Амбасадорката Анџела и македонската Коза ностра

По завршувањето на мандатот на арогантниот дипломатски каубој Џејмс Бејли, Република Северна Македонија, од името на САД, намерно или случајно, е предадена последователно во женски раце. Тоа, најверојатно, е промислено направено со намера да се гледа надворешната женска нежност, а да се покажува и внатрешната жестокост, кога треба.
За нас во Македонија, кои сме далеку од светот, можеби е необично, но обично по тој редослед се решаваат равенките во дипломатијата. Првин нежно, потоа тешко на оној што не бил способен да се наклони кон тој емотивен пристап. Таа дипломатска доктрина Македонија ја чувствува и тетовира на своја кожа веќе дваесетина години.
Ако Мари Брнз, претходната американска амбасадорка, функционираше и работите ги вршеше во стилот тивка вода брег рони, новата, нејзината екселенција Анџела Прајс Агелер, се појави како надојден Вардар среде голема суша. Уште од самото стапнување на македонска почва некои од граѓаните на Македонија (сега Северна) гледаат во неа замислено небесно крилато суштество во човечки облик и олицетворение на добрината на сите доблести, а некои на доаѓање на американскиот црн ѓавол што ровари со светот.
Едни ја гледаат како ангел спасител на македонското заразено општество други како јуда што треба да ја докусури државата што живее со несвое име. Анџела е на потег, од неа зависи дали на крајот на мандатот ќе биде новата икона или и таа ќе ја има вербалната судбина да биде распната на крстот. Прајс Агелер доаѓа по вторпат во Македонија, но сега на прва позиција во амбасадата и со сите овластувања.
Уште со првите изјави, амбасадорката Анџела навестува дека најверојатно е оној камшикарот што го бараше, а не го најде Зоран Заев. Го бараше за да стави ред во земјата, остварување цел за која тој, освен лажна желба, немаше ни професионален ни морален капацитет. А новата шефица на скопското Кале ја најави камшикарската улога уште пред да трне од Вашингтон кон југот на Балканот, во земјата што при нејзиното прво службување го носеше името Република Македонија, име официјално признаено и во нејзината земја.

Во таа смисла вреди да се потсети дека на Сенатската комисија за надворешни работи при сослушувањето за нејзината номинација изјави „дека ќе работам да ѝ помогнам на Северна Македонија да развие национална стратегија со која ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери“. Да, да, корумпираните актери таа ги стави во преамбулата на својата агенда за оправдување на својот избор. На тоа ги додаде општата борба против корупцијата, подобрувањето на владеењето на правото, зајакнувањето на доброто владеење, спроведувањето на судските реформи, промовирањето поголема транспарентност и јакнењето на довербата на граѓаните во државните институции. Како шлаг на горчливата торта таа во промотивната беседа ја стави одговорноста на актерите – збор што македонските политичари одамна го имаат избришано од својот речник.
Сето погоре кажано на американски јазик во Сенатот, преведено на прост македонски јазик значи дека кој од политичарите уште пред време ќе ги сфати вашингтонските пораки ќе куртули, кој нема да сфати и ќе задоцни ќе настрада. Прашање е само дали ќе гори само сувото или блиску до огнот ќе биде и суровото.
Нејзината екселенција најави дека уште утре на македонски терен ќе настапи со репрезентативен состав именуван како „Екипа за санкции од Вашингтон“ за да направи поагресивен увид во актерите на корупцијата од минатото и сегашноста и да ги разгледа сите можни одговори. Правосудниот систем на Северна Македонија треба да спроведува повеќе истраги, прогони, за да покаже дека никој не е над законот. Таа ќе ја носи капитенската лента на тој состав на репрезентативни правници и други експерти чиј број засега останува непознат.
Леле, леле, знае ли некој што се крие зад нејзините намери и ветувања? И што, всушност, ќе работат тие американски репрезентативци. Ќе советуваат или ќе гонат? Ќе бележат или само ќе набљудуваат? Ќе советуваат или ќе гонат? Ќе обучуваат или ќе предлагаат и затвори (за некого)? Ќе бидат ли нова финансиска полиција што пропадна токму поради криминал и корупција во сопствените редови? Ќе бидат ли таен партнер на Комисијата за борба против корупцијата или нешто трето, четврто?
Уште поинтересно е кои ќе бидат поединците, министрите, поранешни и сегашни, институциите, агенциите, службите, фирмите, односно актерите што ќе се најдат во некоја табела, во некој регистар, на некој список. Таму сигурно ќе бидат и оние кутри што му тутнуваат некому по некое евро, а и оние службеници што кријат во пазувите педесет евра. Но ништо од таа борба не ќе биде ако на врвот не се оние што во еден „цуг“ ги полнат двата џеба. Во секој случај, ќе биде интересно да се почека и да се види кој гулаб прв ќе летне во кафезот.

Големо може да биде залажувањето, фатаморганична би била надежта дека американската битка со македонските корумпирани ѓаволи ќе биде лесна и без обострани жртви. Македонските актери во криминалот, корупцијата, владеењето, перењето пари се искусни, извежбани махери што ги знаат сите дупки во законите и надвор од нив. Превеслале тие и амбасадори и амбасадорки, полиции и Интерполи, експерти и уставотворци, превеслале професори по право и судство. За волја на вистината превеслале и меѓународни криминалци со македонски пасоши, тие си знаат како и на кој начин.
Не е мала и неорганизирана македонската Коза ностра. Нема простор што не го зафатила домашната мафија – политика, урбанизам, здравство, образование, судство, новинарство. Бели мантили – црни бизниси, бели ракавици – црни пари се движечка сила во системската и во сивата економија. Овие рутинирани актери уште сега се надеваат дека и американските репрезентативци може да бидат заразени со балканскиот вирус на поткупот и корупцијата. Многу често и на странците од таканаречениот меѓународен фактор им нудат понуди што не можат да се одбијат. И се надеваат дека и натаму, и покрај американското присуство, во мрежата ќе се фаќаат ситните глувци, а камилите ќе се провираат и низ иглени уши.
Богата е македонската независна историја со финансиски афери. Весници и портали се полни со такви сведоштва. Со разголени афери без правосуден ефект. Нема возрасен човек што не го памети ТАТ, кој не го памети Октоподот, најавената владина, а неуспешна борба со криминалните структури родени низ ембаргата и тендерите. Десетици афери се слушнаа во прислушуваните разговори. Дека постоеле наводни списоци со наведени криминалци што ги има во амбасадата на Калето се зборува со години. Можеби има, некој ги чул, но никој не ги видел, не се потрудила амбасадата да биде транспарентна повеќе одошто мисли дека треба. И сега, наводно, вртат такви листи.
А не треба многу труд. Само да се проверат тендерите за патиштата, од Груевски до Заев, за оставениот и запустен гасовод преку Водно за кој се потрошени милиони евра, за аферата „Телеком“, за тендерите за струјата и јагленот, книгите во катастарот, книгите во партиите, бизнисите на ДУИ. Да се прелистаат и преслушаат сите министри, Македонци, Албанци и другата министерска и заменичка боранија. И конечно да се видат тефтерите во Владата на Република Северна Македонија. По многу мислења во тоа дувло лежи дел од криминалниот змеј ако се има во вид дека за десет години под обвинение или во затвор се тројца нејзините генерални секретари. Таму овците веќе не се на број, само волкот остана сит и незаменлив господар на јужната шума.
Задача на Ангела е да ги спречи, ако не може да ги искорени, тие појави и да се погрижи тие да не се повторат. Како појавите така и луѓето што биле актери во тие појави. Нејзиното богато дипломатско микс искуство од Америка, Европа и Азија навестува не само желба туку и моќ да го стори тоа. Ако сака да остави позитивна трага и да ја спомнуваат за добро и идните генерации Македонци. И ако е персона што држи до зборот, иако е Американка.

pande.k@novamakedonija. com.mk