Дилеми и отворени прашања за иднината на Отворен Балкан

Покрај обврските за регионална соработка и за одржување на добрососедските односи што произлегуваат од Спогодбите за стабилизација и асоцијација, овие прашања се инкорпорирани и во преговарачките рамки во процесот на пристапување кон ЕУ. Тие претставуваат уникатен критериум според кој земјите во Западен Балкан се оценуваат во процесот на пристапување кон ЕУ. Но на регионалната соработка и интеграција не треба да се гледа како на наметнат процес или услов за членство во ЕУ, туку како можност за директна корист за граѓаните и компаниите од регионот.
Впрочем, 69 отсто од компаниите сметаат дека квалитетот на регионалната соработка е значаен за нивниот бизнис, додека 76 отсто од граѓаните го поддржуваат овој процес во насока на подобрување на политичката, економската и безбедносната состојба во нивните држави. ЦЕФТА служи како пример дека регионалните договори даваат подобри резултати отколку билатералните трговски договори.
Затоа, иницијативите што ја промовираат и ја олеснуваат регионалната соработка се од особено значење за државите од регионот – Отворен Балкан и Берлинскиот процес. Комплементарноста на овие процеси, но и тоа дали воопшто има потреба да има два паралелни процеса е тема на дебата деновиве.
Ова прашање е веројатно позначајно за иницијативата Отворен Балкан, особено по одржувањето на самитот на Берлинскиот процес. Потпишување на договорите за признавање на личните карти, универзитетските дипломи и професионалните квалификации беше окарактеризирано како надминување на мртвата точка во која се најде имплементацијата на акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар.
Но Отворен Балкан е единствен пример каде што земјите од регионот покажaa дека можат да преземат одговорност и самоиницијативно да реализираат активности за регионална соработка. Напорите на земјите учеснички дадоа импулс за проектот за регионална интеграција на Западен Балкан. Претставниците од граѓанскиот сектор што учествуваа на самитот во Берлин со право ѝ дадоа признание и заслуга на иницијативата Отворен Балкан за напредокот во рамките на Берлинскиот процес и за потпишувањето на трите договори. Отфрлањето на оваа иницијатива би било погрешно без да се разгледаат предизвиците со кои се соочува.
Овој текст се осврнува на три дилеми, на кои ако даде одговор, веројатно иницијативата Отворен Балкан ќе го оправда своето постоење.
Отворен Балкан беше промовиран како инцијатива што ветува отворени граници и целосно слободно движење на стоките, услугите, луѓето и капиталот во регионот. Иако лидерите на земјите учеснички во иницијативата уверуваа дека ќе го реализираат ова ветување до крајот на 2023-та, иницијативата не е ни блиску до исполнување на оваа цел.

Впрочем, договорите што досега беа потпишани предвидуваат механизми што го потврдуваат спротивното – трговијата со стоки останува да подлежи на граничните контроли и увозни формалности, а пристапот на пазарите на трудот може да биде ограничен, дури и забранет, за граѓаните од другите земји потписнички. Дополнително, Отворен Балкан не презентира јасен преглед на активностите што треба да бидат реализирани, за визијата за единствен пазар на Западен Балкан, по примерот на европскиот пазар, да стане реалност.
Декларациите од Охрид и Тирана од 2019-та, кои служат како единствени патокази на оваа иницијатива, не го елаборираат планот за остварување на таа амбициозна цел.
Она што можеби повеќе загрижува е фактот дека Отворен Балкан нема јасно дефиниран мандат. Независно дали станува збор за соработка во области во кои Албанија, Србија и Македонија се понапреднати во однос на имплементацијата на европските правила (на пример, авторизирани економски оператори) или во области во кои не постоеше политички консензус на регионално ниво (на пример, признавање на универзитетските дипломи и професионални квалификации), договорите што досега беа потпишани, а се однесуваат на четирите слободи, се активности што беа предвидени или инкорпорирани во планот за Заеднички регионален пазар на Западен Балкан.
Сѐ додека иницијативата Отворен Балкан се потпира на веќе утврдени области на соработка во рамките на Заедничкиот регионален пазар, a особено по потпишувањето на трите договори во Берлин, дилемата за потребата од нејзино постоење ќе биде присутна.
И последно, иако иницијативата досега продуцира седум договори, нивната имплементација сè уште е неизвесна Договорите сѐ уште не се ратификувани, а нивната имплементација се одложува. Ваквата состојба ја поткопува довербата во оваа иницијатива, но и создава негативна слика – дали државите од регионот можат политичките ветувања да ги претворат во реалност за граѓаните и компаниите од регионот.

Од друга страна, во изминатите неколку години, областите во кои дејствува иницијативата континуирано се зголемуваат. Земјите учеснички, најчесто пред одржувањето на самитите на иницијативата Отворен Балкан, изненадуваа со нови иницијативи за соработка во целосно нови области. Ваквиот пристап не мора да значи дека е лош сам по себе.
Најавената соработка во областа на енергетиката и обезбедувањето храна е соодветен одговор на кризата што настана како резултат на руската воена агресија во Украина.
Меѓутоа, (не)усогласувањето со санкциите кон Русија ги заостри политичките односи во регионот. Одржувањето на охридскиот самит беше доведено во прашање поради несогласувањата за најавената посетата на Белград од страна на шефот на руската дипломатија во јуни 2022 година. Овa e само еден пример за тоа колку иницијативата Отворен Балкан може да биде кревка при промена на приоритетите на владите на земјите учеснички во новата геополитичка реалност.
Непостоењето на јасни граници во однос на областите во кои (ќе) дејствува, го зголемува ризикот дека нови несогласувања би ја загрозиле стабилноста на иницијативата.
Дополнително, ваквиот начин на дејствување ја прави иницијативата помалку атрактивна за другите земји во регионот и за трети страни. Без јасен долгорочен план со дефинирани области на дејствување, чинителите во земјите-учеснички, но и кај оние што размислуваат да се приклучат, не би можеле да ја проценат додадената вредност од учеството во оваа иницијатива.
Отворен Балкан е поуспешен во обезбедување поддршка од меѓународните партнери, отколку политичка поддршка во регионот. Американскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, ја потврди поддршката од САД за оваа иницијатива уште во 2021 година. Европската комисија за првпат во пакетот за проширување за 2022 година формално посочи на позитивната улога на Отворен Балкан за промовирање на регионалната соработка и даде поддршка за реализација на активностите, сѐ додека иницијативата се заснова на правилата на ЕУ и останува инклузивна за сите земји од регионот.

Но, за да биде успешен проект, иницијативата треба да ја искористи поддршката што ја ужива од меѓународните партнери. Досега, техничката поддршка што ја обезбедија САД за националните координатори е единствен пример на практична соработка со трета страна. Присуството на претставници на Европската комисија, Советот за регионална соработка (RCC) и ЦЕФТА не донесе некаква дополнителна вредност, освен промоција на идејата за регионална интеграција. Освен Унгарија, досега ниту една друга земја-членка не одговори на политиката на отворени врати. Иако унгарскиот министер за надворешни работи присуствуваше на самитот во Белград, оваа средба не резултира со позитивен епилог во однос на продлабочување на соработката со земјите од регионот.
Она што недостига е јасно утврдена улога на европските партнери во реализација на целите на Отворен Балкан.
Претседателите на Босна и Херцеговина и на Црна Гора учествуваа на ОБИ-самитите оваа година, но сè уште не се потписници на ниту еден документ што произлезе од иницијативата, додека Косово и понатаму е против приклучување. Политичките актери и граѓанскиот сектор посочуваа на нееднаквата позиција на сите земји учеснички и наводното доминантно влијание на Србија, како и на (не)комплементарноста со Берлинскиот процес и процесот на пристапување во ЕУ како причини против оваа иницијатива.
Иако ја нема политичката, иницијативата ужива силна поддршка од граѓаните од регионот. Истражувањето на ИРИ покажува дека 75 отсто од испитаниците во Србија ја поддржуваат иницијативата Отворен Балкан. Иницијативата има поголема поддршка во земјите неучеснички, Босна и Херцеговина (68 отсто) и Црна Гора (66 отсто) отколку во Македонија (61 отсто). Дури и во Косово, иако мнозинството (49 отсто) е против, 42 отсто од испитаниците ја поддржуваат иницијативата.
Отворен Балкан може да ја капитализира поддршката што ја ужива кај граѓаните од регионот. Во таа насока, треба да понуди одговор на главните дилеми што ги имаат „противниците“ на оваа иницијатива. Покрај јасно дефиниран делокруг на дејствување, иницијативата може да ја зголеми својата транспарентност, особено во насока на процесот на управување.
Улогата на Советот за имплементација, процедурите на работа на Советот и телата одговорни за имплементација на обврските што произлегуваат од потпишаните договори треба да бидат јавно искомуницирани, а имплементацијата и резултатите треба редовно да се следат и да се прават годишни извештаи (што не е случај во досегашната практика).

Регионалната соработка е важна и во насока на помирување и решавање на отворените билатерални прашања. Но без учество на сите држави, оваа цел е тешко достижна, ако воопшто може да се рече дека Отворен Балкан во сегашната констелација придонесува за подобрување на односите во регионот. Потпишувањето на трите договори во Берлин треба да служи како пример дека може да се најде решение за надминување на разликите.
Токму Отворен Балкан е можност државите од регионот да покажат зрелост и подготвеност да соработуваат и без присуство (или притисок) на европските партнери.

Стефан Ристевски

Авторот е истражувач во Институтот за европска политика (ЕПИ) Республика