Уметнички проект на Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ на ФЛУ во старата чаршија
Проектот „Циркулации“ на авторите Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ ќе биде презентиран пред јавноста на 20 октомври (вторник), во 20 часот, во автентичниот амбиент на галеријата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ на Факултетот за ликовни уметности во „Сули-ан“ во старата скопска чаршија. Кураторка на изложбата е Ана Франговска.
Станува збор за нов перформанс/проект на уметничкиот тандем, кој доаѓа по нивниот претходен успешен мултимедијален и трансдисциплинарен проект „На работ“. Нивните соработки вообичаено спојуваат визуелна уметност, просторни инсталации и специфичен аудиозвучен и вокален израз.
– Циркулацијата е еден од оние основни принципи за кои стануваме свесни дури кога ќе бидат нарушени. Водата циркулира низ природните системи, крвта низ живите организми; луѓето, стоките и капиталот низ општествените системи; информациите, сликите и говорите низ медиумските мрежи. Циркулираат и знаењата, сеќавањата, стравовите и предрасудите. Но циркулацијата никогаш не е само движење. Во самиот процес на циркулирање, она што се пренесува се менува, се преобликува и воспоставува нови односи. Од физичкиот феномен на циркулирање на течноста и создавањето вортекси, „Циркулации“ на Наневски и Јовановиќ го проширува принципот на движење кон телото, перцепцијата и општествените односи. Материјата, сликата, погледот, звукот, информацијата, меморијата и моќта се појавуваат како различни форми на проток, меѓусебно зависни и подложни на постојана промена. Посетителот не останува надвор од овие процеси: со самото присуство станува нивен активен дел – вели Ана Франговска.
Трите кабини, кои го сочинуваат главниот корпус на проектот, не се објекти што треба да бидат набљудувани од дистанца, туку своевидни апаратуси на искуство. Во нив посетителот се соочува со сопствената слика и погледот на другиот, со потребата да се фокусира и исклучува во какофонијата на истовремени информации, со физичката и психолошката нестабилност на сопствената позиција наспроти колективот и, конечно, со пропустливоста на границата меѓу внатрешното и надворешното. Движењето станува сигнал, сигналот – звук и говор, туѓото присуство – сенка, а сопственото тело – дел од механизмот што го активира делото.
– Оттука партиципацијата не е дополнување на проектот, туку негов структурен услов. Посетителот гледа и е гледан, восприема и е восприеман, избира и исклучува, влијае врз системот, кој истовремено дејствува врз него. Секое ново присуство создава поинаква констелација на слика, звук, движење и сензација. „Циркулации“ се финализира со секое ново присуство, за веднаш потоа повторно да стане недовршено. Во таа постојана размена се отвора и критичката димензија на проектот. Системите на моќ, знаење, информација и перцепција не постојат некаде надвор од нас. Тие се воспоставуваат и циркулираат низ она што го гледаме и слушаме, низ она што го прифаќаме како знаење, низ сликите што ги создаваме за себе и за другите, низ колективите на кои им припаѓаме и низ механизмите со кои се обидуваме да ја одредиме сопствената позиција во нив. „Циркулации“ затоа не нуди безбедна позиција надвор од системот од која можеме да го набљудуваме, туку нè внесува во него – објаснува Франговска.
Нивниот претходен проект од 2024 година, „На работ“, поставен во предизвикувачкиот амбиент на „Чифте-амам“, беше ангажирана контекстуална реакција на општествено-политичкиот галиматијас што секојдневно го живееме откако сме земја во транзиција.
В.Д.
































