КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИСКИ МЕЧЕВИ ЗА ЕП
- Ние ќе се фокусираме на нашата игра и со помалку грешки ќе одиме на успех, вели македонскиот репрезентативен бек Ташовски
Македонската машка кошаркарска репрезентација в четврток во Скопје ќе ја пречека подмладената Ирска во натпревар од претквалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2029 година Ирскиот селектор Мајкл Бри во конечниот список од 12 кошаркари има дури шест дебитанти, со што јасно најавува почеток на нов циклус во неговата репрезентација. Најголемиот дел нови имиња доаѓаат од американската колеџ-кошарка. Петмина од дебитантите настапуваат во НЦАА и се на возраст меѓу 20 и 21 година, додека шестиот е натурализираниот центар Бен Стивенс, роден во Канада. Македонската публика добро го памети Стивенс од настапите за Вардар, каде што остави позитивен впечаток пред да продолжи во германски Кобленц. Во споредба со составот што настапи против Македонија во Даблин, Ирците задржаа само тројца кошаркари, Буивидас, Флуд и Алаџики.
– Ние ќе се фокусираме на нашата игра и со помалку грешки ќе одиме на успех. Целта на двата меча ни е само победа иако и со една ќе бидеме сто отсто сигурни на првото место. Сепак, ќе одиме да победиме на двата меча, со максимална фокусираност и по договор со тренерот. Се надевам дека ќе добиеме помош и од публиката. Имаме повеќе квалитет и од Ирска и од Луксембург и верувам дека нема да имаме проблеми – изјави за Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) бекот Виктор Ташовски.
Ирците дел од тренажниот процес ќе го реализираат во Лос Анџелес (САД) и оттаму директно ќе допатуваат во Скопје, а потоа ќе одат во Баку, каде што на 5 јули ќе играат со Азербејџан. Победа над Ирска, за Македонија би значела заверка на првото место во групата А и пласман во главните квалификации за ЕП 2029, а последниот меч со Луксембург ќе нема резултатско значење. Во вториот дуел в четврток ќе играат Луксембург и Азербејџан. На табелата води Македонија со осум бода, Луксембург има шест, а Азербејџан и Ирска по пет. Г.И.


































