Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Маж на возраст од 45 години од тетовското село Групчин е лишен од слобода по пријава за семејно насилство, загрозување на сигурноста и телесна повреда. При претрес во неговиот дом биле пронајдени три празни рамки за автоматска пушка и два куршуми со непознат калибар, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според информациите од МВР, на 16 октомври во Полициското одделение Групчин било пријавено семејно насилство, загрозување на сигурноста и телесна повреда, наводно извршени од М.Д. (45).

По добиена наредба од Основниот суд Тетово, полициски службеници извршиле претрес во неговиот дом во периодот од 21.30 до 22.30 часот. На скалите кај влезната врата биле пронајдени трите празни рамки за автоматска пушка и двата куршуми, кои биле одземени.

Од МВР информираат дека сопругата на пријавениот истиот ден во 19:30 часот во СВР Тетово пријавила телесна повреда при семејно насилство и загрозување на сигурноста, за кои го посочила својот сопруг.

По преземените мерки, М.Д. бил лишен од слобода и задржан во СВР Тетово. До Основното јавно обвинителство Тетово бил доставен извештај со правна квалификација за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи, според член 396 од Кривичниот законик.

Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случајот против него ќе следува соодветен поднесок.