Вие ни јавувате

Осмоодделенецот Никола Радоњанин од ООУ „Лазо Трповски“ го освои првото место на Државното првенство за основни училишта во шах (во категоријата за ученици од шесто до деветто одделение), кое се одржа на 22 декември годинава во Охрид.
Организатор на првенството е Федерацијата на училишни спортови на Македонија. Во согласност со пропозициите, Никола беше предводен од менторот Стефан Симовски.
Инаку, Никола Радоњанин годинава успешно учествуваше на неколку силни шаховски турнири, и тоа: на Отвореното градско првенство за млади во шах (до 18 години) во Куманово, на кое го освои првото место во категоријата 14 години; на меѓународниот шаховски фестивал „Езерска кралица“ во Охрид прво место во категоријата 14 години; на младинскиот шаховски турнир „Наум Наумовски–Борче“ што се одржа во Скопје го освои третото место во категоријата 14 години, а исто така имаше висок пласман на турнирот Скопје опен/Балкан опен Б.