Дали исто како и во илегалните организации на Албанците каде што отсекогаш имало единствена стратегија за Албанците во регионот, почнувајќи од таканаречената Призренска лига, и во албанскиот политички простор некогаш имало единствена стратегија за Косово и Македонија како регионалното прашање и дали тоа имало меѓународна поддршка? Одговорот очигледно не е едноставен. Имало различни струи, различни приоритети и различни процени за тоа што е политички возможно во одреден момент. Но повеќе од очигледно е дека со елиминацијата на челниците на косовското ОВК, Али Ахмети се обидува да се наметне како лидер на сите Албанци во регионот и со тоа да го исполни историскиот петитум на НДК (Народно движење за Косово), односно сеалбанско обединување во регионот – заклучува еден од нашите соговорници. П.Р.
Отворен Балкан како пресвртница?
Политичката партија Влен поставува едно од најинтересните прашања во целиот овој контекст, односно дали постои заеднички именител меѓу односот кон Хаг и политичката ориентација кон Отворен Балкан?
Фактите се следни. Ахмети беше јавен поддржувач на иницијативата Отворен Балкан. Албанскиот премиер Еди Рама дури во 2022 година го нарече еден од пионерите на иницијативата. Ахмети во 2021 година јавно тврдеше дека Отворен Балкан не е подготовка за повторно освојување на Косово и дека Косово треба да го прифати она што е корисно за него.
Но политичкиот конфликт околу оваа иницијатива беше реален. Албин Курти беше против Отворен Балкан, а неговата влада во Косово го гледаше проектот со сериозна резерва. Тој политички конфликт се прелеваше и врз односите меѓу Албин Курти и Али Ахмети. Така, уште еднаш се потврди тезата за тоа дека албанскиот политички кампус во регионот се подели околу две визии за иднината на Албанците во регионов. Едната: Косово како центар на албанската регионална политичка тежина, а втората: регионална економска и политичка интеграција на Албанија, дел од Македонија и сегашно Косово, со постепено омекнување на границите меѓу овие три државни ентитети.
Затоа, оваа приказна престанува да биде само пресметка меѓу Влен и ДУИ и станува многу поширока приказна за смената на генерациите, политичките концепции и центрите на моќ во албанскиот кампус на Балканот. Тука доаѓаме до можеби најинтересната теза дека вистинскиот конфликт е и генерациски и стратегиски. Една генерација албански политички лидери ја граделе својата легитимација врз војната. Следната врз институционализацијата. Третата врз регионалната интеграција со посредство на меѓународната заедница и институции.
И денес тие три легитимации се судираат во ист политички простор. Ахмети е еден од ретките политичари што ги носи сите три во сопствената биографија. Тој е човек од военото минато, потписник и политички актер на постконфликтниот период, долгорочен институционален фактор во Македонија, актер во регионалните иницијативи и сега опозициски политичар, кој повторно мора да бара начин да го преземе лидерството во албанскиот кампус. И тој, заради своите стремежи, бара начин преку Хаг да ги оствари истите тие, но можеби Хаг ќе биде оној што ќе одлучи наскоро за Ахмети да се најде во друго својство од досегашното во релациите со Хаг. П.Р.

































