Македонија е на крстопат. Можни се два патишта. Првиот пат е – обезличена Македонија и остварување на вековниот сон за „европска држава“, но без Македонци. Другиот пат е – ЕУ со Македонци, но тоа подразбира достоинствен пристап кон европските интегративни процеси: Македонија треба да претставува дел од ЕУ, но само ако македонскиот идентитет, македонскиот јазик и нивното постоење се воспримат како вечни категории – сè друго поинаку прифатено и пласирано е бесмислено, се вели во анализата на академик Коцарев
АНАЛИЗА НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МАНУ, ЉУПЧО КОЦАРЕВ
Денешниов текст ги анализира противречните односи на природното право и позитивното право. Односот меѓу природното право и позитивното право (jus naturale versus jus positivum) е, всушност, однос на правото и законот. Природното право подразбира систем од природни и вродени човекови слободи и права, додека позитивното право опфаќа систем од правни норми, право во примена и право изречено со судски пресуди. Историјата на човештвото изобилува со голем број примери за нарушување на овој сооднос: придобивките од природното право (слободата, еднаквоста и братството) и укинувањето на ропството во 1794 година, во Франција, траеја само осум години – во 1802 година, ропството беше повторно воведено од Наполеон за потребите на определена класа граѓани во француските колонии.
До 2018 година, Македонија, во меѓународните односи, беше стабилна и избалансирана држава во однос на природното право и позитивното право: за повеќе од 130 земји во светот, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји, за четири од петте постојани земји-членки на Советот за безбедност на ОН (Кина, САД, Русија и Обединетото Кралство) и за седумнаесет земји на ЕУ27 (Австрија, Бугарија, Естонија, Ирска, Италија, Литванија, Луксембург, Малта, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Унгарија, Финска, Хрватска, Чешка и Шведска), ние бевме Македонци што живеат во Република Македонија. Меѓутоа, со потпишаните договори со Грција и со Бугарија, соодносот меѓу природното право и позитивното право се наруши, па, така, Македонија не само што стана уставно недефинирана конституција и спорна територија туку природните права на Македонците, нивното право на самоопределување, нивниот национален идентитет и нивниот јазик се доведоа во прашање, до работ на постоењето и на чекор до целосно исчезнување. На пример, за Универзалната декларација за човековите права (донесена од Генералното собрание на Обединетите нации, во 1948 г.), некои познавачи на природното право ќе речат дека е „првата умна заедница на природното право и позитивното право“, додека, пак, невклучувањето на природното право на Македонците во договорите со Бугарија и со Грција, за жал, резултира во обезличување и дестабилизација на Македонија. Аргументите од типот „природните права се вродени и непроменливи, па, така, не можат да бидат предмет ниту на закони ниту на договори“, не се издржани. За меѓународната заедница, договорите со Грција и со Бугарија се важечки, а ќе бидат важечки и решенијата вградени во нашиот правен систем што ќе го отсликуваат суштинскиот карактер на билатералните протоколи со Бугарија, па, така, за сите други, освен за нас самите, ние ќе бидеме народ без историја и ќе зборуваме на бугарски дијалект (кој, по 1945 година, се именува како македонски јазик). Договорите со Грција и со Бугарија имаат уште еден застрашувачки и понижувачки суштински елемент – државата Македонија им го ускратува природното право на Македонците во Грција и во Бугарија.
Изразот „неправеден закон не е закон“ (lex iniusta non est lex) е еден од темелните и непроменливи морални принципи што се сметаат за основа на целото човечко однесување. Ако, на пример, синтагмите „невалиден аргумент не е аргумент“, или „нелојален пријател не е пријател“, се разбирливи за сите, тогаш тоа би требало да важи и за максимата: „неправеден закон не е закон“. Почетните зборови, „неправеден закон“, укажуваат дека, можеби, станува збор за одредени одлучувачки суштински аспекти, за закон, но потоа, со неговото негирање – „не е закон“, се потврдува дека, сепак, бидејќи правдата е суштинскиот елемент на постоењето и почитувањето на законите, недостигот од правдата во неправедниот закон го лишува него од одлучувачкото значење што го имаат сите закони. Овие аргументи лесно може да се пренесат и на неправедни договори, на неправедни решенија и на неправедни декрети, а токму такви се договорите со Грција и со Бугарија: неправедни. За неправедноста во Библијата ќе прочитате: „тешко на оние што носат неправедни закони, на оние што издаваат угнетувачки решенија, за да ги одземат правата на сиромашните“ (Исаија 10:1,2).
Како понатаму? Предлагам да не се помириме со состојбата во која се наоѓаме, водејќи се од изреката „наведната глава сабја не ja сече“, па, така, според моето мислење, предлагам првиот чекор да биде: гласно НЕ за договорот со Бугарија. Бидејќи, по Универзалната декларација на ОН и сè повеќебројните меѓународни норми и стандарди содржани во конвенциите за правата на човекот, природното право прерасна во политичка филозофија којашто ги дефинира основните начела кон кои мора да се придржува секоја современа држава-членка на меѓународната заедница, вклучувајќи ги и ЕУ и Бугарија. Ние треба упорно и цврсто да опстоиме, укажувајќи и потенцирајќи дека Македонија сака да биде членка на ЕУ, но дека уцените на Бугарија се неправедни и дека сè додека ЕУ не се огради од нив и не ги изземе од преговарачкиот процес, Македонија не е подготвена за компромис.
Македонија е на крстопат. Можни се два патишта. Првиот пат е – обезличена Македонија и остварување на вековниот сон за „европска држава“, но без Македонци. Другиот пат е – ЕУ со Македонци, но тоа подразбира достоинствен пристап кон европските интегративни процеси: Македонија треба да претставува дел од ЕУ, но само ако македонскиот идентитет, македонскиот јазик и нивното постоење се воспримат како вечни категории – сè друго поинаку прифатено и пласирано е бесмислено. За другите идни чекори во градењето просперитетна иднина ќе говорам во други пригоди. Сепак, не е на одмет да се потсетиме на Американската декларација за независност од 1776 година, во која категорично се прокламира: „Ние ги сметаме за очигледни овие вистини: дека сите луѓе се создадени еднакви, дека се обдарени од нивниот Творец со одредени неотуѓиви права, меѓу кои се животот, слободата и стремежот кон среќа.
Заради обезбедување на овие права, владите установени меѓу луѓето ја изведуваат својата законита моќ од согласноста на оние над кои се владее. Ако кога било и кој било облик на влада стане пречка за остварување на овие цели, право е на народот да го смени или укине, да установи нова влада што ќе се заснова на такви начела и ќе ја организира својата моќ така што на најдобар начин да влијае врз народната сигурност и среќа“.
Судирот на природното право и законот е опишан во драмата „Антигона“ од Софокле. На чудењето на Креон, владетелот на Теба, дека Антигона, иако знае за неговата забрана, има „смелост да згази на неа“, Антигона одговара: „Заповедта грозна не ја даде Зевс, / ни правдата, таа сожителка вечна / на подземни дуси, што закони други / на луѓето горе, им дадоа еднаш. / Заповедта твоја не ја сметав силна / та смртен да може да крши глас божји / што вечен е, ако ненапишан нигде. / Не живее зборот на Зевса од денес / и не е од вчера, а вечен е, зашто / почетокот негов не го знае светов. / И затоа нејќев да наведнам глава / та гневот на бога врз мене да падне. / А дека ќе умрам – и без тебе знаев, / но барем ќе умрам благородно, сметам…. Поголема слава зар можам да имам / од таа што брат ми го погребав чесно? / Постапката би ја одобриле сите / да не беше стравот што јазик им одзел“.
Фактот дека ние сме Македонци и зборуваме македонски јазик „не е од вчера, а вечен е, почетокот негов не го знае светот“, а неодобрувањето и отфрлањето на договорите со Грција и со Бугарија „би ги одобриле сите, да не беше стравот што јазик им одзел“. До кога вие што одлучувате во името на граѓаните на Македонија ќе бидете неприродно сервилни погазувајќи ги природните права на Македонците? До кога и поради што вашиот јазик ќе биде врзан и до кога и зошто ги кршите вечните природни права?! Токму затоа, како што вели светиот апостол Павле: „потребно е меѓу вас да има раздори, за да се истакнат подостојните меѓу вас“ (1Кор. 11, 19), па, оттука, и во Македонија, каде што има особено изразен недостиг од достојни политичари и владетели, е потребно да се изнајдат достојните меѓу нас да застанат на чело на овој мирен, правдољубив и слободољубив народ и достоинствено да ја водат оваа земја.