Во фоајето на Музејот на македонската борба за самостојност, денеска, свечено ќе биде отворена изложбата „Хартии“ на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски.
Изложбата претставува ретроспектива на истражувањата на авторот врз различни видови хартија со различни материјали во изминативе 35 години.
Публиката ќе може да види дела од различни фази и тематски циклуси, почнувајќи од дела создадени уште во раните студентски денови (од 1983 г.), па до последните патувањата на Сергеј низ светот. На оваа изложба ќе бидат претставени творби на хартија од римската фаза (слики, скици и цртежи создадени за време на студискиот престој на Андреевски во Рим, Италија, веднаш по завршувањето на ФЛУ во Скопје), нирнбершката фаза (слики, цртежи и скици од студискиот престој во Нирнберг, Германија), цртежи од Франција (од престојот и поддршката на азилот за диви животни), цртежи од Јапонија (сликани на традиционална рачно изработена хартија, главно од прочуената семејна работилница „Ивано“), слики и цртежи од Америка, Тунис, Египет…

На изложбата ќе бидат претставени и дела од циклусот „Кучињата лаат“, кој премиерно беше изложен во Москва во 2015 година, и дела од циклусот „Цвеќулиња“, кој првпат беше изложен во Берлин во 2012 година. На поставката ќе се најдат и скици и цртежи од мал формат што Андреевски ги има правено буквално за време на патувањата: во авион, автобус, на брод…

Најголемиот дел слики, цртежи и скици се прошетани на неколку континенти, но никогаш досега не биле изложени пред македонската јавност.
Куратор на изложбата е Кирил Пенушлиски.
Проектот е поддржан од македонското министерство за култура и од Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.