Фото: Игор Бансколиев

Субвенционираната поевтина струја за производителите не донесе и поевтина храна за граѓаните, кои вчера не можеа да забележат никаква разлика во цените во однос на претходниот месец, и покрај очекуваното и најавено намалување за над 10 проценти. И од нашата обиколка низ маркетите во градот можеше да се забележи дека нема никакво намалување на цените, а беше видлив и револтот на купувачите, кои се чувствуваат изиграно. Нашиот весник и во следните денови, преку теренски истражувања и споредбени анализи, ќе ја следи состојбата со движењето на цените, во интерес на граѓаните и јавноста

Засега ништо од најавеното намалување на цените

Во првиот ден од декември изостана големото намалување на цените на прехранбените производи, кое, според претходните процени од Министерството за економија, требаше да изнесува минимум десет отсто од досегашните цени на лебот, месните и млечните производи, како резултат на користењето на субвенционираната цена на струјата што им беше овозможена на производителите од страна на Владата. Граѓаните што во текот на вчерашниот ден се снабдуваа во поголемите маркети во Скопје не можеа да забележат разлика во цените во однос на претходниот месец. Се чини производителите и трговците сѐ уште наоѓаат начини да ја одложат одлуката за намалување на цените. Трговците во текот на вчерашниот ден не добиле никакви известувања за намалување на цената на лебот, брашното, месните преработки или маслото за јадење.

Наместо пониски цени, до потрошувачите пристигнуваат нови најави од мелничарите и пекарите дека лебот ќе поевтини, но тоа ќе се случува „постепено“. Исти изјави пристигнуваат и од млекопроизводителите, кои одложувањето на намалувањето на цените го оправдуваат со подолгиот производствен процес. Недоволно поевтинување од пет отсто во почетокот на декември има кај пилешкото и свинското месо, додека кај телешкото месо нема никакви промени, како штоп информираат од Групацијата за производство и преработка на месо.
Очекувањата на граѓаните за поевтинување на храната се сведени само на празни ветувања, затоа што и со досегашните обиди за намалување на цените, преку ограничувањето на трговската маржа и со повластените стапки на ДДВ за струја, немаше никаков видлив ефект. Од Организацијата на заштита на потрошувачите велат дека следењето на сите цени за сите производи е невозможно, додека за почитување на одлуката за намалување на цените, поради субвенционираната цена, е надлежен Државниот пазарен инспекторат.
– Велат некои пекари ја намалиле цената на лебот на 32 денара! Но каков е квалитетот на тој леб и за колкава грамажа станува збор. Лебот што го консумираме во нашето семејство е со иста цена. Истото тоа е и со млечните производи – ни изјави еден купувач во Скопје.
И од нашата обиколка низ маркетите во градот можеше да се забележи дека нема никакво намалување на цените, а беше видлив и револтот на граѓаните, кои се чувствуваат изиграно.
Во изминатиот период, министерот за економија Крешник Бектеши се закануваше со мерки против фирмите што нема да ја поевтинат храната и покрај тоа што Владата ќе им понуди неколкукратно поевтина струја, од 80 евра за мегават-час. Сепак, тој во своите последни настапи во медиумите најави „преоден“ период за намалување на цените, поради „фактот дека маркетите имаат резерви од претходно“!
– Во согласност со одлуките на Владата за субвенционирана цена на електричната енергија од 80 евра за мегават-час за компаниите од прехранбената индустрија, очекувањата се дека од 1 декември ќе почне намалување на цените на основните прехранбени производи. Има пониски цени на бел леб кај некои од пекарниците, имаме и намалување на цените на млекото кај некои од млекарниците. Во наредниот период очекуваме дека ќе има дополнително намалување на цените и кај другите производители и од пекарската и од млечната и од месната индустрија. Секако, треба да се има предвид дека одредени маркети имаат резерви од претходно, но во наредниот период очекуваме стабилизирање и намалување на цените на основните прехранбени производи до 10 отсто, во согласност со комуникацијата што ја имаме со овие компании – одговорија од Министерството за економија на нашето прашање колку домашните компании ја почитуваат одлуката за намалување на цените на основните прехранбени производи.
Од мелничарско-пекарската индустрија велат дека лебот сигурно ќе поевтини, но дека тоа ќе оди постепено.

– Цената ќе се намали, соодветно на намалениот трошок за електричната енергија, но тоа нема да биде веднаш, туку најверојатно во втората половина на декември. Секоја компанија го прави тоа поединечно, си прават свои математики. Полека очекуваме по Нова година да се намалат и суровините, пазарот ќе се стабилизира и очекувам трендот да биде позитивен и да функционира нормална конкуренција на пазарот – изјави Горан Малишиќ од Групацијата на мелничарско-пекарската индустрија.
Компании од млечната индустрија укажуваат на поскапувањето на добиточната храна и порастот на откупната цена на млекото за 40 отсто во однос на минатата година. Некои од компаниите не ни поднеле барање за субвенционирана цена на струјата, така што се остава простор тие да продолжат да ги продаваат своите производи по повисоки цени.
– Млечната индустрија е специфична поради подолгите неколкумесечни процеси на производство. Ферментирањето за дел од производите, како кашкавал или сирење, трае два-три месеци. Тоа што сега ќе се произведе во млечната индустрија, ќе се продава од јануари натаму или производите со евтина струја ќе се продаваат по Нова година. Малку поинаку е во пекарската индустрија, каде што многу побрзо може да се чувствуваат позитивни ефекти и намалување на цените – објаснуваат од Стопанската комора.
Оттаму нагласуваат дека секоја компанија ќе ги намалува цените на производите во зависност од процентот на учество на енергијата во крајниот производ, но под услов цените на суровината, амбалажата и другите инпути да останат исти.
Снижувања за над 10 отсто се можни и кај месните производи доколку Владата донесе одлука со која би се укинале давачките на увозните суровини, како што информираат компаниите од овој сектор. На десетина компании од месната индустрија им се одбиени апликациите за добивање субвенционирана струја зашто имаат фотоволтаици. Тие веќе ги намалиле цените на педесетина производи, на свежото свинско месо и на дел од пилешкиот асортиман, но до кога ќе трае поевтинувањето, не знаат. Од домашната групација на преработувачи на месо порачуваат дека за да се намали, пак, цената на месните производи веднаш, за над 10-15 проценти, потребно е ослободување од царината за увоз на смрзнато свинско месо за преработка, која беше во сила четири години и заврши во јуни 2022, што доведе до поскапувања.
Нашиот весник и во следните денови, преку теренски истражувања и споредбени анализи, ќе ја следи состојбата со движењето на цените, во интерес на граѓаните и јавноста.

М.Ј.