„Куц-камен“ и „мижитатара“ во „сакате ли војна“

Го знаете вицот за струмичанецот што фатил златна рипка? Можеби го знаете, а можеби не. Ќе ви го кажам, ама моја верзија. Најпрво да ѝ се заблагодарам на една почитувана читателка, која смета дека дури и без концентрација (во минатата колумна) сум маестрален, па ако напишам и рецепт, сигурно ќе биде ремек-дело. Секако не се доживувам како маестрален, ниту пак сметам дека создавам ремек-дела и не, не е ова скромност, јас сум суетно копиле, ама од срце ѝ благодарам. Затоа ќе се обидам во вицот да сместам и рецепт.
Ловел Јенс Столтенберг риби (во вицот, струмичанец) и фатил златна рипка. Рипката отворила уста, па му рекла: „Пушти ме, ќе ти исполнам три жел…“ Го загледала убаво и ја променила понудата: „Пушти ме и ќе ти исполнам три… пиперки“. Тука завршува вицот, ама јас продолжувам. Јенс се размавтал со радосни тикови (за разлика од оние негови бесни тикови кога им рековме факоф на референдумот) и викнал: „Важи, рипке, многу сакам полнети пиперки, ама да ми ги исполниш по НАТО-стандарди“. „Нема проблем“, рекла рипката и Столти ја пуштил.

По неколку секунди, ете ги пред него полнетите пиперки. Јенс се загледува дали рецептот е по НАТО-стандарди. И забележува… ситно сечкано лицемерство и двојни стандарди… а ха океј, си вели… еве и точна доза осиромашен ураниум за Балканци… одлично, одлично, мрмори радосен… на тоа додадено големо количество непостојно ирачко хемиско оружје како добро оправдание за геноцид врз цивили… браво, браво, плеска радосно… и на крајот сос од идентитетски холокауст врз Македонците… ма извонредно, крикнува… па сето тоа добро испржено, напикано во пиперките, тие ставени во тава да се печат на пеколна напалм-температура. „Го сакам мирисот на напалм наутро“, цитира Јенс и фаќа да игра „ринге ринге јаја“ околу полнетите пиперки.

Добро, не игра само НАТО, „ринге ринге јаја“, во Украина, додека Русите им го пеплосуваат супермодерното оружје со вили и лопати, ниту пак е осамен Столтенберг во играта наречена „едно јајце муч, сите нордистанци чуч“. Богами и во остатокот од светот имаме различни форми на „шири, шири, весели пешкири“. Во Аргентина победи некој лик што го викаат Лудакот, кој шетал на протести со моторна пила (појма немам, не сум видел, само прочитав), па сега излегуваат информации дека аргентинскиов Ел Локо да ти бил антиглобалист, ама убер проамериканец (генијално локо, а?) и сега дечково ќе ја вадел Аргентина од БРИКС, ама и ќе воведел долар. Одлично, баш ми се гледа продолжение на „Тексашки масакр со моторна пила“, ама економска, латино верзија.

И Европа се сплетка во свое налудничаво „коларичу-паничу“, од кое којзнае како ќе се извлече, откако ќе разбере дека не може да се извлече. Во Холандија победи некојси Герт Валдерс (веројатно нема да му ја гледаме веќе фацата на оној Руте ван Туте фон Муте), па сега пискотници се слушаат од Брисел, преку Балкан, до Вашингтон, оти „летачкиов Холанѓанец“ да ти бил ем про-Израел, ем про-Русија, ем антимуслимански расположен, ем против проширување на ЕУ. Оди, фати му го крајот. Исти маки во најава, белосветските промотори на новата нормалност, си имаат и околу Германија и можната победа на АФД на следните избори, па си ја маваат сега главата како да ја забранат таа партија.

„Длабоката држава“ на САД е во статус кво танц на „е ма е са са“ (мојот сон да пловам по Мисисипи на бротчето Марк Твен во кое гледал Самјуел Клеменс) и нормално, како најмоќна светска воена суперсила, супермоќно ги загуби војните во Авганистан и во Сирија, сега ја губи војната од Русија во Украина, ама се топори да војува со Иран и со Кина и со сите сили се труди да го стави Доналд Трамп во затвор за да не ги победи на следните избори, оти тој е единствениот американски претседател што не војувал и, како таков, ја намалува омразата спрема прекрасните Американци низ светот. Патем, велам прекрасни затоа што и самите окупирани од своите, воопшто не се виновни за налудничавоста на нивните политичари. Уф, за малку ќе заборавев. И ЕУ одат на избори следната година, што е крајно небитно, затоа што нивниот парламент е „џатали-купатали, колку сте“, односно колку се, толку се, небитни се.
Туку и Нордистан ќе оди на избори. Во мај, велат, освен, нели, ако „алитачевци“ не смислат некоја ујдурма од типот избори ќе има по внесувањето на марсовските Бугари во Устав, закон со европско знаменце. Како и да е, комплексно, многу комплексно. Тоа ви е како да се судрат „куц-камен“ и „мижитатара“ во „сакате ли војна“. Не се вреѓајте одма. Не мислам на слепо и сакато. Ќор значи без едно око. На куциот не му работи едната нога. Ќоравоста е поради заслепеноста на едното око кое е наменето да гледа на исток. Нефункционалната нога создава нерамнотежа, затоа и нема неутралност што ги прави Нордистан и нордистанците вазали на една моќ, наместо да станат Македонци и да бидат свои на своето, а светот ако сака нека оди и бестрага.
Е сега, пред да појде на избори, Нордистан се занимава со крајно сериозни работи. Како најмоќна западна колонија на Балканот се занимава со самит на најнебитната организација во светот наречена ОБСЕ, со која ниту една негова членка на сака да претседава, па излегува дека Нордистан ќе остане доживотен претседавач.
Во меѓувреме, жената што се смееше додека намерно забораваше луѓе во притвори и уништи голем број невини луѓе и семејства преку монтирани политичко-полициски судски процеси со криминалци како сведоци, одеднаш остана без работа затоа што помисли да посегне по оние што, дури и кога се виновни, се недопирливи. Колку што сочувствувам со сите нејзини невини жртви, толку не ѝ се ситам (оти гневи се на гревот, не и на човекот), затоа што сум убеден дека оние што ѝ дадоа крила, како што обично бидува, тие сега ѝ ги скастрија.

Она што е важно тука, ако еден ден Македонија се ослободи од Нордистан, сите оние невини што неправедно скапуваат по затвори, колку и да не може тоа да им ги врати раатот и загубеното, мора да ја добијат својата правда, огромна отштета, мир и спокој, а потоа да влезат во историјата како жртви и херои и да ги добијат своите споменици и улици. Оти јас верувам, вие секако не морате, Бог допушта несреќа колку што плеќите на човек можат да понесат, ама неговата правдина секогаш на крајот пристига, дури и во форми што ние не може да ги препознаеме.