Креативно лето (3)
- Драги читатели, долгото топло лето е пред вас.
Знаеме дека ќе имате доволно време за игри во природа, за дружба, забава и за уживање. Бидејќи „Колибри“ цело лето ќе другарува со вас, подготвивме нова рубрика за да ви бидеме привлечни и летово. Во „Креативно лето“ со интересни активности во секој број ќе ве изненадува психологот Нина Попадинова. Нашето ново катче е наменето и за родителите и за децата и сигурни сме дека ќе пронајдете заедничко задоволство и уживање. Потребно е да ги следите упатствата и лесно да ја
реализирате предложената игра
На лист хартија се исцртуваат две колони со броеви. Ако во првата колона внесеме пет цифри, исто толку внесуваме и во втората, но распоредот може да биде различен. На пример, во првата колона внесуваме: 1, 2, 3, 4, 5, a во втората 2, 4, 1, 3, 5.
На детето му даваме инструкции, истовремено ги користи двете раце и според бројот испишан во полето покажува соодветен број прсти на левата и десната рака. Активноста започнува полека, а потоа може постепено да се забрзува за да се зголеми предизвикот. Играта станува поинтересна доколку се даде предизвик што ќе успее да ја заврши играта за најкратко време.
Цели на активноста се развој на билатералната координација (усогласено користење на двете страни од телото), подобрување на координацијата око–рака, поттикнување на концентрацијата и одржувањето на вниманието, развој на визуелната перцепција и брзината на обработка на информации, јакнење на работната меморија и извршните функции, развој на фината моторика и моторното планирање.
Оваа едноставна, но ефикасна активност ја стимулира комуникацијата помеѓу двете мозочни хемисфери, ја подобрува координацијата на движењата и ја поттикнува концентрацијата. Погодна е за домашни услови, во училница или како дел од едукативни активности со деца. Со само неколку минути дневно, оваа игра може да биде одличен начин за поттикнување на когнитивниот и моторниот развој преку игра, забава и активно учење. Може и вие да им се приклучите, па заеднички да мерите кој е побрз, кој е поточен и кој направил најмалку грешки.


































