Работната група составена од претставници на Владата на Црна Гора, синдикатот и работодавците ги води завршните разговори и анализи за зголемување на минималната плата што треба да се применува од први јануари следната година.
Од синдикатот бараат минималната плата во Црна Гора, која е и најмала во регионот, да се зголеми од 193 на 250 евра. Работодавците не се изјаснуваат за точниот износ, но очекуваат сегашното фискално оптоварување од 65,37 отсто на просечна плата од 500 евра да се намали на 50 отсто.

Министерот за финансии Дарко Радуновиќ изјави за РТЦГ дека можните финансиски импликации на државниот буџет ги принудуваат да бидат внимателни кон ова прашање.

– Мора да се направи добар баланс, затоа што ако го намалиме финансиското оптоварување по основа на платите, во услови на дефицит во пензискиот фонд, тогаш се ризикува да се зголеми финансискиот јаз. По годишните одмори ќе биде појасно каде е точката за компромис со врска со висината на минималната плата – изјави тој.
Генералниот секретар на синдикатот на Црна Гора, Душко Зарубица, се надева дека нивното барање од 250 евра минимална плата ќе биде прифатено.

Од Унијата на работодавци на ЦГ велат дека не може да се зборува за конкретни бројки, но искажуваат задоволство што од први јануари ќе дојде до корекција на минималецот и на висината на фискалните зафаќање од платите.