Америка треба добро да размисли за својата економска војна со Кина

Само неколку дена пред Белата куќа да ја објави новата Национална безбедносна стратегија на САД во октомври, администрацијата на претседателот Џо Бајден објави опсежни ограничувања за извозот, со цел да ја запре Кина да напредува технолошки. Сепак, за овој развој на настаните малку се пишуваше во медиумите. На ова, Едвард Лус од „Фајненшел тајмс“ забележа дека „суперсила ѝ објави војна на голема сила и никој не забележа“. Ова можеби не е изненадувачки, со оглед на непостојаноста на вестите и сензационализмот со отпуштањата во „Твитер“ и пропаѓањето на системот со криптовалутите. Но новата американска политика кон Кина ќе остави поголеми последици од која било од тие приказни.
Може да се земе предвид мошне отрезнувачкиот предлог на американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан даден во септември, дека повеќе не е доволно за најголемата светска економија едноставно да ги надмине своите економски ривали преку технолошки иновации. Импликацијата е дека Америка мора да направи сè што може за да ги ограничи тие ривали и да им нанесе што е можно поголем економски удар. Сепак, оваа перспектива јасно сигнализира слабост. Тоа е признание дека политиките насочени кон зголемување на сопствената економска конкурентност на Америка може да имаат само ограничен успех.
Секако, новите извозни ограничувања се оправдуваат во име на националната безбедност, за да се одговори на воено-цивилната фузија што Кина ја практикува и растечкото значење на „стоките со двојна употреба“ (технологии што се дизајнирани за комерцијални цели, но имаат воена примена). Националната безбедност секогаш е привлечно образложение, па веројатно затоа новите економски политики на САД во однос на Кина наидоа на одобрување од страна на двете партии. Сепак, стратегијата е длабоко проблематична.
Прво, иако аргументот за националната безбедност е лесно да се изнесе, тешко е да се потврди. Иако Кина, секако, се промени во изминатите десет години, сепак таа не е Русија. Претерано е да се воведат строги економски санкции сега поради страв од тоа што Кина би можела да направи во Тајван или во Јужно Кинеско Море. Што е уште полошо, санкционирањето на Кина сега би можело да има спротивен ефект.
Второ, концептот на стоки со двојна употреба е погрешен, имајќи предвид дека секое добро има потенцијал и за цивилна и за воена употреба. Технологијата развиена за комерцијална употреба често се користи за воени цели, а војската отсекогаш била еден од главните клиенти на современите технологии. Но ако националната безбедност е навистина во прашање, САД треба да прекинат секаква трговија со непријателски земји, а не само со технолошки напредни. Но историјата покажува дека нашите пријатели денес можеби утре ќе станат наши непријатели.
Всушност, потезите на Америка против Кина се помалку за национална безбедност, а повеќе за економска доминација. Ако продолжи импресивниот напредок што Кина го постигна во последните три децении, би можела навистина да прерасне во најважната светска економија. Но погрешно е да се претпостави дека глобалната благосостојба е игра во која никој не добива и не губи, но и дека подемот на Кина значи пад на Америка.

Дополнително, останува да се види колку ќе бидат ефективни новите санкции, со оглед на тоа што САД ги воведоа еднострано без да се консултираат со своите сојузници. Ограничувањата на извозот, особено бараат блиска координација, а веќе постои причина да се сомневаме дека некои земји ќе се согласат со политиката на САД. Слично на тоа, уште од првичното соопштение на администрацијата на Трамп за извозни ограничувања насочени кон „ЗТЕ“, а потоа и „Хуавеи“, американските власти се мачат да го минимизираат негативното влијание на таквите ограничувања врз американските компании и да ги елиминираат каналите што им дозволуваат на учесниците во глобалните синџири на вредност да ги избегнат санкциите. Што е најважно, дури и ако извозните ограничувања се покажат ефективни, тие на крајот нема да ја спречат Кина да развива домашни технологии. Во „најдобриот“ случај, новите санкции ќе им купат на САД неколку дополнителни години економска доминација, по цена на мирни економски односи, кои добро им служат на двете земји три децении.
Нарушувањата во сложените глобални синџири на вредности ќе ги зголемат цените за потрошувачите и ќе го попречат технолошкиот напредок. Ќе страда соработката за суштински прашања како што се климатските промени. И работниците во САД сè уште нема да видат враќање на одамна исчезнатите производствени индустрии. Најголема корист ќе добијат консултантите и адвокатите што се платени да им помогнат на компаниите да сфатат како да се справат со сложените регулативи и новите барања за лиценцирање.
Се чини дека САД и многу други напредни економии заборавија колку корист имаа од отворањето на Кина во последните три децении, иако процесот не беше совршен. Владите никогаш не следеа доволно комплементарни политики за да ги компензираат оние што беа негативно погодени од влезот на Кина во светскиот трговски систем. Но „задушувањето“ на кинеската економија со обидот да се запрат нејзиниот технолошки и економски развој не е решение за овие проблеми.
САД и Кина успеаја да коегзистираат мирно и да просперираат во минатото, и покрај огромните разлики во културите и политичките режими. Во најдобар случај, економската војна ќе им донесе Пирова победа на САД. Во најлош случај, може да започне нова студена војна и да нè донесе чекор поблиску до воена конфронтација. Во секој случај, тоа не е во ничиј интерес.

Пенелопи Куџијану-Голдберг е професорка по економија на универзитетот „Јејл“