Фото: Спелеонуркачкиот клуб „Врело“

Подводната пештера Врело во кањонот Матка стана најдлабоко истражената подводна пештера во светот, откако меѓународен тим спелеонуркачи достигна длабочина од 338 метри во рамки на експедицијата „Врело 2026“. Со ова достигнување се поставени три светски рекорди, а Врело се искачи на првото место на светската листа, пред пештерите Фонт Естрамар во Франција и Елефанте Бјанко во Италија.

Од Спелеонуркачкиот клуб „Врело“ информираат дека експедицијата се одржала од 10 до 17 октомври, а во неа учествувале 15 нуркачи од Македонија, Полска и Италија. Тимот успеал да ја истражи пештерата до 338 метри, што е за 51 метар подлабоко од претходно истражената длабочина од 287 метри, пренесе МИА.

Рекордите се постигнати во три категории: најдлабоко истражена пештера од човек, најдлабоко нуркање во пештера и најдлабоко длабинско нуркање на отворени води.

Освен достигнувањето на новата длабочина, експедицијата открила и два досега неистражени подводни канали, со што значително е проширена мапата на пештерскиот систем. Вкупно се истражени повеќе од 150 нови метри пештерски канали.

Фото: МИА

Првиот нов канал се наоѓа на околу 300 метри од влезот на пештерата, на длабочина од 33 метри. Долг е приближно 100 метри, а завршува на длабочина од 10 метри, каде што се поврзува со крак истражен во 2000 година. Вториот канал е откриен на длабочина од 170 метри, долг е околу 30 метри и на длабочина од 185 метри се спојува со главниот длабински канал.

Рекордното нуркање го извршил полскиот спелеонуркач Бартломиеј Питала, а операцијата траела девет часа. Неговото безбедно враќање било следено од 12 безбедносни нуркачи распоредени на различни длабочини во пештерата, додека на површината бил организиран координациски тим со медицинска и спасувачка поддршка.

Од клубот посочуваат дека операцијата била внимателно планирана. Во текот на нуркањето биле подготвени хипербарична комора со специјализиран персонал за третман на декомпресиска болест, хеликоптерската единица на МВР, нуркачки тимови на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, брзи чамци, специјализирани возила за транспорт и возило на Итната медицинска помош.

За потребите на експедицијата, македонскиот тим од СНК „Врело“ самостојно конструирал и поставил подводна воздушна комора, позната како хабитат. Таа била поставена на длабочина од осум до девет метри, на околу 130 метри од влезот на пештерата, и служела како простор за престој на нуркачите за време на долгите декомпресиски процедури.

Во пештерата биле поставени и повеќе од 30 боци со различни гасни смеси на десетина локации и длабочини, како и резервни батерии за греење и осветлување.

Пред експедицијата, Врело беше рангирана како трета најдлабоко истражена подводна пештера во светот, со достигната длабочина од 287 метри. Со новиот резултат од 338 метри, таа се најде пред Фонт Естрамар во Франција, со 312 метри, и Елефанте Бјанко во Италија, со 292 метри.