Фото: Принтскрин

Пожар избувна на Бруклинскиот мост во Њујорк за време на градската огнометна претстава по повод 4 Јули , ширејќи го пламенот и создавајќи облак од чад пред пожарникарите да го изгаснат пожарот. Нема пријавени повредени, објави „Еј-би-си њуз“.

Две противпожарни возила беа употребени за гаснење на пожарот, соопшти градската противпожарна служба. Пожарникарите беа видени како го гаснат пламенот кратко пред 22 часот на мостот, кој беше затворен за сообраќај за време на претставата.

Портпаролот на одделот рече дека ваквите пожари не се неочекувани и затоа службениците ги држат толпите на растојание за време на огнометите.

Претставата беше преместена порано поради заканата од лоши временски услови што ги откажаа и одложија другите прослави долж Источниот брег. Тоа го вклучува и Вашингтон, каде што бурата предизвика евакуација на посетителите на Националниот мол.