По три години изградба, најголемиот брод во светот, конечно, заедно со патниците ќе исплови на крстосување. На компанијата „Ројал Карибиен“ минатиот месец ѝ беше доставен импресивниот брод „Чудо на морињата“, долг 362 метри, кој сега е подготвен да тргне на своето прво патување, закажано за 4 март. Бродот ќе исплови од Форт Лодердејл на Флорида кон Карибите.
Станува збор за брод со 18 палуби, направен во бродоградилиштето на Атлантикот, Сен Назаир во Франција, а неговиот капацитет изнесува 6.988 гости и 2.300 члена на екипажот.
Бродот ќе се користи за петдневни и седумдневни крстосувања од Форт Лодердејл на Флорида до Карибите, во текот на март, а потоа ќе почнат крстосувањата на Медитеранот, кои ќе почнуваат од Барселона и Рим, во мај.
„Чудо на морињата“ го сочинуваат осум дела, а секој од нив содржи повеќе од 20.000 вистински билки. На бродот, меѓу другото, се наоѓа и најголемиот тобоган на море, како и огромни екрани покрај базенот.
Бродот првобитно требаше да биде испорачан во 2021 година, но тоа беше одложено поради пандемијата на коронавирусот. Компаниите што се занимаваат со организирање крстосувања претрпеа тежок удар поради пандемијата, а истиот проблем сѐ уште го обременува овој бизнис-сектор.