- Антропологија на иронијата! Зошто си ме, мајко, родила!?
Колку пати може еден човек да умре и да го нема да го избришат?! Еднаш кога ќе го одделат од мајката. Вторпат кога ќе му го сменат името. Третпат кога ќе му го избришат потеклото. И последен пат – кога историјата ќе престане да го памети.
„Зошто си ме, мајко, родила!?“ очигледно дека оваа македонската песна е крик на Македонецот пред сопствената судбина. А историјата има чудно чувство за иронија. Толку чудно што, кога фактите ќе ги ставите еден до друг, изгледаат како некој намерно да ги напишал.
Во претходните две продолженија пишувавме за педиополисите на кралицата Фредерика, за децата од македонските села, за присилното одвојување, за децата бегалци, за повоените посвојувања, за „црниот пазар“ што го истражувале американските власти и за деца што преку океанот добивале нови семејства, нови имиња и нови татковини. Но овој пат нема да ја следиме географијата на детето. Ќе ја следиме иронијата на документите.
Четири приказни. На прв поглед – четири случајности. Првата започнува во Солун. Сиропиталиште што го носи името на Свети Стилијан – заштитникот на децата, а чии архиви децении подоцна ќе се најдат во центарот на скандал со деца заведувани како напуштени или со „непознати родители“. Втората нè носи во судниците. Во Америка обвинителите гледале фотографии на деца, посредници и пари. Но пред американските судии стоело нешто многу посилно – одлука на грчки суд со која детето веќе било законски посвоено. Третата иронија има име. Ефтихија. На грчки – „Среќа“. Дете што добило ново семејство во Америка, а како возрасна жена морало да тргне назад низ сопствените документи за да ја бара вистината за мајката за која ѝ било кажано дека е мртва. Но мајката била жива. А четвртата иронија можеби е најголемата. Годината е 1948. Педиополисите веќе функционираат. Деца веќе се преместуваат. Граѓанската војна беснее. А во Обединетите нации токму грчката делегација бара во Конвенцијата за геноцид да биде внесено: „присилното пренесување деца од една човечка група во друга“. Истата реченица што подоцна ќе стане член II(e) од конвенцијата.
И да не судиме однапред, а да направиме нешто многу поедноставно, да ги ставиме документите еден до друг. Педиополисот. Сиропиталиштето. „Непознатите родители“. Грчката судска одлука. Новото име. Новото семејство. Ефтихија – „Среќа“. И грчкиот предлог пред Обединетите нации. Случајности? Можеби. Иронија? Несомнено.
Но ако зад иронијата почне да се појавува нечија стратегија, тогаш мора да поставиме уште едно, многу потешко прашање: Дали некој многу добро знаел што значи за еден народ да ја прекине врската со неговите деца? И тогаш од далечината повторно како да се слуша она старо македонски стих: „Зошто си ме, мајко, родила?“ Овој пат не како песна. Туку како прашање до историјата и да не се заборави!
ТРИСТА ГРКО-АМЕРИКАНЦИ ГИ БАРАА СВОИТЕ КОРЕНИ ВО „АГИОС СТИЛИАНОС“ – ВИСТИНАТА ЗАКОПАНА ВО „ТАЈНИТЕ КНИГИ“ НА СВЕТЕЦОТ ШТО ГИ ЗАШТИТУВА ДЕЦАТА
Триста луѓе. Триста човечки судбини. И едно исто прашање: кои биле нашите вистински родители? На 10 февруари 2001 година грчкиот весник „Та Неа“ (TA NEA) објавува наслов што звучи како почеток на детективска приказна: „300 Грко-американци ги бараат своите корени во ‘Агиос Стилианос’“.
Тоа веќе не биле деца. Биле возрасни луѓе што живееле илјадници километри од Грција, главно во Америка, а децении подоцна се обидувале да се вратат кон една точка од која некогаш започнала нивната нова биографија – солунското сиропиталиште „Агиос Стилианос“. И токму тука започнува првата иронија во нашата „Антропологија на иронијата“. „Агиос Стилианос“ (Άγιος Στυλιανός) значи „Свети Стилијан“. А Свети Стилијан во православната традиција се почитува како заштитник на децата и доенчињата. Но архивите на институцијата што го носела името на заштитникот на децата децении подоцна станале место каде што стотици веќе возрасни деца ги барале – своите родители.
Уште на 9 ноември 1998 година, истиот весник „Та Неа“ објавил текст со уште позагадочен наслов: – „Вистината закопана во… тајни книги“. За какви „тајни книги“ станувало збор? За регистри. За имиња. За датуми на раѓање. За имиња на мајки. За деца заведени како напуштени. За деца заведени како деца на „непознати родители“. А во некои случаи – и за луѓе што, барајќи го своето потекло, откривале дека во старите евиденции биле заведени како мртви.
Замислете ја иронијата. Човекот е жив во Америка, а во старата книга во Солун – е мртов. Токму затоа „Та Неа“ ја нарекува приказната „вистината закопана во тајни книги“. Но приказната не останала само на страниците на весниците. На 13 јануари 1999 година, „Та Неа“ објавува: „Обвинителството го отвори досието ‘Агиос Стилианос’“.
Според весникот, Обвинителството во Солун започнало кривични постапки за грабнување малолетници, а истрагата опфаќала десетици предмети за незаконски посвојувања и можната вмешаност на лица поврзани со породилишта и институции. Значи, повеќе не зборуваме само за сомнеж на некое посвоено дете. Имаме грчки новинарски истраги. Имаме грчко обвинителство. Имаме архивски регистри. И имаме стотици луѓе што децении подоцна ги барале своите биолошки родители.
На 13 јануари 1999 година, „Та Неа“ известува дека солунското обвинителство ги повело првите две кривични гонења, обвинителот Н. Пападопулос тогаш разгледувал вкупно околу 60 досиеја, а истрагата укажувала на можна кривична одговорност на лекари од приватни породилишта и поранешни вработени во „Агиос Стилианос“. Истражувањето продолжило. Во 2000 година „Та Неа“ известува за нови кривични гонења против лекари и службеници, а во еден предмет било наредено и ДНК-тестирање за утврдување на биолошките родители. Најсилниот доказ доаѓа во 2002 година. „Та Неа“ објавува текст со впечатлив наслов, односно „Грешниот ‘Агиос Стилианос’“. Тогаш обвинителството открило уште 29 случаи на незаконски посвојувања!
Еден конкретен предмет стигнал до судење – случајот со Савас Наврозидис, посвоениот син на поранешниот апелациски судија Даниил Даниил. Според „Та Неа“, тричлениот апелациски суд за тешки кривични дела во Солун прифатил дека незаконското посвојување навистина се случило, но обвинетите сепак биле ослободени бидејќи обвинението било преквалификувано во помагање при посвојување, што било полесно дело и во меѓувреме застарело!!!
Научното истражување подоцна дополнително ја осветлува оваа приказна. Еирини Пападаки (Eirini Papadaki) во трудот „Unwed Pregnancy and Adoption in Postwar Greece“ (1950–1983), објавен во „Џрнал оф модерн грик стадис“ („Journal of Modern Greek Studies“), го истражува системот на повоени посвојувања, положбата на невенчаните мајки и улогата на институциите.
Пападаки наведува дека во скандалот околу „Агиос Стилианос“ се појавиле или напуштени“ деца, деца на „непознати родители“ – а во одредени случаи и како починати, додека всушност биле дадени на посвојување, меѓу другото и на американски и грчко-американски семејства.
Но најстрашниот дел е друг. Според истражувањето, на дел од биолошките родители им било кажувано дека нивното дете починало. А детето било живо.
„Та Неа“ објавува и конкретна човечка приказна: мајка што дошла во Солун барајќи работа привремено го оставила своето сè уште некрстено бебе во „Агиос Стилианос“, со намера да се врати со потребните документи. Но подоцна детето било заведено како дете на „непознати родители“. Семејството дури по многу години дознало дека детето било посвоено. И дека живеело во Чикаго. Станува збор за Малама Марамениду од Халкидики и нејзината ќерка, која подоцна во САД живеела како Дарлин Фрудаки. „Та Неа“ ја објавил приказната на 10 февруари 2001 година. Приказната има уште поневеројатен крај, таа самата дошла во Грција уште во 1980 година барајќи ги биолошките родители, но, според „Та Неа“, ѝ било кажано дека архивите изгореле. Конечно, на Божиќ 2000 година, по 42 години, мајката и ќерката повторно се сретнале.
Една од најпотресните приказни што ги објавува грчкиот весник „Та Неа“ е онаа на Андреас Дакопулос. Зимата 1951 година, неговиот татко, млад пиротехничар, загинува расчистувајќи минско поле. Неговата мајка Олга, млада невенчана жена од Пилеа во Солун, останува сама и бремена. Набргу раѓа здраво машко дете, Андреас. Мора да работи за да преживеат и затоа бара помош од „Агиос Стилианос“. Го остава детето таму. По неколку дена се враќа. Одговорот е краток: „Детето почина“ Ѝ кажуваат и дека веќе го погребале. Олга си заминува скршена. Но Андреас не бил мртов, го посвоило грчко-американско семејство. Четириесет и две години подоцна, мајката и синот повторно се нашле.
Можеби токму тука започнува најстрашната иронија: понекогаш за да исчезне едно дете од животот на мајката не било потребно детето да умре. Доволно било некој да напише дека е умрено.
КОГА ФАЛСИФИКАТОТ ЌЕ ДОБИЕ СУДСКИ ПЕЧАТ – ДАЛИ СТАНУВА ВИСТИНА?
Втората иронија е можеби уште пострашна. Што ако судската одлука е законска – но документите врз кои е донесена не ја кажуваат вистината? Ако живата мајка во досието стане „непозната“ или „почината“, ако детето што не било напуштено биде заведено како „напуштено“ или „умрено“, ако согласноста е спорна или потписот не е вистински – тогаш судот на крајот може да донесе формално законска одлука врз фактичка основа што никогаш не била вистинита.
И токму тука лежи парадоксот на американската афера од 1959 година. Американското обвинителство гледало фотографии, посредници и пари. Но американскиот суд пред себе имал одлука на грчки суд: детето веќе било „legally adopted in Greece“ – „законски посвоено во Грција“. Така сомнежот застанувал пред судскиот печат. Но печатот докажува дека одлуката е донесена. Не докажува дека сè што било ставено пред судијата било вистина. И затоа вистинското прашање не е дали грчките судски одлуки биле законски. Прашањето е: На какви документи била изградена нивната „законска вистина“?
Зашто ако почетниот документ бил фалсификуван или невистинит, се појавува една застрашувачка можност: лагата влегува во судницата како доказ, добива судски печат – и излегува од неа како правна вистина.
Уште американскиот помошник-окружен обвинител Ернест Митлер, кој ги истражувал грчките посвојувања, забележал нешто што тешко можело да се објасни како случајност. Во документацијата за децата од Патра постојано се појавувала речиси истата приказна: невенчаната мајка наводно го оставала детето со белешка закачена на неговата облека, а потоа речиси никогаш не можела да биде пронајдена за лично да даде согласност за посвојувањето.
А кога детето ќе пристигне во Америка, американскиот суд веќе не гледа фотографија, белешка или исчезната мајка. Гледа грчка судска одлука. А што вреди законитоста на една судска одлука ако „вистината“ врз која е изградена започнала со белешка за која уште американскиот обвинител се прашувал дали воопшто може да биде вистинска?
ЕФТИХИЈА – ДЕТЕТО ШТО СЕ ВИКАЛО „СРЕЌА“
Нејзиното име било Ефтихија Нула – Eftychia Noula. Денес е позната како Линка Карол Тротер (Linda Carol Trotter). Родена е во западна Грција и како дете била посвоена во Соединетите Американски Држави. Но има нешто речиси сурово симболично во нејзиното име. Ευτυχία – Ефтихија – на грчки значи „среќа“, „благосостојба“. Детето што се викало „Среќа“ подоцна ќе помине децении обидувајќи се да открие што навистина се случило со неа. Во документите што Ефтихија подоцна ги истражувала, според нејзиното сведоштво, имало неточности, спорни потписи и документи за кои тврди дека биле фалсификувани.
Но најтешкиот дел е друг. На американското семејство што ја посвоило му било кажано дека нејзината биолошка мајка починала при породувањето. Но Хариклија не била мртва. Така ја добиваме третата иронија. Мајката е жива, а според документите е мртва. А детето што се вика „Среќа“ мора половина век подоцна да ја бара вистината за сопственото раѓање. Ефтихија на крајот ја пронаоѓа својата мајка жива! Но нејзиниот случај остава едно многу потешко прашање: Ако една жива мајка можела да исчезне од документите на сопственото дете, колку други мајки исчезнале на ист начин?
И токму кога мислите дека иронијата не може да стане поголема, мораме да се вратиме во 1948 година. Не во Педиополис. Не во сиропиталиште. Не во судница. Туку во Обединетите нации.
ГРЦИЈА ВО ОН – И НАЈГОЛЕМАТА ИРОНИЈА
Годината е 1948. Педиополисите веќе функционираат. Деца од северна Грција се преместуваат во институции на грчката владина страна. На другата страна, комунистите евакуираат деца кон Југославија и земјите од Источна Европа, од страв децата да не бидат одведени од монархофашистите. И прашањето за децата станува меѓународна политичка битка.
На 20 октомври 1948 година, во Шестиот комитет на Генералното собрание на Обединетите нации, грчката делегација поднесува амандман на нацртот на Конвенцијата за геноцид. Предлогот гласи: „Forced transfer of children to another human group“. Односно: „Присилно пренесување деца во друга човечка група“. Грција бара ова дејствие да биде опфатено со дефиницијата на геноцидот. Предлогот подоцна станува дел од член II(e) на конвенцијата: „forcibly transferring children of the group to another group“ – „присилно пренесување деца од групата во друга група“. И тука стигнуваме до четвртата – и можеби најголемата – иронија.
Државата што пред Обединетите нации барала меѓународното право да го препознае присилното пренесување деца како можен акт на геноцид, во истиот историски период имала сопствен систем на педиополиси во кој биле преместувани илјадници деца.
Тони Менкиноски
(продолжува)
































