На карневалот „Прочка 2023“
И годинава на карневалот „Прочка 2023“ беше отворена изложба на маски направени од учениците од основните и средните училишта во градот, кои и овој пат се покажаа како вистински креативци. Тие создадоа уникатни инспиративни маски во духот на традицијата.
На изложбата во ЦК „Марко Цепенков“ беа поставени околу 300 маски, рачно изработени и од рециклирачки материјали. Учениците под будното око на своите ментори покажаа дека знаат да ја продолжуваат традицијата, да создаваат креативни маски со своите вредни раце. Без исклучок, сите беа одлични, но сепак Општина Прилеп додели неколку награди, за да го вреднува нивниот труд.
Гран при освои Изабела Талевска од ОУ „Кирил и Методиј“ од прилепското село Подмол. Деветтоодделенката Изабела, која не можеше да ја скрие радоста за освоената награда, вели дека еден месец работела на маската.
– Изработена е од традиционални материјали – грав, сергии, пиперка, зеленило… Сакав да ја претставам македонската традиција. Четврта година учествувам на изложбата и ова ми е прва награда. Многу сум среќна – рече Изабела.
Специјалната награда на изложбата ѝ беше доделена на маската од второ 2 одделение од ОУ „Климент Охридски“, а во категоријата 6-7 одделение беа доделени следните награди: првото место му припадна на Матеј Тодоров од ООУ „Блаже Конески“, второнаграден е Иле Наумоски од ООУ „Добре Јованоски“, а третото место е за Марија Талеска од ООУ „Климент Охридски“.
Во категоријата 8-9 одделение: првото место е за Михаела Јованоска од ООУ „Пере Тошев“-Канатларци, втората е за Сара Блажеска од ООУ „Кире Гаврилоски“, а третата е за Евгенија Димитриовска од ООУ „Гоце Делчев“.
На карневалот гран при освоија ученици од ОУ „Блаже Конески“, со маската „Кременковци“.
Ка.М.