Ракометарките на Вардар забележаа победа во реванш-четвртфиналниот натпревар над данскиот првак Митјиланд (32-25) и обезбедија пласман на фајналфор-турнирот во Лигата на шампионките (ЛШ) во Будимпешта (12 и 13 мај). Со оваа победа „вардарки“ го обезбедија петтото учество по ред во завршницата, со што станаа корекордерки, бидејќи откако се игра, според сегашниот систем, од сезоната 2013/2014, само Вардар и Будуќност настапиле на сите четири изданија.

Ѓер има три настапи, Букурешт два, а по еднаш Митјиланд, Динамо и Ларвик. Петтиот фајнал-фор во низа за вардарки ќе биде и последна шанса да се стигне до посакуваната шампионска титула, со оглед на тоа дека за следната сезона клубот најави реорганизација, со скромни амбиции. Лани Вардар играше во финалето и загуби од Ѓер. Претходно трипати беше трет. Покрај Вардар, пласман на завршниот турнир во Будимпешта обезбедија рускиот првак Ростов Дон, по убедливата победа над Ференцварош (32-22), и унгарскиот првак Ѓер, кој славеше во дуелот со Будуќност со 30-28. Синоќа во последниот четвртфинален дуел, романскиот шампион Букурешт со предност од 13 гола (34-21) му гостуваше на францускиот првак Мец. Ждрепката за полуфиналните двојки е закажана за утре попладне во Будимпешта.