Фото: Игор Бансколиев

На двата аеродрома во земјава од јануари до крајот на септември годинава се превезени над 1,8 милион патници (1.811.168) и се реализирани 14.823 лета

КАКОВ Е ЗИМСКИОТ РАСПОРЕД НА ЛЕТОВИ

Економската и енергетската криза немаат негативно влијание врз бројот на патници и имаат значителен пораст на патничкиот сообраќај на двата македонски аеродрома. Домашните авиоопреатори очекуваат во наредниот период да се продолжи со истата динамика во превозот на патници. Македонските граѓани, но и странските гости ќе можат да ги користат авионските услуги на повеќе европски дестинации, во согласност со зимскиот распоред на летови, кој почна на 30 октомври. Од скопскиот аеродром ќе има вкупно 41 дестинација, до каде што ќе летаат 13 авиокомпании, а на охридскиот аеродром седум редовни дестинации, со четири авиокомпании. Разлика со летните распореди на летање се само сезонските летови и на скопскиот и на охридскиот аеродром.
Скопскиот аеродром има стабилен сообраќај во текот на целата година, без големо влијание од сезонскиот сообраќај, додека охридскиот аеродром има редовен сообраќај во текот на целата година, со висок врв во летните месеци поради туристичкиот карактер на аеродромот. Од цивилните воздухопловни власти се водат постојани преговори за проширување на возниот ред од македонските аеродроми и кон други дестинации, но засега нема нови договори. Со почетокот на војната Русија – Украина запреа авиолиниите што беа воведени во текот на пандемијата на ковид, во 2020 и 2021 година, Москва и Санкт Петербург од „Нордвинд“ и Киев со „Виндроуз“. Само два месеца годинава оперативна беше маршрутата Скопје – Софија, на бугарската авиокомпанија „ГуливЕр“, која почна во март, а запре на крајот на мај. И покрај оптимистичките најави на претходната бугарска влада, предводена од премиерот Кирил Петков, директната авиолинија Скопје – Софија не заживеа и како редовна линија меѓу двете соседни земји.

Во првите девет месеци од годинава на двата аеродрома има зголемување од 82 проценти на патничкиот сообраќај во однос на истиот период од 2021 година, а намалување од 9,6 проценти кај карго-сообраќајот. Споредено со 2019 година, која се смета за референтна година во воздухопловството, бидејќи беше пред да се појави ковид-19, нивото на патнички сообраќај е помало за 12 отсто, или во Македонија е остварено ниво од 88 отсто од патничкиот сообраќај што сме го имале во 2019 година. Во однос на карго-сообраќајот, во првите девет месеци од годинава има остварен „промет“ од 2.407 тони, што е намалување од 9,6 проценти во однос на истиот период од 2021 година. Причина за падот на карго-сообраќајот се војната меѓу Русија и Украина и затворањето на Кина како економија цели два месеца, поради нејзината политика за заштита од ковид-19. Овие две глобални состојби придонесоа за намален извоз на карго-стоки од скопскиот аеродром на споменатите пазари. Во 2021 година има зголемени карго чартер-летови поради зголемениот извоз на компаниите од слободните економски зони, но оваа година ситуацијата беше целосно променета и поради тоа резултира со пад на овој вид авиосообраќај.
На двата аеродрома во земјава од јануари до крајот на септември годинава се превезени над 1,8 милион патници (1.811.168) и се реализирани 14.823 лета.
Статистиката за патничкиот сообраќај на „ТАВ Македонија“ покажува дека дестинации со најголем сообраќај од скопскиот аеродром, од јануари до септември, биле: Истанбул (двата аеродрома ИГА и „Сабиха Гокчен“, со 13 проценти пазарен удел), Виена (6,3 проценти), Цирих (6,2 проценти), Базел Милуз (6,2 проценти), Анталија (5,4 проценти), Минхен Меминген (4,1 проценти), Дортмунд (3,8 проценти) и Келн (3,1 проценти).

Топ пет држави со директни летови се: Германија (23,7 проценти пазарен удел); Турција (20,1 проценти); Швајцарија (14,2 проценти); Шведска (6,8 проценти); и Австрија (6,3 проценти). Најголем број патници во првите девет месеци од годинава превезе „Визер“ (58,2 проценти пазарен удел), по кој следуваат „Туркиш ерлајн“ (12 проценти), „Пегасус ерлајн“ (6,4 проценти), „Аустријан“ (6,3 проценти) и „Чер ерлајнс“ (5 проценти).
На охридскиот аеродром, пак, најфреквентна дестинација за патување е Виена, со 17,9 проценти пазарен удел, потоа Базел (15,4 проценти), Цирих (13,9 проценти), Малме (10,3 проценти), Меминген (10,2 проценти), Амстердам (9,2 проценти), Фридрихсхафен (8,7 проценти), Дортмунд (7,8 проценти), а другите дестинации се со пазарен удел од 1,4 процент.
Веќе во 2023 година се очекува позитивниот тренд на пораст на патничкиот авиосообраќај да продолжи со повисока стапка. На почетокот на годината, по истекувањето на договорот за субвенционирани летови од државава со „Визер“, Министерството за транспорт и врски достави до Владата нова уредба, со која дефинира нов модел за распределба на финансиската поддршка за авиолиниите. Во исто време се разгледува можноста за вклучување повеќе авиооператори, но и да се ограничи интензитетот на субвенционирање како што налага и бара Европската комисија, за да се овозможат што повеќе дестинации за македонските граѓани.
Подобрувањето на авионските врски на секоја земја е предуслов за развој на туристичкиот сектор. По пандемијата, кога целосно запре туристичкиот промет, на глобално ниво туристичката индустрија закрепна до 60 отсто од прометот пред појавата на коронавирусот. Некои од земјите во регионот веќе се вратија на старите позиции во туристичкиот сектор, додека Македонија сѐ уште не го направила тоа и годинава остварила околу 80 отсто од туристичкиот промет. М.Ј.