Ден посветен на детското творештво на меѓународниот фестивал „Книжевен круг“

На 4 јуни, во рамките на меѓународниот фестивал „Книжевен круг“, во големата сала на Општина Кисела Вода, се одржа приредбата „Радоста на пишувањето и читањето“, на која настапија голем број современи македонски писатели за деца и млади со свое творештво.
Исто така, настапија и наградени ученици од основните училишта во Општина Кисела Вода, кои се претставија со литературни творби на темата „Културно наследство“. Тие добија книги како награда од издавачката куќа „Феникс“ од Скопје.
На оваа свеченост му беше врачена наградата „Големиот Принц“ на писателот Горјан Петревски – за дострелите во литературата за деца и млади. На свеченоста ѝ беше врачено почесно признание и на Даниела Костадинова, раководителка на Секторот за култура во Општината.
– „Радоста на пишувањето и читањето“ е своевиден фестивал во фестивалот. Тоа беше наша намера и желба не да бидат учениците на крајот, туку сакавме овие програмски содржини да бидат рамноправни со содржините за возрасните. Токму затоа инсистиравме ова да се одржи на посебен простор со учество на учениците и како публика, но и како автори. Ги поканивме најдобрите ученици што веќе добиле награди и можеби во нив се крие некој иден писател. Не само да афирмира и презентира туку и да открива. За в година планираме посебен конкурс и да има што повеќе учесници и награди – ни рече Христо Петревски, првиот човек на институтот за наука, алтернатива, култура и уметност ИНАКУ, организатор на фестивалот „Книжевен круг“.
Инаку, меѓународниот фестивал „Книжевен круг“ започна на 21 мај, а заврши на 7 јуни, а според организаторот ќе биде традиционален. Годинава на него учествуваа повеќе од педесет писатели од земјава и од странство.