Кога ќе проработи одговорноста, тогаш можеби ќе нè биде

Ако го отвориме Речникот на македонскиот јазик, во него во појаснувањето за зборот „одговорност“ има многу јасно толкување, кое гласи: „Обврска за совесно и добро извршување на примената должност, работа, задача со прифаќање да се одговара за лошото извршување, грешките, неуспехот во тоа“. Значи, во принцип, треба да се запаметат две работи, добро извршување на задачата и прифаќање вина доколку се направи грешка

Една стара поговорка вели „каде што има чад, има и оган“, па, така, може да се протолкува и закажувањето на итната седница на собраниската Комисија за транспорт на која главна точка на дневен ред е безбедноста во патниот, железничкиот и воздушниот сообраќај во земјава. Попусто надлежните смируваат со изјави од типот „грижата за безбедноста на патниците е на највисоко ниво“, кога во реалност неисправни автобуси преполни со патници излетуваат од автопат, товарен воз се излизгува од шините, на небото авионите летаат „на слепо“. И тоа не се случува само во последниве шест месеци, туку овие состојби се провлекуваат изминативе речиси 30 години, ако не и подолго.

Неисправните возила по патиштата се движат само затоа што во станиците за технички преглед не се вршат детални контроли на исправноста на возилата туку потрошувачите се привлекуваат со ситни подароци само за да бидат придобиени во поголем број. Затајува и МВР, кое треба почесто да го контролира нивното работење.

Состојбата со патиштата се подобрува, но многу бавно. Неколку децении беа потребни да се реализира автопат од 100 километри од Миладиновци до Штип и да се растовари сообраќајот на истокот на земјата, каде што во сообраќајки илјадници луѓе ги загубија животите поради тесните и небезбедни патишта. Па и готовите автопатишта се чекаше да бидат пуштени по една година, те пречела бандера, те немало ова, те немало она, недостигаа уште тапани и зурли и чочек во тунелот. Така е и со изградбата на автопатот Кичево – Охрид, одвај започна да се гради, па се смени власта, на новите не им чинела трасата, па ќе го поевтинеле, а работите стојат и пропаѓа и она што веќе е изградено. Не е ниту тоа проблем, бидејќи ќе се реши со некој нов анекс.

Ништо не е подобра и ситуацијата во железничкиот сообраќај. Во време кога во светот се експериментира со магнетно-левитирачки возови, кои развиваат брзини и до 600 километри на час, а оние што возат со 500 километри на час веќе редовно сообраќаат меѓу некои градови, кај нас ако некој воз постигне брзина од 100 километри на час недостига уште да се отвори шампањско поради поставениот рекорд. Сè уште се случува да прегрее локомотивата пред тунелот во Богомила, па се чека по половина час да се разлади стариот дотраен мотор, за да може да ја повлече тешката композиција. А изградбата на нови пруги? Ќе биде, откако ќе биде завршена историската пруга кон Бугарија, во 2025-та, или можеби во 2030-та, или можеби кога ќе нè примат во ЕУ. Или можеби никогаш.

Воздушниот сообраќај долго време беше во застој. По распадот на Југославија и конфликтите над македонското небо речиси и да немаше прелети, понекој спортски авион овде-онде и оние задолжителните, за прскање против комарци. Барем воздухот ни беше почист и не нè касаа толку комарците. Но времињата се сменија и воздушните коридори повторно беа отворени. Аеродромите добија концесионери и беа подновени, барем малку да заличат на воздухопловни пристаништа. Се овозможија и евтини летови кон многу европски дестинации, што е, секако, за поздравување. Почнаа да летаат дури и бесшумни авиони. Но и таму мора нешто да зачкрипи, оти политиката секаде ги вмешува прстите, особено онаму каде што има многу пари. И додека некои се натегале околу тендери за набавка на радар, откажал постојниот радар на скопскиот аеродром, а авионите во еден момент биле оставени сами на себе, односно на предупредувањата на компјутерите во леталата за „опасно приближување“.

Ете, така стојат работите, но она што е најстрашно од сето ова погоре споменатото, е што на одговорни функции се наоѓаат луѓе што ниту се стручни во областа со која раководат, а уште помалку се подготвени да понесат одговорност кога нешто ќе трне наопаку. Тие се таму затоа што партиите така се договориле, според пазарењето кој кое место и кој ресор да ги добие. Стручноста не е важна, важно е да се одработи за партијата и за себе.

А одговорност? Што беше тоа?
Ако го отвориме Речникот на македонскиот јазик, во него во појаснувањето за зборот „одговорност“ има многу јасно толкување, кое гласи: „Обврска за совесно и добро извршување на примената должност, работа, задача со прифаќање да се одговара за лошото извршување, грешките, неуспехот во тоа“.
Значи, во принцип, треба да се запаметат две работи, добро извршување на задачата и прифаќање вина доколку се направи грешка.

Во Македонија, со многу ретки исклучоци, политичарите како да се оперирани од одговорноста. Што и да се случи, вината се бара кај некој друг, најчесто кај оној што најмалку е одговорен. Виновен бил возачот, машиновозачот, пилотот, капетанот на бродот, тоа е најчестиот епилог по завршувањето на истрагите за несреќите.
Во цивилизираниот свет постои хиерархија, така што прв на удар е оној на врвот на хиерархијата, па потоа тие што се под него. Само таквото однесување води кон превенирање на состојбите во одредена сфера, односно елиминирање на можностите за грешка и спречување тие да се повторат.

Само тогаш кога ќе застане некој министер, директор или висок функционер и ќе соопшти дека поднесува неотповиклива оставка поради некој несакан настан, можеби ќе се роди некаква надеж дека работите во општеството ќе почнат да се средуваат на начин како што прилега, европски.