Доналд Трамп го покани рускиот лидер Владимир Путин наесен да ги посети САД, објави портпаролката на американскиот претседател Сара Сандерс, додавајќи дека веќе се прават подготовки за посетата.
Двајцата лидери во понеделникот имаа средба во Финска, која предизвика многу реакции во САД по спротивставените изјави на Трамп за тоа дали Русија се мешала во американските избори. Самиот Трамп го оцени самитот како успешен и рече дека на него се разговарало за многу теми, меѓу кои и за тероризмот, Израел и за нуклеарното оружје, а истовремено ги критикуваше „вистинските непријатели на народот“, медиумите што ширеле лажни вести.

Можноста за нова средба меѓу Трамп и Путин изненади многумина во САД, додека амбасадорот на Русија во САД рече дека Москва е отворена за можна посета на Путин, но дека Кремљ треба да ја соопшти конечната одлука.
Истражување на Галуп покажува дека перцепциите на Американците кон Русија значително се влошиле во изминатите години. Во 1999 година, кога Борис Елцин беше на крајот од претседателскиот мандат, 46 отсто од Американците ја сметаа Русија за пријател или сојузник. И во првите години од мандатот на Путин, процентот на Американци што ја сметаа Русија за сојузник или пријател беше висок, а врвот го достигна во 2006 година (дури 73 отсто).

Поддршката почна да се намалува во 2008 година, за време на мини-војната меѓу Русија и Грузија, и оттогаш постојано бележи пад. Трендот се забрза со украинската криза и со анексијата на Крим, како и по обвинувањата дека Русија го соборила малезискиот авион над источна Украина и дека се мешала во американските избори. До јули годинава, 66 отсто од Американците се изјасниле дека ја сметаат Русија за непријател, а 31 отсто за пријател. Од друга страна, процентот на републиканци што ја сметаат Русија за пријател значително се зголемил од 2014 година досега, од 28 на 40 отсто, додека мало зголемување е забележано и кај демократите, од 22 на 25 отсто.