Во второто полуфинале, во трилер-меч Тотенхем го совлада Ајакс на гости со 3-2 (во првиот меч беше 0-1), откако по првите 45 минути губеше со 0-2. Претходно Ливерпул во сличен натпревар ја елиминира Барселона (0-3 и 4-0)

Два англиски тима, Ливерпул и Тотенхем, ќе играат во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) на стадионот „Метрополитано“ во Мадрид, на 1 јуни. Ова ќе биде второ европско финале меѓу два тима од Англија, по 2008-та, кога во Москва играа Манчестер јунајтед и Челси (победи Јунајтед на пенали). Во историјата на европските клупски натпреварувања два тима од Англија играле и во финалето на УЕФА-купот 1972-та, во кое Тотенхем беше поуспешен од Вулверхемптон.

До финалната пресметка премиерлигашите стигнаа по незаборавните и ретко возбудливи полуфинални реванш-мечеви во кои ја надоместуваа негативата од три, односно еден гол. Тотенхем беше поразен од Ајакс на првиот меч во Лондон (0-1), а во реваншот на арената „Јохан Кројф“ во Амстердам пред 55.000 гледачи, губеше со 0-2 по првите 45 минути. Но во второто полувреме даде три гола, третиот буквално во последните секунди, во 96-та минута, за конечни 3-2! Трите гола ги постигна Бразилецот Лукас Моура, петтиот фудбалер со хет-трик на полуфинален меч во ЛШ, прв по Кристијано Роналдо во 2017-та на мечот Реал – Атлетико.

Моура по мечот изјави „ова се најубавите моменти во мојот живот“, а неговиот колега, Данецот Кристијан Ериксен, додаде „Моура заслужува да му подигнеме споменик“! Тотенхем е првиот тим (по Ајакс во 1996-та) што по поразот во првиот меч на домашен терен успева да се пласира во финалето.

Ливерпул во вторникот на изглед недостижните 0-3 од првиот дуел против Барселона, пред своите навивачи на „Енфилд“, ги претвори во епска победа од 4-0.

– Неверојатни, со зборови неописливи емоции. Му благодарам на фудбалот, без него не се можни вакви емоции. Му благодарам и на моето семејство, ова е награда и за нив, но и за сите што веруваа во нас – со насолзени очи коментираше менаџерот на Тотенхем, Аргентинецот Маурисио Почетино по мечот.

За тимот од северен Лондон ова ќе биде прво финале во клупската историја во ЛШ, а за Ливерпул деветто (петпати бил првак на Европа). Тотенхем е осмиот англиски тим што ќе игра во финале на КЕШ/ЛШ, по Арсенал, Астон Вила, Лидс, Нотингем форест, Челси, Манчестер јунајтед и Ливерпул.

Ајакс, четирикратниот европски првак, кој почна во квалификациите на ЛШ, уште од 25 јули лани, имаше фантастична сезона, сѐ до овој меч. Во нокаут-рундата Ајакс, чиј млад и екстра талентиран состав наиде на општи симпатии кај целокупната европска фудбалска јавност успеа да ги надигра и да ги елиминира Реал, потоа и Јувентус, но спортската среќа не ги посака што ги чинеше пласман во големото финале. 


Финале
Ливерпул – Тотенхем
Стадион „Метрополитано“, Мадрид, сабота, 1 јуни
Полуфинале, реванш-мечеви
Ајакс – Тотенхем 2-3 (1-0, прв меч)
Ливерпул – Барселона 4-0 (0-3)