Ако за повеќето ученици во земјава математиката е табу-тема, за матурантот од кичевската гимназија „Мирко Милески“, Христијан Славкоски, таа е најомилен предмет. Љубовта кон математиката Христијан ја стекнал уште во основното училиште, кога едвај чекал на распоред да дојде неговиот омилен предмет кога се чувствувал како риба во вода.

– Љубовта кон математиката ја стекнав уште како ученик во основното училиште „Кузман Јосифоски-Питу“ во Кичево, за што голем придонес има наставникот Лазе Костадиноски, кој на непосреден начин, ме поттикна да го засакам овој предмет. И оттогаш математиката е мој придружник до денеска, а се надевам така ќе биде целиот мој живот – вели Христијан.

Тој поради својата скромност никогаш не го истакнува својот талент за математиката, а дека станува збор за голема дарба сведочат и многуте награди добиени на повеќе училишни натпревари, регионални и државни.

– Редовната работа и љубовта кон овој предмет се рефлектираа и врз моите резултати на многуте натпревари од регионален и републички карактер, на кои сум учествувал. Така, својот поход кон првите места го почнав 2015 г. на натпреварот по математика и физика во приватната гимназија „Јахја Кемал“, каде што го освоив второто место. Во 2016 г. бев третопласиран на Државниот натпревар по математика. Исто така на натпреварот „Кенгур“ во финалниот круг во 2018 г. го освоив златниот медал.

Последниот успех за мене е освоеното трето место на годинашниот натпревар по математика, што неодамна се одржа во Скопје, откако на регионалниот натпревар во Прилеп го освоив второто место. Леснотијата со која ги совладувам математичките проблеми ме насочува каде да го продолжам своето образование и, за четири до пет години, себеси се гледам како дипломиран информатичар, електро или машински инженер – се надева Христијан Славкоски.