- Нирнбершките процеси се сметаат за судска неопходност со која историјата влегла на вистинската патека. Злото било казнето. А денес, на кој камен денес ние на Балканов газиме? Дали сме доволно образовани и сме направиле длабоки самоанализи за да можеме да препознаеме што е просо, а што пченица? Без тоа нема напред, нема изградена нација доколку не препознава. Македонија, за жал, се лизна токму на тоа мачно и мрачно досие од 2001 година и остана да тежи прашањето – дали калашников-правдата ја победи правдата на Јустиција. Иста тежина имаат и случаите со Ратко Младиќ и со лидерите на ОВК
Дејството на овој мој кус, но поучен, новинарски филм се случи во Лондон во бурната 1995 година. Уште се распаѓаше Југославија, а Македонија се обидуваше да стане држава и покрај сите пречки поставени пред неа. Тој мај 1995 година ми се посреќи да одам во Лондон на обуката на „Ројтерс“ насловена „Пишување меѓународни вести“. Извонредна обука, и имаше од кого да учиме. Иако, ние тогаш, а и сега мислиме дека токму ние сме го измислиле тркалото, па и топлата новинарска вода. Нека биде така, но поарно е да имаме претстава каде сме. Да одиме низ светот со отворен ум, очи и начулени уши. Друго, па, и немаме и не ни треба. Ова се доволно силни антени за прифаќање на сигналите. „Ројтерс“ тогаш имаше седиште на Флит стрит, а подоцна токму таа улица ми стана инспирација за една моја песна во која во еден стих велам дека „Јана ја убиваат на Флит стрит“. Нашата Јана, од народните песни, нашата убава Јана…
Една од атракциите што тогаш ги посетив беше музејот на восочни фигури „Мадам Тисо“. Имаше што да се види. Во тоа време главни фаци беа Шварценегер (се сликав покрај него, а кога му ја покажав фотката на еден мој другар само зина и кажа – а бе, го прошета светот!), Жерар Депардје (и со него, иако денес не е за фалење да имаш слика со него зашто е етикетиран), па и со една од иконите на тоа време Грејс Џонс.
Имаше смешни случки. Така јас ја гледам и ја проучувам Грејс Џонс, ни да трепнам, извонредно направена во восок, мислиш сега ќе запее, кога јас направив еден чекор наназад, а зад мене некоја девојка толку се исплаши што вресна и излезе од чевлите.
Потоа се изнасмеавме. Оди, оди не се дошетува музејот. Прашувам еден од вработените: Го имате ли Тито? Секако. Ја гледате онде онаа просторија? Да. Е, таа е одвоена од главните холови. Таму се сместени лошите ликови од историјата. Деспоти, тирани, злосторници. Ете таму го сместиле нашиот маршал Тито, доживотниот претседател на СФР Југославија?! И намерно се одвоени за да не се мешаат со другите. Ние можеме сега да дебатираме дали тоа било исправно или не, но Тито беше сместен меѓу диктаторите. И што е тоа чудно кога ние се фалевме со терминот „диктатура на пролетаријатот“. Тито и денес се смета за диктатор, а архивите ги бројат жртвите и на Титовиот режим.
Не случајно ја отворив темата за тоа како ние го одредуваме местото во историјата на нашите лидери и дали сме навистина дораснати, зрели и мудри да препознаеме вистински лидер или имаме тенденција да се идентификуваме со оние што биле на погрешната страна на историјата. Ако грешката сме ја направиле вчера (минатото), тоа не значи дека денес не можеме да ја исправиме. Затоа што ако дозволиме семката на злото да влезе во некоја леа, од таа семка во бавчата ќе никнат сите зла од минатото. И тогаш ќе потврдиме дека и сме заборавиле откако претходно и сме простиле.
Го следев судењето на Радован Караџиќ и бев присутен кога му ја соопштуваа пресудата во Хаг. Не бев во судницата, туку во специјалниот дел за новинари, и бев во предворјето на Хашкиот трибунал каде што разговарав со „жените од Сребреница“, кои бараа правда. Бараа некаква утеха, зашто како може да има правда кога некој извршил масакр. Геноцид. А за истото најтешко дело е осуден и генералот Ратко Младиќ, кој почина пред неколку дена во затворска ќелија во Шевенинген. Во затворска ќелија почина и Слободан Милошевиќ, кој подоцна беше погребан во дворот на неговата родна куќа во Пожаревац. Една жена од народот тогаш изјави: Го погребаа под липа?! Но Милошевиќ беше погребан и денес кој сака може да оди да му запали свеќа. Многу поранешни лидери немаат гробно место. Историјата ги осудила и им пресудила. А ако зборуваме за историјата како казна, тогаш мораме да го спомене случајот со нашиот великан Панко Брашнар. Зошто Панко да нема гроб? Зошто не е исправена таа историска грешка?
Хитлер нема гробно место, не се знае ни коските каде му се. Хитлеризмот, односно наци-идеологијата не е мртва, тоа го гледаме, но се знае каде во историјата му е местото на Адолф Хитлер, фирерот Хитлер виновен за милиони и милиони мртви. Ние денес знаеме и мораме да имаме познавање на историските факти зошто е така со нацизмот, фашизмот и со другите геноцидни идеологии и режими.
Затоа и не чуди дека ако нештата не се знаат и не се кажуваат со вистинското име, настануваат проблеми. Се мешаат водата и виното. Кој и зошто денес ги глорифицира ликот и делото на Ратко Младиќ? Не се само во Србија или во Босна, туку пошироко во регионот. За нас Македонците можеби бил позитивен лик во одреден период, а сум добил информација дека во време на југословенскиот конфликт застанал зад тоа Македонија да не се чепка воено. За возврат македонската влада му гарантирала безбедност, еден вид јатак. Не знам дали е ова точно, иако информацијата ја добив од сериозен владин извор. Но и да е точно, ние мораме да ја имаме предвид неговата пресуда, која е најтешка кога станува збор за законите за војување и за злодела против цивилите. Осуден е и за геноцид. Дали генералот Младиќ треба да има државен погреб со сите почести? Проценете. И треба да имаме предвид што би значела таа порака за сегашните помлади генерации. Дали утре некој треба да тргне по неговиот пат? Некои уште утре би тргнале, таква е атмосферата, зашто се убедени дека е тоа вистинскиот пат. Не ги виделе жените од Сребреница, не ги виделе масовните гробишта, тие не веруваат на солзите и не им е важно што невооружени луѓе биле убивани.
Косово. Територија на која во 14 век (1389) Македонија ја создава првата мултинационална воена сила за да се бори за опстанок и на империјата и на Европа против новиот светски господар – Отоманците. Оттогаш се зборува за распади, интриги, поделби, братоубиства и колежи. Едни против други, браќа и братучеди секој на ножот против другиот. Тоа е историја од која мора да се извлекуваат поуки, но тешко оди. Не сме сами во тој историски вител, и другите нации пропаѓаат докажувајќи ги своите величини на штета на другите, но на крајот сите се обидуваат да седнат на маса и да градат заеднички проект. Тамам деновиве одбележуваме пакт меѓу Франција, Германија и Полска, пакт (Вајмар) како историски патоказ кон соработка, а не кон нови колежи. Се чека деновиве пресудата за повеќе обвинети лидери на Ослободителната војска на Косово, а меѓу нив, без двоумење, е една од косовските модерни воени легенди – Хашим Тачи. За воени злосторства веќе паднаа пресуди од Специјалниот суд за Косово со седиште во Хаг. А, да, зошто во Хаг, иако тој суд е дел од косовското судство? Кога се отвори досието за ОВК за можни воени злосторства почнаа да исчезнуваат сведоци. Така меѓународната заедница го префрли судот комплетно со советите и регистраторот надвор, на безбедно. Се чека пресудата, а за жртвите тоа значи – правда. И историска пресуда, за идните генерации да знаат кој каде припаѓал и што правел. Денес може да се глорифицираат ОВК и дел од нејзиното раководство, но меѓународната правда вели дека тежината на злоделата мора да се извага на кантарот на Јустиција. Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими се обвинети за злосторства против човештвото (шест дела) и за воени злосторства (четири дела). Станува збор за убиства без судење, тортура, киднапирања и други злодела. Некои не ја ни чекаат пресудата, туку уште сега се закануваат дека регионот ќе гори доколку тие лидери на ОВК бидат осудени. Реторика позната за регионов,и слушната кога беа во прашање и судските процеси за југословенскиот воен конфликт. Имаше и тогаш притисоци и закани кон обвинителите, тоа не е лесна работа, но иако се смета дека процесите влегувале и во контроверзи, сепак, на крајот историјата го ставила печатот на правдата. Денес нирнбершките процеси се сметаат за судска неопходност и дека историјата влегла на вистинската патека.
А денес, на кој камен денес ние на Балканов газиме? Дали сме доволно образовани и сме направиле длабоки самоанализи за да можеме да препознаеме што е просо, а што пченица? Без тоа нема напред, нема изградена нација доколку не препознава. Македонија, за жал, се лизна токму на тоа мачно и мрачно досие од 2001 година и остана да тежи прашањето – дали калашников-правдата ја победи правдата на Јустиција. Македонскиот систем не успеа да ги однесе во судница обвинетите за воени злосторства, па наместо во судницата, некои од обвинетите седнаа во пратенички клупи. Тоа е типичен пример за историја во дисконтинуитет и таквиот однос на државата/системот има навигација во погрешен правец. Затоа и не нѐ чуди што овде не ги знаеме нештата и не сакаме да ги користиме вистинските зборови за нешто што е од другата страна на законот. Затоа и не знаеме дека Македонија, на пример, во еден глобален извештај е наредена како корифеј на антисемитизмот. Тоа не е од причини затоа што некои ја поддржуваа Палестина, тоа го има насекаде, туку затоа што беа подигнати споменици на балисти, соработници на нацизмот, виновни за злодела. Ним историјата им пресуди, но денес глорификаторите на бализмот го оживеаја наци-фашизмот во македонскиот „Мадам Тисо“. Жртвите од 2001 година не видоа правда ни до ден-денес.































