Тим од меѓународни научници откри дека композиторот имал генетска предиспозиција за заболување на црниот дроб и дека бил заразен со хепатитис Б

Кој бил таткото на Лудвиг ван Бетовен – ова прашање предизвикувало интриги дури и за време на неговиот живот, а некои дури тврдеа дека познатиот германски композитор и пијанист бил вонбрачен син на прускиот крал. И сега тим од истакнати меѓународни научници, вклучувајќи ги и оние од универзитетот „Кембриџ“, го секвенционирале неговиот геном и откриле како навистина имало прекин во татковската линија на музичарот, пренесува „Телеграф“.
Новото истражување објавено во списанието „Карент бајолоџи“ сугерира дека се случил „вонбрачен“ настан помеѓу зачнувањето на Хендрик ван Бетовен во Кампенхаут, Белгија, околу 1572 година, и зачнувањето на Лудвиг ван Бетовен седум генерации подоцна, во 1770 година, во Бон, Германија. Тоа би значело дека композиторот не бил „легитимен Бетовен“, иако експертите велат дека е невозможно да се каже во која генерација дошло до прекинот.

Сомнежите за вистинското потекло на таткото на Бетовен одамна се зголемија поради недостигот од неговата крштеница. А тоа би можело да значи дека неговите музички гени потекнуваат од извор што останува изгубен во историјата.
– Со комбинирање архивски документи и податоци од ДНК, успеавме да видиме неусогласеност меѓу правната и биолошката генеалогија на Лудвиг ван Бетовен – изјави Мартен Лармузо, професор по хумана генетска биологија на Католичкиот универзитет во Лувен, Белгија.
Познато е дека дури и за време на животот на Бетовен постоеле сомнежи за неговото вистинско наследство, а самиот композитор никогаш не се спротивставил премногу на таквите гласини.
– Мојата природа покажува дека не ѝ припаѓам на оваа плебејска маса – напишал некогаш глувиот композитор во книгата преку која комуницирал со околината.
Германската енциклопедија „Мајерс конверсејшнс лексикон“ го наведува Фридрих Велики како татко на Лудвиг, додека музички речник објавен во Франција тврди дека композиторот бил син на Фридрих Вилхелм Втори. Двајцата споменати луѓе биле кралеви на Прусија. Бетовен ги негираше овие гласини дури на крајот од својот живот, откако Франц Вегелер, пријател од детството, му испрати писмо во кое го искара дека „не ја бранел честа на својата мајка“. Композиторот одговорил: „Известете го светот за интегритетот на моите родители, особено на мајка ми“.
А, една нова студија сега очигледно сугерира дека можело да има скандал во предметното семејство за кој не знаел ниту самиот Бетовен.

Научниците анализирале ДНК од пет пронајдени прамени од косата на Бетовен, кои датираат од периодот од седум години пред неговата смрт од цироза на црниот дроб во 1827 година. Композиторот почина на 56-годишна возраст, а беше откриено дека има генетска предиспозиција за заболување на црниот дроб и дека е заразен со хепатитис Б, што во комбинација со прекумерното консумирање алкохол можеше да доведе до негова смрт. Но не е пронајдено генетско објаснување за губењето на слухот, од кое композиторот страдал во средината на неговите 20-ти години, додека не станал функционално глув во 1818 година.
– Иако не можеше да се идентификува јасна генетска основа за губење на слухот кај Бетовен, научниците предупредуваат дека таквото сценарио не може строго да се исклучи. Но референтните податоци, кои се задолжителни за интерпретација на поединечни геноми, постојано се подобруваат, така што можно е геномот на Бетовен во иднина да открие насоки за причината за неговото губење на слухот – изјави д-р Аксел Шмит од Институтот за хумана генетика при Универзитетската болница во Бон.
Научниците исто така не можеа да најдат генетско објаснување за гастроинтестиналните заболувања на Лудвиг, кои го мачеле при крајот на неговиот живот, но истражувачите велат дека целијачната болест или нетолеранцијата на лактоза се многу малку веројатни врз основа на геномските податоци.