Во предновогодишното расположение убаво се вклопи новата песна на Александар Петрески, „Снегулка“, која тој ја отпеа со младата битолчанка Марија Цветановска. Петрески е автор на текстот, аранжманот, продукцијата и мастерингот, а зад охридската приказна и видеопродукцијата стои Климент Симоноски, додека преубавите пејзажи низ Германија и декоративните кадри ги сними Оливер Петкоски.
-Мојата желба и моето мото се „правење историја“, нешто што ќе остане. Посакувам што поголемо слушање на „Снегулка“ и ширење позитивна и новогодишна енергија. Затоа упатувам порака до децата, за кои и е наменета песната, но и до сите љубители на убавата музика, да уживаат во песната, да ја споделуваат и бесплатно да се претплатат на мојот музички канал – вели Петрески.
Тој дополни дека уште кога бил мал многу сакал да врне снег во зима, особено пред Нова година.
– Се молев секогаш кога врнеше снегот да се задржи. Во моето рано детство тоа беше почеста појава. Никогаш нема да ги заборавам оние моменти кога со другарите од училиште си одевме дома низ охридското кале. Особено ми беше мила маршрутата низ чаршија навечер! Неколкуте тезги со новогодишни украси отсликуваа волшебна бајка во невините детски очи. Сѐ уште во ушите ми ѕвонат звуците од честитките… Сето тоа, за кое можам уште многу да зборувам, накратко го опишав во оваа новогодишна детска песна. Испеана е од возрасни вокали, како хибрид, кој би им овозможил уживање и на децата и на возрасните. Иако брзо ја реализирав идејата, на другите финеси работев напорно три месеци и по безброј изведби на кауч е веќе хит во мојот дом – ни откри Александар.
И за Марија Цветановска реализирањето на проектот претставува големо задоволство.
– Со голема возбуда ви го претставувам овој нов проект, на кој јас и Александар работевме неколку месеци! Се надевам дека ќе ѝ се допадне на помладата, но и на повозрасната публика и дека ќе ги стопли вашите срца, како што ги стопли и нашите – напиша таа на својот профил на социјалните мрежи.
Реакциите на публиката се одлични, а во еден од коментарите на Фејсбук може да се прочита дека песната „Снегулка“ е „нежна, празнична и магична“.
Инаку, охриѓанецот Александар Петрески веќе неколку години живее во Германија со семејството и не ја заборава својата љубов кон музиката. Постојано снима и објавува свои песни, за кои снима и видеоприказни. Тој е кантавтор, а освен што пее, компонира и свири на гитара, ги продуцира и своите песни. Тој создава музика и на англиски и на македонски јазик. Сепак, музиката не му е примарна професија, тоа е туризмот.
– Моја цел е преку музика да ширам позитивна енергија меѓу луѓето, а овие предновогодишни денови се како создадени за тоа – вели Петрески.

М.Т.