Фото: ЦУК / Илустрација

Вкупно 31 пожар на отворен простор се регистрирани до 7.30 часот изутринава, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, еден пожар е активен, три се ставени под контрола, а 27 се целосно изгаснати.

Активен е пожарот на подрачјето на општина Ѓорче Петров, во атарот на селото Грачани. Според информациите од ЦУК, пожарот моментно е активен на територијата на Косово, каде што гори шума.

Под контрола се три пожари: во општина Сарај, кај селото Копаница, каде што гори нискостеблеста шума и ниска вегетација; во општина Чучер-Сандево, кај селото Брест, на локалитетот Рамно на Скопска Црна Гора, каде што е зафатена мешана шума; како и во општина Струга, помеѓу селата Буринец и Локов, каде што гори нискостеблеста шума.

Во меѓувреме, изгаснати се 27 пожари на повеќе локации низ државата. Пожари биле регистрирани во општините Зелениково, Центар, Бутел, Шуто Оризари, Прилеп, Охрид, Струга, Велес, Липково, Ранковце, Брвеница, Желино, Маврово и Ростуше, Битола, Струмица, Градско, Гостивар и Куманово.

Меѓу изгаснатите пожари има и пожари на шума, ниска вегетација, сува трева, стрништа, пасишта и диви депонии.