Стартап-компанијата „Хибрид кинетик“ од Кина ги презентира своите најнови прототип-модели на електрични возила. Станува збор за луксузни автомобили што се очекува да пробијат на пазарот со целосна сопствена линија, и тоа во најбрз можен период. Автомобилите се погонувани од страна на електрични мотори со продолжен опсег, кои користат микротурбини за зголемување на дострелот. На технологијата на возилата, кинеската компанија соработува со италијанската дизајнерска компанија „Пининфарина“,која во овој случај ги дизајнира возилата.
Во последните две години, „Хибрид кинетик“ понуди четири различни модели на концепти на возила, а сега се најавени уште два. „Пининфарина“ пред извесен период откри информации за тоа како би изгледале концептите на овие возила. Едниот модел е мал градски автомобил наречен „К350“, а другиот е спортски седан со името „Х500“. Според фотографиите, она што се истакнува кај овие возила е футуристичкиот и необичен внатрешен ентериер. Претходните концепти на „Хибрид кинетик“ беа моделите „Х600 седан“, „К550“ и „К750“ и едно „ГТ купе“, сите со сличен изглед, факт што најавува дека сите модели на оваа компанија би изгледале многу слично. Друг факт што ги поврзува сите модели на кинескиот стартап е тоа што во сите модели користат ист механизам за пренесување на силата од моторот до тркалата, а притоа се создаваат 800 коњски сили. Моторите ја користат енергијата од батеријата, која може да се полни со наједноставен полнач или се поврзува со компактна микротурбина, која тежи помалку од 90 килограми.
Во презентациите е наведено дека микротурбината може да произведе дополнителни 80 коњски сили ако се користи при движење и постои можност таа да работи и на најразлични горива, како што се бензинот и дизелот, па дури и на водород. Се претпоставува дека возилата на „Хибрид кинетик“ би минувале речиси 1.000 километри со едно полнење. Се очекува првите модели да започнат да се произведуваат на почетокот на 2020 година. Автомобилскиот оддел на „Хибрид кинетик“ е дел од поголема групација, која се вклучува работа во финансии, производство на батерии и електрични автобуси. Компанијата исто така истражува и графин, материјал што е полесен и посилен од карбонфиберот и има потенцијал да ги го забрза времето на полнење и траење на денешните батерии.