Националисти, шовинисти, патриоти и космополити

555

Пред околу два месеца пишував за разликата меѓу државотворните проекти на Македонците и на Албанците, вистини и заблуди за државотворниот проект Република Македонија. Слоганот на еминентниот албански интелектуалец Васо Паша, „Единствена религија на Албанците е албанизмот“, послужи како платформа за национално обединување и беше прифатена од сите Албанци, без оглед на нивната верска припадност и без оглед на просторите каде живеат. Ваквата платформа ја прифатија и членовите на партијата на албанскиот комунистички лидер Енвер Хоџа.

Во времето на Хоџа, Албанија беше прогласена за прва атеистичка земја во светот! На основа на ваквата национална платформа и со помош и поддршка од спонзори (Австро-Унгарија и Ватикан), во 1912 година беше создадена првата албанска држава, а со асистенција од Австро-Унгарија во Битола била создадена и албанската азбука.
А дали Македонците имале проект за создавање своја држава? Дали делото на Крсте П. Мисирков, „За македонцките работи“, може да се третира како национална платформа? Мислам дека делото на Мисирков не може да се третира како национална програма, но добро би било свое мислење да кажат луѓе што се компетентни. Сакале или не сакале мора да признаеме дека таков проект не постоел. Во македонската историја се глорифицира улогата на познатиот македонски револуционер Гоце Делчев, но неговата платформа е базирана на космополитски, а не на национални консидерации. Неговиот познат слоган за „полето за културен натпревар“ е базиран на нагласени космополитски детерминанти, без какви било национални атрибути. Тоа сега го користат Бугарите и настојуваат да го присвојат по секоја цена, со цел да ги легализираат нивните претензии кон Македонија, кон македонскиот народ, кон македонскиот јазик, кон македонската историја и другите македонски атрибути.

Делчев не кажува чие е полето, ниту дека тоа треба да се штити и да се брани.
Спомнатата максима на Гоце како да е вградена во чипот на Македонците, а посебно во чипот на македонските корумпирани политичари, кои се заинтересирани само за тоа како да дојдат и како да се одржуваат на власт! За да ја задржат власта, подготвени се за максимални отстапки со кои сериозно се загрозуваат темелите на македонската држава. Држава што ја водат алчни политичари, незаситни профитери, кои се подготвени заради изборни потреби да им дадат македонско државјанство на 150-160 илјади луѓе што немаат право на тоа или давање македонско државјанство на непознат број луѓе на основа на изјави на двајца сведоци, политичари што се одржуваат на власт долги години на основа на тендер-коалиции или со аболиции за воените злосторства на коалицискиот партнер, кој беше повикан на сослушување во Хашкиот трибунал, но беше ослободен врз основа на одлуката за аболиција од највисокиот законодавен орган на РМ, политичари што за да опстанат на власт прифаќаат уцени околу процентот на етничките групи во вкупниот број на жители во РМ и многу други сомнителни и заткулисни договори, упатува на заклучок дека македонската држава е провизориум, чија иднина е неизвесна. Можеби станувам досаден, но ако треба уште илјада пати ќе повторам дека сум длабоко убеден дека главна вина за катастрофалните состојби во и со Република Македонија сноси егоцентричниот прв македонски претседател поради тоа што не ја прифати понудата на еминентниот македонски, југословенски и светски дипломат Лазар Мојсов да ѝ помогне на Република Македонија околу нејзиното признавање и меѓународно етаблирање. Во повеќе наврати пишував дека доколку беше прифатена неговата понуда, Република Македонија, со поддршка и помош на неговиот личен и семеен пријател Џорџ Буш Постариот, ќе беше ставена на брза лента и одамна ќе станеше членка на ООН, на НАТО и на ЕУ и на тој начин ќе ги избегнеше голготата и уцените што ѝ ги правеа и сѐ уште ѝ ги прават соседните земји.

Преамбициозниот и препотентен прв македонски министер за надворешни работи постојано вергла против македонските националисти, но, иако е универзитетски професор, или не знае или никој не му кажал дека, во турбулентните времиња, државите ги создавале националисти, односно патриоти што ги сакале нивната држави, нивните народи и нивната култура, а не космополити, кои се гордеат со нивните желби да бидат граѓани на светот. Во тој поглед ќе го наведам случајот со Словенија, која од ООН е прогласена за најдодржлива земја во светот! Меѓутоа, никој не спомнува дека ваквата меѓународна позиција е изградена на национализмот, односно на патриотизмот на мудрите и национално свесни словенечки државници, почнувајќи од Борис Кидрич и Едвард Кардељ, па сѐ до Милан Кучан. Паметните Словенци имаат национална платформа што ја почитуваат сите словенечки политичари. Словенечко државјанство се добива на основа на строги законски прописи, вклучувајќи го и познавањето на словенечкиот јазик, а не на основа на пазар на политичарите за да се одржат на власт! Пред десет години на изборите во оваа земја победи партијата Позитивна Словенија на Зоран Јанковиќ, која беше основана шест месеци пред изборите, а на последните избори победи партијата на Роберт Голоб, која беше формирана еден месец пред изборите! Успесите на Словенија се базирани на економскиот национализам, кој мудрите Словенци не сакаат да го признаат. Сите поголеми словенечки трговски и осигурителни компании и банки имаат свои претставништва во поранешните југословенски републики, но не дозволуваа отворање претставништва на фирми од другите републики на нејзина територија. По создавањето услови граѓаните да имаат право да отвораат девизни сметки, паметните Словенци веднаш пристапија кон прибирање девизи и од македонските граѓани, а собраните девизи ги носеа во Словенија! Девизните сметки во Македонија, а девизите во Словенија!

Поради мошне едноставните процедури за отворање девизна сметка во Љубљанска банка, отворив девизна сметка во оваа банка, но кога побарав девизен кредит за купување стан бев одбиен со објаснување дека такви кредити им даваат само на словенечки граѓани! Девизите ги префрлив во тогашната Југобанка од која добив ваков заем. Новата Љубљанска банка и денес е една од најголемите и најуспешни банки во Република Македонија. Слична е состојбата и со осигурителната компанија „Триглав осигурување“. Доколку Македонија побара да отвори филијала на некоја банка, осигурителна или трговска компанија во Словенија, убеден сум дека тие не само што би имале големи тешкотии околу добивањето дозвола за нивното отворање и работење туку тешко би можеле да опстанат на словенечкиот пазар, бидејќи Словенците поради патриотски причини не ги прифаќаат странските компании.

Економски национализам постои и во многу други земји. Пред дваесетина години во полските медиуми беше објавен податок дека во Јапонија домашно говедско месо се продава по цена од 100 долари за килограм, а далеку поквалитетно увозно месо се продава по цена од 60 долари, како и дека Јапонците купуваат домашно, а не поквалитетното и поевтино увозно говедско месо! Тоа е тој економски национализам или ако сакате патриотизам што е всаден во свеста на Словенците и на Јапонците за купување на домашните производи, што во Македонија е само мислена именка.

Во ЕУ се прави баук поради национализмот на новите членки на ЕУ, посебно на Полска и на Унгарија. Пред неколку години, Европа се соочи со сериозна мигрантска криза. На Германија ѝ беа потребни околу еден милион работници. Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел бараше сите членки на ЕУ да прифатат аликвотен број мигранти, но Полска, Унгарија и Чешката Република не го прифатија овој предлог, бидејќи знаеја дека Германија ќе ги одбере најквалитетните мигранти, а остатокот ќе им ги натури на другите членки на ЕУ. Унгарскиот премиер Орбан не се согласува ни со санкциите на Западот кон Русија и настојува да ги обезбеди интересите на неговата земја и нејзините граѓани.

Коста Стоименовски