Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во името на „Нова Македонија“, најстариот македонски дневен весник и во мое лично име голема благодарност за твојата мисија и твојата порака што ја упати до сите луѓе во Македонија дека заедно можеме да постигнеме резултати, изјави македонскиот сликар и хуманист Живко Поповски-Цветин подарувајќи му на Горан Пандев свои уметнички дела со цветни мотиви посветени на капитенот на македонската фудбалска репрезентација.

Поповски му подари врамена уметничка слика со своја и посвета од редакцијата на „Нова Македонија“, по повод деби-настапот на македонската репрезентација на Европското првенство, потоа 38 минијатури, монографија, уште неколку уметнички слики, меѓу другите и за фудбалските клубови Академија Пандев и Џенова… Во таа пригода Поповски и Пандев заедно пуштија во воздух и 10 балони исполнети со хелиум, кои со себе понесоа уште едно уметничко дело на Поповски со пораката „фудбалот обединува“.

– Се заблагодарувам од срце на сево ова. Ова се прекрасни моменти за мене. Среќен сум што сум тука. Се надевам дека многу млади ќе тргнат по моите патеки и да се радуваме сите заедно – рече Пандев.