Анкара – Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, предупреди дека државата ќе ги врати џихадистите од терористичката група Исламска држава во нивните матични земји. Сојлу појасни дека тие ќе бидат вратени без оглед на тоа што нивните држави ќе им го одземат државјанството. Турскиот министер и претходно порача дека Турција „не е хотел за членовите на ИД“.

Багдад – Најмалку три лица се убиени, а 19 се ранети во напад на иранскиот конзулат во Кабала. Нападот се случил во текот на демонстрациите против корупцијата и невработеноста во Ирак, кога неколку десетици лица упаднале во конзулатот и подметнале пожари, фрлале молотови коктели и го замениле иранското знаме со ирачко знаме. Во досегашните протести, кои почнаа во октомври, убиени се над 250 лица.

Ханој – Виетнамските власти уапсиле осум лица поврзани со смртта на 39-те лица чии тела беа пронајдени во камион во Британија. Британската полиција првично соопшти дека жртвите биле Кинези, но потоа неколку виетнамски семејства излегоа да кажат дека стравуваат оти нивните роднини се меѓу жртвите. Осомничените биле приведени за организирање и посредување при одење на луѓе во странство и за организирање на нивниот нелегален престој таму.

Сеул – Северна Кореја и САД би можеле да одржат уште еден круг преговори кон средината на ноември, за да го забрзаат напредокот пред истекот на рокот до крајот на годината што го одреди Пјонгјанг. Јужнокорејскиот пратеник Ли Еун-Џaе изјави дека се очекува двете страни да се состанат најдоцна до почетокот на декември за да ги почнат преговорите пред истекувањето на рокот.