Стандардната приказна за економскиот пораст на Кина се фокусира на државниот капитализам, при што државата преку огромните средства и капацитети може да води сеопфатна индустриска политика и да интервенира за да ги намали ризиците. Но таквото објаснување за успехот на Кина е погрешно

Жанг Јун

Брзиот економски пораст на Кина во изминатите децении го воодушеви светот. Но причините за успехот на земјата често се погрешно разбрани и погрешно протолкувани.
Подемот на Кина на големо ѝ се припишува на нејзиниот државен капитализам, при што државата, потпомогната од огромни средства и капацитети, може да води сеопфатна индустриска политика и да интервенира за да ги намали ризиците. Според тоа, Кина го должи својот успех пред сѐ на „контролата“ на државата врз целата економија. Ова објаснување е фундаментално погрешно.
Точно, Кина има корист од тоа што има влада со капацитет ефикасно да спроведува сеопфатни и комплементарни политики. Со лидери што не подлежат на кратки изборни циклуси, кои ги карактеризираат западните демократии, централното раководство на Кина може да се вклучи во визионерско и сеопфатно долгорочно планирање – пример за тоа се петгодишните планови.

Уште повеќе, моќта на кинеската држава го засилува нејзиниот капацитет за спроведување на плановите, кој е многу поголем од тој на повеќето економии во развој и транзиција. Силната држава, заедно со социјалната и политичката стабилност што таа ја обезбедува, е од суштинско значење за да се овозможи брз напредок на Кина во областите како образование, здравствена заштита, инфраструктура и истражување и развој. Сепак, сето тоа укажува дека Кина ги користи долгорочното планирање и стабилниот капацитет за спроведување на плановите, не за да го забетонира државниот капитализам туку за да ги унапреди економската либерализација и структурните реформи. Токму оваа долгорочна стратегија, која остана стабилна и покрај некои сопнувања и краткорочни отстапувања, е во срцето на повеќегодишниот брз пораст на земјата. Интересно, елементите на оваа стратегија доаѓаат директно од напредните земји. Во 40-те години дипломатска нормализација со САД, капитализмот во американски стил стекна цврсто место во Кина, особено меѓу интелектуалните и деловните елити на земјата. Значи, додека кинеската влада секогаш ставаше голем приоритет на стабилноста, таа исто така работеше да примени најдобри глобални практики во многу области, вклучувајќи ги и корпоративното управување, финансиите и макроекономското управување.

Сепак, овој процес на економска либерализација и структурни реформи е исто така уникатно кинески, сѐ додека ги нагласува конкуренцијата и експериментите на локално ниво, кои, пак, ја поддржуваат институционалната иновација оддолу-нагоре. Резултатот од тоа е еден вид де факто фискален федерализам, кој е моќен двигател на економската трансформација.

Плодовите од овој пристап се непобитни. Во изминатата деценија се појавија голем број кинески приватни финансиски и технолошки гиганти, кои, за разлика од нивните државни колеги, успеаја да се етаблираат како глобални лидери во иновациите. Неодамна објавената листа на „Форчн глобал 500“ за 2019 година, која ги рангира фирмите според оперативните приходи, опфаќа 129 кинески компании, споредено со 121 од САД. Кинески фирми меѓу „Форчн 500“ се гигантите за е-трговија „Алибаба“, „Џеј-ди“ и „Тенсент“, компанијата што стои зад популарната апликација за мобилни телефони „Вичет“.

Технолошкиот гигант „Хуавеи“ успеа да се искачи за 11 места во однос на минатата година, и покрај кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп против компанијата. Производителот на паметни уреди „Шаоми“, кој е стар само девет години, стана најмладата фирма во историјата што се нашла на овој список. Спектакуларниот пораст на овие компании, како и просперитетот и конкурентноста што тие помогнаа да се негуваат, не беше овозможен од индустриска политика диригирана од горе, туку со економската либерализација и со иновацијата оддолу-нагоре, што им го олесни овој пат. Во време кога САД ја обвинуваат Кина дека користи средства на државниот капитализам, како субвенции за домашни компании и бариери за странски фирми, за да стекне неправедна предност, вреди да се истакне степенот до кој земјата не им го должи својот економски успех токму на таквите политики.

Ова не значи дека лидерите во Кина не треба да запрат со реформските програми. По три децении двоцифрени стапки на пораст на БДП, застојот беше неизбежен. Но иако централната власт на Кина прифаќа одреден пад во годишниот пораст, таа мора да биде подготвена да дејствува и да остане посветена на решавање на структурните фактори што го дополнуваат трендот, како што се зголемувањето на трошоците за финансирање и намалувањето на повратот на капиталот.

Во меѓувреме, кинеската влада мора да продолжи да ги охрабрува приватното претприемаштво и иновациите (и веќе се посвети на тоа), истовремено зајакнувајќи го својот систем на конкурентен квазифедерализам. Исто така, таа мора да ги забрза реформите во управувањето со државата, како што беше ветено, за да се осигури дека ќе може да продолжи со понатамошната либерализација на пазарот. Кина измина долг пат кон спроведувањето на реформите и отворањето кон светот. Но таа не треба да ги потцени предизвиците што претстојат. Исто така не смее да се заборави како Кина стигна толку далеку. Како што вели една кинеска поговорка, на патувањето од стотина километри, 90 километри изгледаат само како половина изминат пат.

Авторот е декан на Економската школа при шангајскиот универзитет „Фудан“