Селекцијата на Египет го елиминираше Исланд

Овие две репрезентации во блиска иднина ќе бидат меѓу водечките во светски рамки, откако обезбедија пласман во завршниците на СП, во кадетска и во јуниорска конкуренција

Германија – Данска и Египет – Португалија се денешните полуфинални двојки на Светското првенство (СП) во ракомет за кадети (до 19 години) што се одржува во Скопје, преку кои ќе се борат за место во финалето и за освојување на титулата светски првак.

Македонските кадети по победата над селекцијата на Аргентина (29-26) во разигрувањето за пласман, го освоија 13-то место на СП. За разлика од мечот против Аргентинците на почетокот на шампионатот што го загубија со 20-23, овој пат избраниците на селекторот Данило Брестовац одиграа одличен натпревар и забележаа заслужена победа.

Според селекторот, пласманот на Македонија е реален одраз за моменталниот квалитет во однос на врсниците, кои се дел од осмиот ракометен Мундијал.

– Задоволен сум од пласманот, но не и од играта на првенството. Не треба да се заборави дека Македонија е селекција од Б-дивизијата и дека треба да тежнееме што побрзо да дојдеме до посакуваната А-дивизија. Пред почетокот на првенството цел ни беше пласман во осминафиналето, а желба пласман во четврт-финалето. Задоволен сум од прикажаната игра против Данска и Португалија, но не и на другите натпревари, бидејќи не одигравме како што се договаравме. Не знам која беше причината за блокадата во играта, дали притисокот од домашниот терен или нешто друго? Ни недостигаше борбеност, немавме хемија во играта, немавме креативност во нападот како на тренинзите. Верувам дека постоеше желба и дека посакуваа победа, но имаше некаква ментална бариера. Ако Михајло Младеновиќ на сите претходни натпревари одиграше како во последниот со Аргентина верувам дека мечевите ќе имаа поинаков исход – смета Брестовац.

Исходот од натпреварите меѓу осумте најдобри селекции на Мундијалот најави промена на светската ракометна мапа. Ако тука се вкалкулира и пласманот на ракометарите од генерацијата 1998/99 на неодамна завршеното јуниорско СП во Шпанија, тогаш може да се констатира дека селекциите на Египет и на Португалија во блиска иднина ќе бидат меѓу водечките во светски рамки.

Египќаните без многу труд и мака славеа лесна и убедлива победа над Исланд (35-31), кој парираше само во почетните 15 минути. Четвртфинална жртва на Португалија, која во последен момент обезбеди вајлд-карта за настап на СП по откажувањето на Нов Зеланд и Океанија, беше бранителот на титулата кадетски првак, Франција, која беше поразена со 31-26. Португалските бекови, Мартим Коста и Андре Соуса доминираа на теренот постигнувајќи 11, односно, девет погодоци. Печат на победата стави и одличниот португалски голман Александре Магаљаеш со 13 интервенции. 

Португалија беше подобра од Франција

Серафимов најдобар стрелец и асистент

Според досегашната индивидуална и тимска статистика на Мундијалот, капитенот на македонската репрезентација Мартин Серафимов се наоѓа на првите позиции на листите за најдобри стрелци и асистенти на првенството. На седумте меча Серафимов постигна 49 погодоци и имаше 37 асистенции.
Селекцијата на Египет го бележи најдобриот напад во досегашниот тек на првенството со 235 погодоци или 33,57 во просек по натпревар, додека, пак, селекцијата на Германија ја има најдобрата одбрана со 154 примени гола или 22 во просек по натпревар.


ПЛАСМАН ОД 9. ДО 24. МЕСТО
9. Јапонија
10. Хрватска
11. Шведска
12. Норвешка
13. Македонија
14. Аргентина
15. Словенија
16. Тунис
17. Бахреин
18. Кинески Тајпеј
19. Србија
20. С.Арабија
21. Бразил
22. Чиле
23. Нигерија
24. Канада


ПОЛУФИНАЛЕ, САБОТА
Египет – Португалија 17.30 ч
Германија – Данска 20 ч.
МЕЧЕВИ ОД 5. ДО 8. МЕСТО,
Исланд – Франција 10.30 ч.
Унгарија – Шпанија 13 ч.
недела
МЕЧ ЗА ТРЕТО МЕСТО 15.30
ФИНАЛЕ 18 часот