Од македонската влада се оптимисти дека ќе се исполнат плановите и од 1 декември ќе бидат ставени во функција сите производствени капацитети за електрична енергија, со што ќе се намали и потребата за увоз на енергија. Експертите и стручната јавност, сепак, се поскептични и поумерени во прогнозите

Владата со оптимистички најави за вклучување на сите расположливи домашни капацитети за производство на струја

Граѓаните и компаниите треба да бидат спокојни и тие ќе немаат проблеми во редовното снабдување со електрична енергија, а за таа цел од 1 декември годинава ќе бидат ставени во функција сите производствени капацитет за електрична енергија со кои располага АД ЕСМ, порачуваат деновиве од македонската влада. Министерот за економија Крешник Бектеши нагласи дека доколку потрошувачката на електрична енергија не се зголеми од декември нормално е да не се стават во функција сите капацитети и непотребно да се прават трошоци. Заштедите на мазут и јаглен ќе се користат во моментот кога потрошувачката на електрична енергија ќе биде поголема. Од друга страна, висината на увозот на струја, кој се движи околу 30 отсто, е директно поврзан и со подготвеноста на домашните капацитети да одговорат на заложбите за зголеменото темпо на работа во текот на зимските месеци и максимизирање на домашното производство.
Според податоците преземени од диспечерскиот извештај на АД ЕСМ за 19 ноември, од домашни извори биле произведени 6.519 мегават-часа електрична енергија. Од нив во термоцентралите се произведени 4.280 мегават-часа, а во хидроцентралите и во Ветерниот парк во Богданци се произведени 2.239 мегават-часа. Истиот ден од увоз биле набавени 3.160 мегават-часа електрична енергија. Дневното производство на струја на 20 ноември изнесувало 7.616 мегават-часа електрична енергија. Термоцентралите произвеле 5.643 мегават-часа, а во хидроцентралите и во Ветерниот парк во Богданци се произведени 1.973 мегават-часа. Набавени се 3.160 мегават-часа електрична енергија. Од завчерашниот преглед на ЕСМ се гледа дека од хидроцентралите во Македонија се произведени 2.477 мегават-часа (или 24 отсто од домашното производство на струја), од термоцентралите 7.525 мегават-часа (односно 74 отсто) и од ветерните централи 197 мегавати или два отсто од домашното производство на струја.
Доколку се прегледаат дневните извештаи на АД МЕПСО, на 21 ноември од домашните капацитети биле преземени вкупно 12.217 мегават-часа, додека вкупната потрошувачка за Македонија изнесувала 15.706 мегават-часа, што значи дека 3.589 мегават-часа биле покриени со увоз на струја. Тоа значи дека, според сегашната дневна потрошувачка на граѓаните и фирмите, во овој период на дневно ниво од произведената струја од домашните капацитети сме пократки во просек од 3.100 до 3.600 мегават-часа струја, која треба да се набави од увоз. Колку чини набавката на струја од увоз зависи од дневната цена на берзите за електрична енергија. Според податоците на унгарската берза, од која најчесто ја купуваме струјата, основната цената за мегават-час на 21 ноември изнесувала 248,63 евра, а вчера таа изнесуваше 228,26 евра.

Од македонската влада се оптимисти дека ќе им се исполнат плановите за ставање во функција на сите расположливи капацитети на ЕСМ – трите блока во РЕК „Битола“, РЕК „Осломеј“, ТЕЦ „Неготино“, КОГЕЛ, целиот хидропотенцијал и Ветерниот парк во Богданци. Очекувањата се сите овие домашни капацитети да го максимизираат своето производство и на тој начин да се намалат зависноста и потребата од увоз на енергија. Деновиве треба да пристигне и трансформаторот за третиот блок во РЕК „Битола“, по што во мрежата ќе биде ставен и тој блок. Вториот блок во РЕК „Битола“ е подготвен и ќе биде вклучен во мрежата. Во ТЕЦ „Неготино“ завршуваат сервисните и ремонтните активности и електроцентралата се подготвува за враќање во мрежата на почетокот на декември, информираа од ЕСМ.
– Во последните два-три дена е направен поголем увоз на електрична енергија поради тоа што претходно е направена набавката на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар, иако вториот блок во РЕК „Битола“ беше подготвен да се стави во функција во текот на викендот. Но поради тоа што беше направена набавката се одложи ставањето во мрежата на вториот блок во РЕК „Битола“. Доколку се намалат цените на дериватите, веднаш ќе биде вклучена во системот и ТЕЦ „Неготино“. Ако моментално го ставиме во функција ТЕЦ „Неготино“ ќе биде поскапо да произведува електрична енергија отколку да се набавува од увоз. Поради цената на мазутот производствената цена на електричната енергија во ТЕЦ „Неготино“ е околу 250 евра за мегават-час, што е поскапо од моменталните цени на енергијата што можеме да ја набавиме на отворен пазар за потребите на регулираниот пазар – изјави Бектеши.
Експертите од енергетскиот сектор се резервирани во однос на давањето оцени за исполнувањето на „оптимистичките“ планови на Владата за претстојната грејна сезона. Професорот Константин Димитров вели дека увозот на струја ќе расте, а тоа на крајот ќе го платат граѓаните преку повисоките сметки за струја.

– Мене ме загрижува фактот што цела година енергетските капацитети не се подготвени. Тие требаше да почнат да се подготвуваат уште на почетокот на годината. Што имаме на крајот на ноември? Работи само еден блок на РЕК „Битола“, гас имаме за еден месец и не се знае дали ќе се набави потоа, а мазутот велат само што не стигнал, додека неговата цена само расте. Да не заборавиме дека и цената на струјата на берзите е променлива и дека од јануари нема да биде онаа што сега е актуелна. Ова е состојба што мора да нѐ загрижи, а слушаме само смирувачки тонови – вели Димитров.
Со сегашната енергетска политика им се задоволуваат потребите на домаќинствата и на помалите потрошувачи од стопанството. Долгорочното решение е во изградба на сопствени капацитети за производство на струја, дополнува професорот Димитров.
Министерот за економија Бектеши посочи дека се прават калкулациите од 1 јануари, при што нагласи дека не се предвидува да има значително зголемување на електричната енергија, особено за домаќинствата и за малите потрошувачи. Во делот на домаќинствата ќе се анализира трошењето во блок-тарифите и доколку има потреба да се интервенира од страна на Владата. За четвртата блок-тарифа има размислувања да се одделат потрошувачите што имаат реални потреби за поголема потрошувачка од тие што нерационално ја трошат струјата.
Виктор Андонов, соработник на Владата за енергетика вчера, апелираше дека во текот на овој месец и периодот што следува сите треба да бидеме максимално одговорни поради пониските температури и, како што посочи, „да бидеме уште повнимателни во користењето електрична енергија“, со цел да продолжи трендот на намалување на потрошувачката на енергија. М.Ј.