Фото: Маја Јаневска-Илиева

ВО ПРВОТО КОЛО НА 30. ЕКК ЗА ШАХИСТКИ

На Европскиот клупски куп (ЕКК) за шахистки, 30-ти по ред, кој се игра во Будва (Црна Гора), победа и пораз на двата македонски клуба. Максимална победа со 4-0 оствари скопскиот клуб Гамбит АСЕЕ (просечен рејтинг 2.328, рангиран шести пред ЕКК), против српскиот клуб Раднички (2.006, рангиран 17-ти). Во 2015 година на ЕКК во Скопје, тогаш под името Гамбит Асеко СЕЕ, клубот постигна огромен успех, освојувајќи го сребрениот медал. Победи во првото коло на ЕКК 2026 забележаа ИМ Олга Баделка (2.408), ЖВМ Белослава Крастева (2.356), ИМ Лаура Унук (2.318) и ЖВМ Викторија Радева (2.229).
Екипата на Гостивар (2.060, рангирана 14-та) загуби со 0-4 од силниот претставник Суперчес Романија (2.400, рангиран трет.). Кај гостиварки порази претрпеа ЖФМ Емилија Деак-Сала (2.120), ЖФМ Петја Караиванова (2.055), ЖФМ Патриција Најманова (2.056) и ЖФМ Клеан Шукја (2.008). Во второто коло, Гамбит АСЕЕ за ривал го имаше фаворизираниот српски клуб Сирмиум Сремска Митровица (2.440, рангиран втор), а Гостивар играше со англискиот претставник Лајонес Б (1.865, рангиран 20.). Во првото коло седум екипи славеа на сите четири табли.
Во женска конкуренција на 30. ЕКК учествуваат 22 клуба со 103 шахистки (седум ВМ, 12 ЖВМ, 19 ИМ, 11 ЖИМ, два ФМ, 22 ЖФМ). Титулата од лани ја брани екипата на Монако, која овде е прворангирана и најголем фаворит за златниот медал. Г.И.