Десет години по ред „златната топка“ за фудбалер на годината ја добива или Меси или Роналдо, но се чини дека годинава конкуренцијата ќе биде најголема, оти во игра се и Модриќ, Мбапе, Азар, Гризман, Де Брујне, Кејн, Салах…

Роналдо, Меси, Меси, Меси, Роналдо, па пак Роналдо, па Меси, па Роналдо… и така цели 10 години по ред доминација на двајцата најдобри фудбалери на денешницата, за што заслужено ја добиваа наградата за фудбалер на годината, т.н. „златна топка“ на францускиот магазин „Франс фудбал“ (во еден период заедно со ФИФА, а сега одново со посебни награди). Едниот е неприкосновен со Барселона, а другиот беше со Реал Мадрид, најдоминантните клубови во Шпанија, а и во светот.

Португалецот Кристијано Роналдо пет пати го понесе овој епитет (2008, 2013, 2014, 2016 и лани), а исто толку пати победничкиот трофеј го крена Аргентинецот Лионел Меси. Нивната доминација почна од 2008 година, а последен фудбалер што ја добил „златната топка“, а да не се вика Роналдо или Меси, беше Бразилецот Кака во 2007 година (тогаш член на Милан).
Светското првенство (СП) во Русија и она што беше видено на него, а на кое овие две фудбалски мегаѕвезди не доминираа и брзо се вратија дома со своите репрезентации, на површината промовира неколку играчи, кои конечно можат да го разбијат овој 10-годишен дуопол и со тоа да им го преземат приматот најдобар фудбалер за 2018 година.

Тука пред сѐ е младиот офанзивен играч на Франција, Килијан Мбапе (19), неговиот сонародник Антоан Гризман (27), потоа Белгијците Еден Азар (27) и Кевин де Брујне (27), Хрватот Лука Модриќ (32), кој беше прогласен за најдобар играч на СП во Русија, а е и освојувач на Лигата на шампионите (ЛШ) со Реал Мадрид, потоа англискиот напаѓач на Тотенхем, Хари Кејн (24), кој беше најефикасен стрелец на СП во Русија (шест гола), потоа играчот на Ливерпул, Мохамед Салах (26), кој беше најефикасен фудбалер (32 гола) во Премиер-лигата за изминатава сезона. Секако, не треба да се отпишат ниту Роналдо, кој покрај европската круна со Реал Мадрид во ЛШ, беше и најефикасен фудбалер за минатата сезона во ЛШ, како и Меси, кој, пак, беше најефикасен играч во сезоната 2017/2018, освојувајќи ја „златната копачка“.

Конкуренцијата е силна како никогаш во последните 10 години за престижните признанија на „Франс фудбал“ („златна топка“) и на Светската фудбалска федерација (награда со име „најдобар“).
„Франс фудбал“ ја доделува наградата од 1956 година, ФИФА од 1991 година, а од 2010 до 2015 година наградата заеднички ја доделуваа „Франс фудбал“ и ФИФА.